Објавено на:

Германски воен историчар: Ова лето може да биде последно лето на мирот во Европа

t

Сонке Најцел, еден од најпознатите германски воени историчари, неодамна крена вознемиреност со изјавата дека летото што доаѓа може да биде последното лето на мирот во Европа. Дека, можеби многу скоро, рускиот претседател Владимир Путин ќе го стави целиот Запад на голем тест, пишува Дојче веле.

Во интервју за ДВ, Најцел најпрвин рече дека зборува за најлошото сценарио: „Никој не може да ја предвиди иднината. Магливa е. Никој навистина не знае што сака и што прави Путин“.

Како што вели, американскиот претседател Доналд Трамп е деструктивен кон НАТО, а во исто време работи на „негативен мировен договор во Украина“.

„Ова ги ослободува силите на Путин да прават други работи. A голема воена вежба „Запад“ е најавена за есен во Белорусија“, вели тој, потсетувајќи дека „воената вежба“ од 2021 година всушност била распоредување на армијата за напад на Украина.

Неговиот заклучок е дека НАТО, а особено Германија, треба да го „забрзаат“ зајакнувањето на одбраната. Затоа што Путин, како што вели, нема да чека НАТО да се зајакне пред евентуално да удри некоја членка на западната воена алијанса.

„Посебно во Германија, многу луѓе мислат: „Па, сè уште имаме мир“. Но, јас велам дека го немаме. Не сме ни во војна. Ние сме во некаква меѓусостојба. И мислам дека треба да се подготвиме и да забрзаме“, додава Најцел.

Тој смета дека оценките дека Путин е „луд“ се сосема некорисни. „Мислам дека тој има своја пресметка. Тоа ни ги отежнува работите бидејќи, ако сакате, ние следиме поинаква граматика. Меѓународното право, границите не смеат да се прекршуваат и слично. Додека Путин има поинаков однос“.

„Од негова перспектива, земја како Украина која се повеќе станува дел од Западот и ја развива демократијата станува закана за неговиот меѓународен поредок“, додава историчарот.

Најцел од говорите на Путин ја чита старата руска идеја за хегемонија во Европа и протерување на американското влијание. Ова, вели тој, не се однесува само на Донбас во Украина. „Ова е судир меѓу Западот и Русија“, вели тој.

Во Германија, пак, се водат живи дискусии за тоа. Дали за се е крив НАТО? Што да се прави следно? Како да се спречи можен голем конфликт?

Ова ќе биде главната задача на идната влада во Берлин, која ќе ја предводи демохристијанот Фридрих Мерц во коалиција со социјалдемократите. На прашањето што треба да направи владата во овој поглед, Најцел вели: „Бидејќи не знаеме што носи иднината, мислам дека е разумно да бидеме подготвени“.

„Европа зборува за зајакнување на својата одбрана од 2014 година и за инвазијата на Крим. Бескрајни приказни, приказни, приказни и приказни. Урсула фон дер Лајен и други. И Европа треба да биде обединета и бла, бла, бла“, вели Нејцел.

Малку е навистина направено, дури и во Германија, вели тој. И тоа и покрај тоа што во 2022 година беше утврден посебен дополнителен буџет за опремување на германската армија (Бундесверот) тежок сто милијарди евра.

„Но, ако тргнеме од премисата дека Европа треба да биде способна да се брани, да биде подготвена да се бори, има уште многу да се направи. Тоа треба да биде фокусот на новата влада“, додава воениот историчар.

Најцел смета дека улогата на германскиот Бундесвер во НАТО и Европа треба да биде првенствено улога на копнена армија. „Ние сме традиционално копнена сила. А другите, Британците и Французите, можат да придонесат повеќе со воздухопловните сили и морнарицата и нуклеарните сили и специјалните сили“.

Според него, германската армија како да заспала на почетокот на 2000-тите. Тој смета дека се потребни многу модерна технологија, дронови и обука. А еден од проблемите е бавната бирократија која ја кочи модернизацијата.

„Ова е голем предизвик за Западот и Европејците, бидејќи многу се потпиравме на Соединетите Држави во прашањата за нашата безбедност. И сега сме сведоци на промена, нова калибрација на западната одбранбена архитектура. За ова е потребно извесно време, бидејќи ова е систем кој трае 75 години“, вели Најцел.

Исходот, вели тој, е неизвесен. Сега е тешко да се каже дали американскиот претседател Трамп, на пример, стои зад членот 5 од Договорот за НАТО. Тој член предвидува дека целата организација на Северноатлантскиот договор ќе одговори на напад врз која било нејзина членка.

„Значи, најлошото сценарио е да завршиме во војна со Русија. Или да паднеме под руски притисок и да одбиеме да се бориме. Или најдоброто сценарио – да има мир во Украина, САД да останат во Европа, Европејците да се вооружат и да имаме една деценија мир“, набројува соговорникот на ДВ.

Зборувајќи за можните сценарија за натамошни руски напади, Најцел е сосема сигурен дека Путин дополнително ќе го тестира Западот со „хибридна војна“, како што е уништувањето на подводните кабли во Балтичкото Море или политичката субверзија.

„И можеби ќе има ситуација, оваа есен или подоцна, руските бригади да го преминат мостот во Нарва во Естонија и да кажат дека сега е руска територија. Каква ќе биде нашата реакција тогаш?“ прашува Најцел.

„Мислам дека тука треба да бидеме многу јасни, како во Студената војна – ако ја преминете оваа линија, тогаш сме во војна“, додава тој. „Ваквото одвраќање е, според мене, најдобриот начин да се спречи војна“, пишува Дојче веле.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Германски воен историчар: Ова лето може да…

Сонке Најцел, еден од најпознатите германски воени…

Хороскоп за четврток (10 април)

ОВЕН Не сте осамени, имате на кого…

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ДИРЕКТОРОТ НА ГЕРИЈАТРИЈА,…

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен…

Еве што се случува во вашето тело…

Ако не можете да замислите утро без…

Фотографијата која ги излуди сите со години:…

Првиот поглед на фотографијата веднаш ќе фрли…