Газдите не престануваат со притисоците да се работи во недела, синдикатите не ја даваат

t

Ако се прави каква било ревизија на Законот за недела – неработен ден, тоа мора да биде едногласно разгледано и усвоено на Економско-социјалниот совет, а Владата нема да донесе самостојна одлука за евентуалната промена, дециден е Марјан Ристески, заменик-министер за економија. Од друга страна, според Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите, тие не отстапуваат од ставот дека неработната недела не смее да се чепка, а евентуалната ревизија би одела во правец на намалување на засегнатите сектори, но никако со проширување и додавање некои дејности да може да работат во недела.

„Слободен печат“ побара одговор од Ристески и Пешески, со оглед на шпекулациите дека има сè поголем притисок од бизнисот за намалување на работничкото право на неделен одмор. Во меѓувреме се лиферуваат неофицијални информации дека мора да се воведат појасни правила – или сите да не работат во недела, или да се овозможи работа за оние што имаат договор за повисок надоместок (двојна или тројна дневница). Меѓу првите претставници на власта кому неработната недела не му беше по мерак и кој прв се изјасни против неа беше и поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Тој дури даде и апсолутна поддршка за укинување на неделата како неработен ден, бидејќи „затајувале процеси во државата“. Заменик-министерот Ристески вели дека барањата од коморите се стари три години. Неделата како неработен ден стапи на сила од 1 јануари 2022 година, а законските измени беа изгласани во Собранието на 20 декември 2021, но оттогаш во неа беа протнати неколку измени, за кои немаше јавна расправа.

– Барањата за проширување на дејностите што може да работат во недела се поставуваат веќе неколку години, но Владата не може да носи сама одлука. Тоа мора да се дискутира меѓу работодавачите, синдикатите и коморите на ЕСС – ни рече Ристески.

И премиерот Христијан Мицкоски лани порача дека Владата стои на располагање за дијалог со сите засегнати страни, но „морало да се води сметка за иднината на државата, што е многу важно“.

– Ако немаме здрава економија, ќе немаме ни вработени. Мора низ дијалог заедно да седнеме и да направиме еден систем што ќе функционира и во иднина – истакна Мицкоски на средба во СКСМ.

Од ССМ за нашиот весник уште еднаш истакнуваат дека преку протести и штрајкови и социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија, Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 90 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците што работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине. Потпретседателот Пешевски е дециден дека никакво проширување на дејностите не доаѓа предвид, туку напротив и работниците во моловите што работат во неделите треба да одмораат.

– Сите анализи покажаа дека сегашниот опфат и наградувањето на работниците што работат во недела добро функционира. Речиси три години откако беше донесен законот, кој ја прогласи неделата како ден за одмор за повеќе од 90 отсто од работниците, неофицијалните бројки покажуваат дека прометот од неработната недела се прелеал во сабота и во понеделник. Одлично функционираат и продавниците во рамките на бензинските пумпи, кои работат деноноќно. Зголемениот промет од неделните пазарувања на трговците им овозможува без никаков проблем во Буџетот да го уплаќаат надоместокот од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година. Средствата се наменети за Фондот за развој и човечки капитал. За работа во ден недела и на празници, трговците на мало се должни да го пријават работното време на Централниот регистар на најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, часот на завршувањето, времето за пауза и распоредот на работното време. Забележително е и дека од почетокот на оваа година е зголемен и бројот на трговци што одработуваат една смена во неделите и за празниците. Работниците, пак, кои се ангажирани да работат во овој ден, си ги добиваат заслужените дневници, па има сè помалку поплаки за нивните газди – забележува Пешевски.

Од ССМ велат дека ниту еден трговец не се пожалил дека прометот му е намален затоа што не работи во неделите. Неофицијално продажбата во деновите пред и по викендите е одлична и ги покрива трошоците за исплата на двојните дневници.

– Работниците добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница и слободен ден што ќе можат да го искористат во следните седум дена – додава Пешевски.

Исклучок за неработната недела се оние дејности каде што не може да се прекине работниот процес. Пред некое време, списокот на оние претприемачи што може да работат во неделите беше проширен со занаетчиската дејност, но само за трговци поединци и физички лица запишани во посебен регистар. Се додадоа и дејностите производство на масла и масти. Нема детално образложение зошто се вратија дејностите како производство на цемент, вар и гипс и производство на цигли, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото.

Во денот недела се врати и откупот на земјоделски производи и производство на винo, само во процесите поврзани со прием, обработка и процесирање грозје и гроздова каша, ферментација, стабилизација, филтрација, анализа и следење и техничка и енергетска поддршка на овие процеси. Занаетчиската комора посочи дека барање за да работат во недела имаат поднесено повеќе услужни дејности, какви што се фризер, декоратер на настани, шминкер, цвеќар, поправка на апарати за домаќинствата итн. Министерството за економија во времето на Крешник Бектеши дозволи во туристичките места сите трговци на мало да можат да работат во недела и за време на празници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Газдите не престануваат со притисоците да се…

Ако се прави каква било ревизија на…

Трамп: Ќе видиме како еден комунист ќе…

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека…

Вучиќ за извештајот на ЕК: Извештајот не…

Претседателот Александар Вучиќ изјави денес, откако шефот…

Јаневска: Ќе ја испочитувам секоја одлука на…

Министерката за образование и наука Весна Јаневска…

Кривична пријава за поранешна директорка на училиште…

СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т.(57)…