Вработените во Министерството за култура и денеска на протест, бараат средба со министерот за финансии
И на денешниот протест вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм побараа од министерот за финансии Фатмир Бисими да ги прими и да ги слушне нивните барања. Тие уште еднаш испратија апел за зголемување на нивните плати за 30 проценти, по примерот на зголемувањето на платите во Министерството за финансии.
Четири дена министерот Бисими не издвои десет минути од своето време, од својата агенда да не удостои со своето внимание за да ги слушне нашите барања. Уште една манифестација на нерамноправниот однос на надлежните кон вработените во јавниот сектор. Уште една потврда дека вработените во одредени министерства се поважни од другите. Уште една потврда дека не постои волја да се решаваат работите туку да се наметнуваат решенија кои се поволни за едните, но не и за другите, порача претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, на денешниот протест што се одржа четврти ден.
Тој потенцираше дека Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм немаат склучено никаков колективен договор на ниво на работодавец. Според него, 70 проценти од вработените во Министерството, односно 90 проценти во Управата имаат подпросечна плата во државата.
Колективниот договор кој вчера беше посочен од страна на претседателот на Владата се однесува за вработените во установите од областа на културата, а не на вработените во Министерството, Агенцијата и Управата. Бараме достоинствена валоризација на нашиот труд, бараме зголемување на платите за 30 проценти по примерот на зголемувањето на платите во Министерството за финансии, го бараме она што го заслужуваме, додаде Костовски.
Тој посочи дека нема да отстапат од нивните барања. Како што рече, подготвени се на дијалог, но во отсуство на истиот, ќе бидат принудени да бараат нови начини за изразување на нивното незадоволство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Британија привремено го повлекува целиот персонал од…
Велика Британија соопшти дека привремено го повлекува…
Босна и Херцеговина привремено ги затвора амбасадите…
Заедничките институции на БиХ започнаа подготовки за…
Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти…
Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти…
Рокас без предвидување за извештајот на ЕП:…
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека не може…
Просечната нето плата во април 45.452 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во…