„Гласен текстилец“ : Дали оние што сакаат да работат во недела се од јавната администрација?

t

Здружението „Гласен текстилец“ не отстапува од нивната заложба неделата да биде неработен ден. Изразувајќи сомнеж во точноста на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „анкетите на Владата покажувале оти 75 отсто од граѓаните сакаат да работат во недела, ако им се исплати двојна дневница“, претседателката Кристина Ампева, верува дека ваквите сондажи се правени со вработени од јавната администрација.

-Ниту еден работник од реалниот сектор што во својот паричник гледа дека не му се исплаќа ни минималецот, ни прекувремениот труд, а ни работата за празник, не би одговорил дека сака да работи во недела за повторно да не му се плати. Како десничарска партија и влада, кои што нели се залагаат за традиција, семејни вредности, недела е ден за семејството и за одмор. Нели е така, драги демохристијани? Или поради профитот на вашите другарчиња капиталисти, ќе си ја погазите сопствената идеологија? Тоа не оди така. Башка немавте во програма дека ќе намалувате работнички права, инаку тешко дека работниците ќе ве гласаа – напиша Ампева на Фејсбук.

Таа уште еднаш повтори дека газдите треба да воведат нова евиденција за разботното време која нема да се брише и ќе одредите огромни казни за неисплаќањето на додатоците и надоместоците на платата, па дури тогаш може да се зборува за бришење на ова тешко стекнато право.

-Дотогаш не си играјте со трпението на работниците, оти ќе заминат и тие кои останаа- порача Ампева.

На последната собраниска седница за пратенички прашања, премиерот истакна дека какво ќе биде конечното решение за неработната недела, ќе зависело од следниот состанок на Економско-социјалниот совет.

-Ова прашање сме го разговарале и со синдикатите и не нешто што ние сакаме да го наметнеме. Сме го разговарале и со стопанските комори и работодавачите. Ние не разговараме во тесен круг за да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со таа одлука. Ако мислите дека ние на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме така – подвлече Мицкоски. Тој вели дека се кристализираат две решенија. Едното е или никој да не работи, ама никој. Има еден таков главен град на една држава во централна Европа, никој не работи во недела и готово, тоа е тоа, или ако некој плати дупла дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи, објасни тој.

Од ССМ нема реакција на вавите најави, но досега тие тврдеа дека работниците ја користат неработната недела за одмор и обнова на нивната работна сила во интерес на подобрување на нивната продуктивност од што бенефит ќе има целата држава.

-Во демократските држави каде претендира да биде вклучена и нашата држава, неработната недела е креативно време посветено на семејството, грижа за децата, но и време потребно за подигнување на културното, спортското и образовното ниво на работниците и граѓаните кои се најважниот ресурс на секоја држава – порачаа од Синдикатот.

Оттаму одат чекор подалеку со препорака дека е потребна четиридневна работна недела, нешто што веќе е реалност во се повеќе земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