Војната со Иран ја оптоварува германската економија
Кога Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран, реакцијата не се чекаше долго. Режимот на мулите оттогаш речиси слепо и бесно возвраќа и напаѓа воени и цивилни цели во соседните земји. Иран, исто така, повеќе не сака да дозволи бродови да поминуваат покрај неговиот брег. Ормускиот Теснец, тесното грло во Персискиот Залив преку кое секојдневно се транспортира околу 20 проценти од глобално тргуваната нафта, фактички е затворен.
По нападот, цената на нафтата веднаш значително порасна. И на германските бензински пумпи нагло пораснаа цените на бензинот и дизелот. Во зависност од регионот, цената на супер-бензинот во одреден момент достигна и до 2,50 евра по литар. Просечната цена на дизелот моментално е нешто над две евра, што е околу 30 центи повеќе отколку пред нападот врз Иран.
Растечките цени на енергијата како директен товар
Уште поекстремни скокови на цените имаше кај гасот, откако Иран со дронови нападна постројки за течен гас (ЛНГ) во Катар, по што производството беше запрено. Германија не увезува ЛНГ директно од Катар. Снабдувањето е диверзифицирано, а голем дел од гасот доаѓа преку норвешки гасоводи. Сепак, клучни за цените се условите на европскиот големопродажен пазар, кој се води од односот меѓу глобално достапната понуда и тековната и очекуваната побарувачка.
Зголемувањето на цените на енергијата не ги погодува само домаќинствата, туку и индустријата, која се соочува со повисоки производствени трошоци. Особено погодени се енергетски интензивните индустрии како хемиската, челичната, стакларската и хартиената индустрија, но и автомобилската индустрија и машиноградбата.
Шок за владата на Мерц
Војната со Иран на Германија ѝ покажува колку се ранливи високоиндустријализираните економии во ера на глобални кризи. Така сметаат и германските економисти. Вероника Грим, една од петтемина т.н. „економски мудреци“, односно економски советници на германската влада, предупредува на растечки инфлациски ризици и дополнителна неизвесност за инвестициите. „Мораме да се подготвиме за подолг период на зголемена неизвесност“, изјави професорката за германската мрежа РНД.
Во германската политика се огласуваат алармни ѕвона. Веќе десет месеци владее коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД. Канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) за време на изборната кампања и при стапувањето на функцијата вети дека оживувањето на германската економија ќе биде негов апсолутен приоритет. Но економскиот подем сè уште се чека. Малиот пораст што Германија го доживеа на почетокот на годината би можел повторно да биде поништен поради војната со Иран.
Отров за економијата
Цените на енергијата во Германија значително пораснаа уште по почетокот на руската инвазија врз Украина. Дополнително зголемување на цените, нестабилни синџири на снабдување и поголема глобална неизвесност делуваат како отров за германската економија.
Економистката Грим повикува Европа да ја направи својата енергетска снабдувачка мрежа поотпорна — преку диверзифицирани синџири на снабдување, добро наполнети складишта, координирана европска набавка и забрзано проширување на сопственото производство на енергија. Ова се барања што се појавија уште пред четири години, кога престанаа руските испораки на гас. Но спроведувањето сè уште заостанува. По екстремно студената зима во Германија, складиштата за гас се речиси празни.
Кочница за транспортот и авијацијата
Покрај енергетската криза, војната со Иран носи и други оптоварувања — особено за транспортниот сектор. И германските бродски компании мораат широко да го заобиколуваат Персискиот Залив, што ги забавува глобалните синџири на снабдување и ја загрозува сигурноста на испораките. Осигурителните премии за поморскиот транспорт растат, како и трошоците за гориво.
Воздушниот простор над некои заливски држави е делумно затворен. Авиокомпаниите мораат значително да ги пренасочуваат своите рути. Тоа не само што го продолжува времето на патување, туку ги зголемува и трошоците за керозин.
Со секој ден во кој растат цените на енергијата, се зголемува ризикот од нов бран инфлација. Компаниите мораат да ги префрлат трошоците врз потрошувачите, зголемувајќи ги цените на своите производи. Тоа веќе ја поттикна инфлацијата за време на енергетската криза во 2022 година, што граѓаните го почувствуваа во продавниците. Кога трошоците за живот растат, потрошувачите губат куповна моќ, што се одразува на домашната економија. На меѓународниот пазар, германските производи стануваат помалку конкурентни поради високите цени — што е дополнителен голем проблем за извозно ориентираната германска економија.
Како реагира германската влада?
Иако политичарите ги гледаат проблемите, политичкиот одговор засега е умерен. Министерката за економија и енергија Катарина Рајхе (ЦДУ) формираше „таск-форс“ која секојдневно ќе ја анализира ситуацијата и ќе подготвува можни мерки. Целта е да се следат ценовните скокови, да се надгледува сигурноста на снабдувањето и да се проценуваат последиците врз компаниите. На социјалните мрежи ова се коментира и со доза на сатира.
„Континуирано ја проценуваме и следиме ситуацијата“, изјави владиниот портпарол Штефен Мејер во петокот (06.03.). Портпарол на Министерството за економија додаде дека владата поддржува мерки за поголема конкуренција и транспарентност во нафтената индустрија. За проценка на економските последици од војната на Блискиот Исток сè уште е рано, но: „Ризиците се очигледни.“
Одбивање на ограничување на цените на горивото
Владата засега одбива директно да интервенира во цените на горивото на бензинските пумпи. Веројатно и затоа што во 2022 година краткорочниот попуст за гориво имаше ограничен ефект. Сега антимонополската служба треба да испита дали нафтените компании ја користат кризата за прекумерно зголемување на цените, префрлајќи ја повисоката цена на суровата нафта врз потрошувачите, иако нивните резервоари биле наполнети по пониски цени.
Факт е дека владата значително профитира од високите цени на горивото. Речиси половина од сумата што ја плаќаат возачите оди во државната каса преку различни даноци. Лобистички здруженија како автомобилскиот клуб „Mobil in Deutschland” веќе ја обвинија владата дека „полни буџет на грбот на возачите“.
Многу критики за енергетската политика
Во кризата, германската влада се обидува да испрати порака за стабилност. Се укажува на веќе донесените мерки за намалување на цените на енергијата, како намалување на данокот на струја за компаниите и укинување на одредени давачки. Но критичарите велат дека владата на Мерц ја продлабочува зависноста од фосилни горива, наместо да ја намалува во согласност со климатските цели.
Еколошките и потрошувачките организации критикуваат дека проширувањето на обновливите извори на енергија е забавено. Законите го кочат развојот на ветерната енергија и соларните проекти. Во момент на глобална неизвесност, Германија со тоа изгледа помалку отпорна на кризи отколку што би требало да биде.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Војната со Иран ја оптоварува германската економија
Кога Соединетите Американски Држави и Израел го…
Најмалку 15 милијарди долари од извоз на…
Најмалку 15,1 милијарди долари приходи од извоз…
Пропагандистот на Путин повикува на напад врз…
Владимир Соловјов, еден од најпознатите руски пропагандисти,…
Мицкоски: Трагедијата во Кочани е еден од…
Постојат настани во историјата на една држава…
Коцевски во Кочани: Оддадена почит на жртвите…
Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска…