Дали Македонија ги прекршува сакнциите со Иран и извезува материјали за иранската воена индустрија, и зошто во отпад на „Макстил“ се шверца дрога?

t

Криминална шема – Дали Макстил знаел дека партнерите шверцуваат марихуана и дали го снабдуваат Иран со материјал за производство на оружје?!

Макстил е еден од поголемите индустриски капацитети во Македонија.

Макстил, како што е јавно достапно на нивната веб-страница, поседува А интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина, која меѓу другите можности, му дава на Макстил и можност за активности од областа на управувањето со отпад. Во А интегрираната дозвола на Макстил, меѓу другото, детално се опишува процесот на управување со отпад, при што се наведува дека отпадот ќе биде одлаган согласно прописите, суровините, меѓупроизводите и производите ќе се складираат на места наменети за тоа, соодветно заштитени против истурање и
истекување, како и обезбедени од надворешно влијание. Материјалите треба јасно да се означени и соодветно одделени. Во дозволата се наведуваат неколку начини на складирање на отпад. Она што нас посебно нѐ интересира е управувањето со опасен отпад, кое исто така е опишано во дозволата.

Операторот е должен да спроведува сопствен мониторинг на секоја примена пратка на отпадно железо на основа пропишана постапка која обезбедува безбедност и отстранување на опасност од радиоактивност, експлозивност и контанимираност од опасен отпад.

Доколку не е одобрено на писмено од страна на Надлежниот орган, на операторот му се забранува да го меша опасниот отпад од една категорија со опасен отпад од друга категорија или со неопасен отпад. Не е дозволено било какво складирање на опасен отпад (пр.талози , филтер прашина и др.) на сопствената локацијата.

Документацијата во врска со управување со опасен отпад ќе ја објасниме малку подоцна, таа е пропишана во закони, јасно објаснета во А интегрираната дозвола, а постојат и меѓународни конвенции кои го уредуваат ова прашање, но тоа подоцна.

Накратко, Макстил има дозвола да управува со опасниот отпад кој се создава со горење во електро-лачните печки. Тој опасен отпад содржи 35% цинк во себе и ова е податок кој треба да го имате на ум при понатамошното читање на текстот.

Опасен отпад, согласно Законот за управување со отпадот, е отпадот што по својот состав или концентрации на опасни супстанции може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето и коишто имаат едно или повеќе опасни својства, како што се: експлозивност, реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина, утврдени во согласност со овој закон или друг пропис, а притоа во Листата на видовите отпад е наведен и посебно обележан како опасен отпад, вклучувајќи го и секој отпад што е измешан со опасен отпад.

Тој опасен отпад се собира во вреќи, како што можете да видите погоре, А интегрираната дозвола пропишува дека еден од начините на складирање на отпадот е во филтерски вреќи. Тој отпад се извезува надвор од Македонија, притоа не смее да го извезува и транспортита било кој, туку само компанија која ги има потребните дозволи. Покрај А интегрирана дозвола од Министерството за животна средина за управување со опасен отпад, потребно е транспортната компанија да има посебен вид на возила во кои се пренесува опасен отпад, а кои возила треба да имат таканаречена АДР дозвола, кога се издава од Министерството за транспорт.

АДР спогодбата постои од 1957, но на сила има стапено на почетокот на 1968 година. Секои две години се приспособува на новите технички и правни наоди. Оваа спогодба се применува во 50 земји – сите земји членки на Европската Унија, сите држави од Балканот, во Норвешка, Швајцарија, Исланд, Мароко, Тунис, Турција, Русија и во уште неколку централноазиски земји.

Секој возач на камион кој што транспортира опасни материи мора да поседува дозвола за превоз на опасни материи (ADR потврда за обука). Дозволата има важност од пет години, а потоа може да се продолжи, со тоа што возачот мора да ислуша курс за прилагодување на новите потреби. Секоја фирма која редовно превезува опасни материи, мора да има најмалку еден вработен кој е одговорен за превозот на опасни материи. Тој е одговорен за почитување на одредбите и прописите во врска со опасните материи.

Секој камион кој превезува опасни материи, мора да поседува посебна опрема, односно предупредувачки табли во портокалова боја кои се преклопуваат, шлем, заштитни очила како и два апарата за гасење на пожар.

Макстил, која претходно соработувала со друга компанија за транспорт на овој опасен отпад, потоа решава дека ќе ја промени фирмата и наоѓа комапнија од Турција која го превезува опасниот отпад. Турската компанија, како што дознава Инфомакс се вика СДС МЕТАЛ, а според нашите информации компанијата нема А интегрирана дозвола за управување со отпад, но некако успеале од Министерството за животна средина да добијат дозвола за трговија.

