Време е за оставки! Македонија декласирана од Англија на „Олд Трафорд“
Фудбалската репрезентација на Македонија нема по добро да го памети гостувањето на „Олд Трафорд“ кај селекцијата на Англија затоа што во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година доживеа пораз од 0-7 (0-3), кој воедно е и највисокиот пораз во историјата на нашиот национален тим.
Само Чешка досега ни имаше дадено шест гола, ама Македонија на тој меч во 2005 година стрела еднаш и така овој резултат во Манчестер е историски. Претходно, фудбалерите имаа порази од по пет гола, тоа беа против Белгија (0-5, 1995), Унгарија (0-5, 2001) и Словачка (0-5, 2001). Воедно, ова е прв пораз за Македонија на англиско тло, по ремијата во Саутемптон (2-2) и Манчестер (0-0) во 2002 и 2006 година. Поразителен е и податокот дека Македонија немаше ниту еден шут во рамки на голот на Пикфорд, ниту еден корнер, а бројот на напади беше 141 за Англија, во однос на 41 за нашите фудбалери.
Македонскиот селектор Благоја Милевски речиси и ништо не промени во стартниот тим во однос на оној со Украина пред неколку дена. Поради црвениот картон во Скопје, од игра отпадна Висар Муслиу, а неговото место го зазеде Дарко Велковски, кој по повредата успеа навремено да влезе во полн ритам. На спротивната страна, пак, Саутгејт шанса му даде на шампионите со Сити, Вокер и Стоунс, додека во нападот предност пред Грилиш доби миленикот на домашната публика, Маркус Рашфорд. Трент Александер-Арнолд повторно ја доби „десетката“ и беше задолжен за организацијата на играта на својата селекција, заедно со Рајс и Хендерсон.
На првото возбудување не се чекаше многу, бидејќи по само сто секунди Сака си создаде простор за удар и го направи тоа, но Столе беше на висината на задачата и ја впиша првата интервенција. По шансата на единствениот „топџија“ на теренот, нашите фудбалери возвратија идентично, откако Ашковски влезе во соло-продор по десна страна, влезе во казнениот простор, но Мегвајер навремено интервенираше и ја отстрани опасноста. Следуваше период на мирна игра на двете страни. Ашковски одново покажа деке е расположен за надмудрување со Англичаните и на Хендерсон му „продаде тунел“, додека незгоден судир со главите имаа капитените Кејн и Ристовски, по кој подебелиот крај го извлече нашиот дефанзивец.
Во периодот кога стивнаа заканите на „Гордиот Албион“ и се играше на средината на теренот, следуваше магична акција на Англичаните и водство од 1-0. Рашфорд мајсторски го проигра Лук Шо во празно, а овој oд прва го пронајде Кејн, кој без многу проблеми ја смести топката зад грбот на Столе за голема радост на трибините и предност на својата селекција. Уште не соземени од водечкиот гол на Кејн, нашата одбрана одново капитулираше. Овој пат во листата на стрелците се запиша Сака, кој со супер-гол го матира Димитриевски за 2-0. Но, тоа не беше сè од репертоарот на домаќинот, затоа што Рашфорд одличната игра ја круниса со погодок за убедливи 3-0.
До крајот на полувремето момците во бело имаа целосна контрола на теренот, а со слично темпо продолжија и на стартот на второто полувреме и тоа им донесе два брзи гола. Двоен стрелец беше Букајо Сака. Играчот на Арсенал имаше свој ден и во 47. и 51. минута го совлада Димитриевски, па успеа да го комплетира првиот хет-трик во дресот на Англија. Саутгејт така реши да ги поштеди главните играчи, ги повлече Хендерсон, Рашфорд, Сака и Рајс, ги внесе триото на Манчестер Сити, Галагер, Грилиш и Фоден, заедно со Калвин Филипс, а овој последниот, зголеми на 0-6 во 64. минута. Десетина минути подоцна, Бејтулаи направи пенал, кој во гол го претвори Хари Кејн, за 0-7. Најдобриот стрелец на Англија потоа беше повлечен од игра, на негово место влезе Калум Вилсон. До финишот на мечот домаќинот играше со далеку побавно темпо, па не успеа да даде и осми гол.
Квалификациите за Македонија за ЕП 2024 продолжуваат во месец септември, кога прво следи домашен меч со Италија, а потоа гостување кај Малта.
Извор: gol.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нетанјаху не ја исклучува опцијата за атентат…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за…
„Нано-игла“ илјада пати потенка од човечко влакно…
Истражувачите од Кралскиот колеџ (King's college) во…
Карлсон: Војната со Иран би значела крај…
Познатиот американски политички коментатор и новинар Такер…
Пристигнаа компресивните костуми за повредените во Кочани
Организацијата „Супорт Кочани“ денеска ја презеде првата…
Трамп: Иран требаше порано да преговара
Актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави на…