Голгота: Дваесетина вработени во ГОБ “8 Септември” веќе една деценија не добиваат редовно вработување – Земаме плата под минималната и не можеме да се разболиме како сите останати
-ГОБ „8 Септември“ има посебно место во нашиот здравствен систем, со оглед на тоа што е најголема болничка установа за обезбедување здравствени услуги. Тука работат врвни експерти од многу области: интерна медицина, хирургија, ортопедија, многу пациенти се лекуваат тука и за слична комплексност на проблематиката, исто како што се лекуваат и на клиниките. – ова го изјави поранешниот минисер за здравство Венко Филипче во говорот по повод 10 години од именувањето на болницата по датумот кој е симбол на независна Македонија.
На истиот настан во 2020 година директорот на ГОБ “8 Септември”, Христијан Костов, изјави дека активно се работи заедно со синдикатите на подобрување на условите на вработените во болницата преку измени во колективниот договор.
Се чини дека за одредени вработени ситуацијата во најголемата болничка установа сепак не е поволна како што поранешниот министер и се уште актуелниот директор ја претставија во јавноста.
До редакцијата на Инфомакс пристигнаа поплаки од дваесетина луѓе, ангажирани во болницата преку договор за дело, кои се со најразлични професии како физиотерапевстки техничари, лаборанти, рендгенски техничари…
“Вработените” се жалат дека веќе 9 години по ред нивниот работен однос се регулира со потпишување на договори за дело на секои три месеци. Групата информира дека нивните примања се далеку под минималната плата во државата, односно земаат плата нешто повисока од 12.000 денари токму поради ангажманот со договор за дело, според кој како што велат тие не добиваат ниту пензиско и здравствено осигурување, а им следуваат само 10 дена одмор во годината.
Еден од вработените дополнително објаснува дека : “Во случај на боледување ни кратат скоро половина од платата, ние не можеме ни да се разболиме како сите останати. Со години не лажат дека ќе добиеме редовно вработување. Станува збор за дваесетина луѓе кои веќе 9 години работат со договор на дело и постојано се наоѓа некаков изговор да не добиеме решение. Еднаш се предвремени избори, после нешто друго, а во меѓувреме се вработија 300 сестри. Ние работиме исто како сите други, а добиваме многу помала плата, немаме ни осигурување.” – сведочи вработениот.
Исто така групата информира дека директорот одбива да се сретне со нив, а тие планираат да преземат радикални мерки доколку никој не сака да ги сослуша.
Побаравме одговори и од директорот на ГОБ “8 Септември”, но директорот не одговори на неколкуте телефонски повици.
Според Законот за работни односи, со посебен договор ( законот не нагласува изречно и не ги набројува видовите на посебни договори, но практиката овде го сместува и договорот за дело) според членот 252 може да се ангажитаат лица кои:
- Вршат работи надвор од дејноста
- За самостојна изработка или поправка на одредени предмети
- Самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа
Дополнително, со договор на дело се ангажираат лица кои вршат работи кои не се определени, предвидени со актот за систематизација на работните места, што не е случај во овој пример, бидејќи на истите работни позиции во ГОБ “8 Септември” веќе има ангажирани, редовно вработени лица.
Групата од дваесетина луѓе најави дека уште еднаш ќе побара средба со директорот Костов, а доколку таа средба не биде организирана ќе организираат штрајк.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Септемвриската пензија ќе биде зголемена само за…
Христијан Мицкоски пред изборите вети дека ќе…