Компанијата исто така нема подружница во Македонија, па оттука се поставува и прашањето како успеала да добие дозвола за трговија со отпадот кога нема ниту подружница во државата, ниту пак има А интегрирана дозвола за управување со отпад?

И до овој момент има доволно проблематични ситуации, но двата најголеми проблеми следуваат сега.

Проблем број еден: Камионите во кои се превезувал отпадот од Макстил, пред неколку денови во Република Турција се фатени со 870 КИЛОГРАМИ ДРОГА сокриени во вреќите со отпад! Камионите имаат македонски регистарски таблички, возачите се државјани на Република Македонија, а турските власти ја проценуваат вредноста на дрогата на 365 МИЛИОНИ турски лири, што е 592.243.200 денари или 9 МИЛИОНИ и 629 ИЛЈАДИ ЕВРА!

Како стигнала „робата“ до Турција и како турските цариници се посомневале во пратката? Накратко, отпадот од Македонија се заведува како опасен отпад, со соодветна шифра што во царина се употребува за опасен отпад и до овој момент нема проблем. Камионите кои го транспортираат отпадот (во кој има и „малку“ дрога) ја поминуваат македонско-бугарската граница, иако цариниците на македонската граница требало веднаш да реагираат бидејќи како прво, камионите не се соодветни за транспорт на опасен отпад, а второ извозната декларација која им е приложена на цариниците веројатно е фабрикувана. Секоја извозна декларација треба да содржи три печати, печат на продавач, печат на трговец и печат на краен поседувач. Во декларацијата која ќе ја видите во продолжение, јасно се гледа дека продавач е Макстил, трговец е СДС Метал, краен поседувач треба да е компанија во Тајланд но од таа компанија нема никаков печат. Ова требало да биде втор аларм за цариниците кои требало да ја запрат и проверат робата која се пренесува.

Еве што предвидува А интегрираната дозвола која ја поседува Макстил:

За целиот примен или создаден отпад во инсталацијата за која што се издава дозволата, операторот ќе има документација (и ќе ја чува истата за време на важноста на оваа дозвола, како и 5 (пет) години по престанокот на важноста) за:
– Составот на отпадот или онаму каде што е можно, опис;
– најдобра проценка на создадената количина отпад;
– трасата на транспорт на отпадот за одлагање;
– најдобра проценка на количината отпад испратен на преработка;
– Количина (изразена во тони), како и означување на отпадот кој што е увезен и/или испратен надвор од локацијата за одложување/рециклирање според Листата на видови на отпади;
– Имињата на лице/фирма задолжено за транспорт на отпад, како и детали околу добиена дозвола за собирање на отпад, ако е потребно (вклучувајќи го Надлежниот орган кој ја издал дозволата, заедно со регистарскиот број на возилото);

– Детали за крајната дестинација на одложување / рециклирање на отпадот и нејзината соодветност да го прифати упатениот отпадот, вклучувајќи Дозвола или детали од Дозволата за таа активност како и органот кој ја издал, ако е потребно;
– Писмена потврда за прифаќање и одлагање/преработка на опасен отпад кој е испратен надвор од локацијата;
– Детали за сите отпади кои се експортирани надвор од локацијата за преработка, а се класифицирани како зелен отпад во согласност со ЕУ регулативите за прекуграничен транспорт на отпад (ЕЕЦ 259/1993, со дополнувањата). Образложението за ваквиот тип на класификација треба да биде дел од документацијата;
– Детали за сите одбиени пратки;
– Детали за секое одобрено мешање на отпад;
– Количини и означување на типовите на отпад кои се рециклираат или одложуваат на локацијата, според Листата на видови на отпад (Сл. весник 100/05).
Операторот ќе води евиденција за сите поплаки поврзана со животната средина, а се во врска со работата на инсталацијата. Секој таков запис треба да содржи детали за датумот и времето на поплаката, името на лицето кое се жали и детали за природата на поплаката. Исто така треба да се води евиденција за одговорот кој е даден на секоја поплака…

„Магично“, отпадот ја поминува македонската граница и оди во Бугарија која е само транзит, но камионите во Бугарија се здржуваат еден ден повеќе бидејќи, според нашите информации, во Бугарија се менува шифрата на робата. За да биде појасно, Турција забранува внес на опасен отпад на нејзина територија, па затоа транспортерот во Бугарија ја менува шифрата и „опасниот отпад“ станува „цинков концентрат“, кој е дозволено да се внесува во Турција.

