Во 2022 година Комунална хигиена собра 161 960 тони комунален отпад : Исчистени улици, споменици, депонии и низа останати активности за чисто Скопје

t

Во текот на 2022 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа вкупно 161 960 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, односно во просек беа подигнати и транспортирани приближно 444 тони на ден, информира в.д директорката на претпријатието Косана Николиќ Мазнева.

Во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, собирањето и транспортот на комуналниот отпад од речиси 5000 надземни, подземни и полуподземни контејнери се реализираше седум пати во неделата, во три смени, додека приближно 67 000 канти наменети за одлагање на комуналниот отпад од индивидуалните домаќинства се празнеа два пати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови.

Во зимскиот период беше реализирано чистење на нападнатиот снег и мразот, додека ЈП Комунална хигиена-Скопје интервенираше и при расчистувањето на сите скопски општини по обилните врнежи и поплавата што го зафати градот Скопје во месец август. Активностите се одвиваа со максимален капацитет и ангажираност на сите расположливи работници, како и употреба на целокупната механизација на терен, со цел да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот и проодност во движењето на пешаците.

Во периодот јануари-декември 2022 година, екипите на Претпријатието континуирано ја одржуваа и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење. Се спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија.

Во координација со скопските јавни градски претпријатија беа спроведени повеќе акции за генерално чистење на Камениот мост и кејот на реката Вардар.

ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше и активности за чистење на спомен-обележјата во градскиот парк, а беше извршено рачно и машинско метење и миење на сите затворени и зонски паркиралишта, воедно и паркинг-просторот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ , пред градската општа болница „Осми септември, како и во парк-шумата Водно.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за рачно миење на сите садови наменети за одлагање на отпадот лоцирани на територијата на градот Скопје, како и машинско миење на микролокациите каде што се поставени садовите.

Беше извршена замена на застарените метални садови наменети за одлагање на комуналниот отпад лоцирани на булеварот Партизански одреди, коишто беа заменети со нови пластични садови со зафатнина од 1,1 кубни метри.

ЈП Комунална хигиена-Скопје ги репарираше и сите оштетени садови наменети за одлагање комунален отпад со зафатнина од 3,2 кубни метри што се поставени на територијата на градот Скопје, при што воедно се изврши и замена на неупотребливите контејнери со нови садови.

Во текот на минатата година, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани вкупно 10 498 кубни метри отпад од голем број диви депонии лоцирани во речиси сите скопски општини. Само во рамките на акциите за генерално чистење на скопските општини во организација на Градот Скопје, што се одвиваа во периодот од 21 март до 28 мај 2022 година, беа расчистени диви депонии на приближно 150 локации. Во текот на овие акции беа поставени и специјални садови каде што граѓаните имаа можност да го одложат својот кабаст отпад, што беше подигнат и транспортиран од страна на екипите на Претпријатието.

ЈП Комунална хигиена-Скопје и понатаму продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање на надоместок во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, од 09 до 19 часот.

Воедно, на бесплатниот телефонски број 0800 222 33, корисниците може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови со специјалните возила на ЈП Комунална хигиена-Скопје, што се наплатува согласно однапред утврден Ценовник, објавен на веб-страницата на Претпријатието.

Во текот на 2022 година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше секојдневни дежурства во реоните каде што се забележани континуирани прекршувања на Законот за јавна чистота. Изготвени се вкупно 578 едукативни записници, наменети за граѓани и правни субјекти затекнати при неправилно одлагање отпад на јавни површини. Претпријатието спроведе и едукативно-информативни активности во скопската општина Ѓорче Петров, каде што граѓаните на терен беа информирани на кој начин правилно да го одлагаат својот комунален отпад и кои се последиците од несовесното постапување со отпадот.

ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше еко-предавања и работилници во дваесет основни училишта, како и во десет предучилишни установи, со цел-подигнување на свеста за правилното постапување со отпадот кај нашите најмлади сограѓани. Во текот на 2023 година се планира да бидат реализирани предавања и работилници во уште дваесетина училишта и предучилишни установи, како и посебен циклус на предавања наменети за штитениците на СОС-детското село.

„И во 2023 година, врвен приоритет на ЈП Комунална хигиена-Скопје останува одржувањето на максималното ниво на хигиената и чистотата на градот Скопје и заштитата на јавното здравје. Апелираме до жителите на нашиот град, преку правилното одлагање на отпадот и примената на примарната селекција и самите да придонесат за реализацијата на нашата визија за поубаво, поздраво и почисто Скопје. “ – изјави в.д. директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Неправилно одлагање отпад во седум скопски општини…

Како што информираат од претпријатието ЈП Комунална…