За разлика од нашите цариници, турските цариници виделе дека нешто е сомнително во составот на пратката, па ја отвориле со цел да направат проверка што се внесува во земјата. Веројатно проверувајќи дали станува збор за цинков концентрат или опасен отпад, турските цариници случајно ја откриваат дрогата сокриена во отпадот на Макстил, превесуван од турската компанија.

Дека е запленета голема количина на дрога соопштија и официјалните турски власти и пренесоа неколку медиуми во Турција, но во Македонија нема ништо за оваа случка.

Во ваков случај, турските власти би требало и веројатно ги известиле македонските надлежни органи дека се случил ваков настан, но до овој момент од МВР, ниту од останатите институции не е соопштено било што во врска со овој настан.

И кажавме дека дрогата е едниот, а може да се каже и во ситуацијава „помал“ проблем. Она што е проблематично е што, сомнежите се дека ова е шема за извоз на опасниот отпад директно во Иран, наместо во Тајван! За да биде појасно, Иран има санкции од цела Европска унија, државите од Балканот, како и од нашите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави. Санкциите се пошироки, меѓутоа најстрого се забранува извоз на материјали кои во Иран се користат за производство на оружје или се употребуваат во воената индустрија, која пак, не крие дека со оружје ги снабдува и дел од терористичките организации, меѓу нив Хамас, Хезболах итн.

Цинкот е еден од тие материјали кои во Иран се употребува во воената индустрија, па во овој случај најстрого е забрането опасниот отпад на Макстил кој има 35% цинк во својот состав, да заврши во Иран.

Инаку, турската компанија има дозвола за извоз на 30.000 тони опасен отпад во времетраење од една година, со што се остава простор, бидејќи во Македонија не се произведува толкава количина на опасен отпад, во истиот да се додава и цинк, како и да се внесува отпад од соседните држави, па преку Македонија „легално“ да замине во Турија според истата шема која сега е разбиена и да заврши на црниот пазар во Иран. Пазарот во Иран е еден ќар, а ќарот од дрогата си е башка.

Што е тука опасно? Тоа што Македонија многу лесно, доколку не го расчисти овој случај и не ги казни сите инволвирани во процесот, може да добие санкции бидејќи во таков случај би значело дека државата дозволува снабдување на воената индустрија на Иран со репроматеријали.

Македонските институции, МВР, Обвинителство, Царинска управа, Финансиска полиција, Министерство за животна средина, Министерство за транспорт и сите останати инволвирани институции, мора веднаш да реагираат и да го расчистат овој случај. Дополнително, треба да се утврди дали лицата (физички и правни) вмешани во овој шверц имале помош и од лица внатре во македонските институции.

Треба да се има предвид дека сите документи се изработени од македонска шпедиција, а камионот првично е пропуштен на македонската граница.

Инфомакс го контактираше и менаџерот за животна средина на Макстил, Љубомир Пејовски, кој ни одговори на нашите прашања.

Како што кажа Пејовски, Макстил не бил известен дека во пратката се пакува марихуана.

– Како може да знаеме дека има марихуана. Отпадот потекнува од нашата филтер постројка, тоа ако не е филтер постројката сето тоа ќе го дишеме, го собираме во џамбо вреќи, од многу добар материјал за индустријата која преработува олово и цинк. Ние пакуваме во џамбо вреќи, имаме А интегрирана дозвола и понатака бидејќи тешко се наоѓа пазар, заинтересирани страни доколку најдат пазар и добијат целосна документација, се јавуваат како т.н „нотифајери“ се предава во вреќи како ние што ги пакуваме, истакна Пејовски.

Извозот се прави согласно законските одредби, а „нотифајерот“ треба да му потврди на Макстил, но и на Министерството за животна средина дека отпадот ќе стаса и ќе се преработи на конкретната локација, по што Макстил добива повратен документ колку отпад е преработен и со тоа се затвора кругот.

– Да, мора тој што ја презема робата да ни даде документ со сите печати дека тој отпад е прифатен и преработне и таков документ мора да ни прати нас и до Министерство за животна средина. Врз основа на сите овие податоци до 31 јануари мора да дадеме извештај како сме го менаџирале просторот, нас не контролира Инспекторат. За сите отпади ние пред да се дојде до утовар го повикуваме и Министерство за животна средина и Инспекторатот да присуствуваат, нивна одлука е дали ќе присуствуваат, ама ние ги викаме, конкретно за овој утовар не дојдоа. Ние си имаме и интерна документација за утоварот секако, објасни Пејовски.

Во врска со тоа зошто на документот кој претходно го спомнавме ги нема трите печати, Пејовски одговори:

– Не стигнал отпадот, конкретно во Тајланд. Тој документ откако отпадот ќе заврши во Тајланд ни го враќаат со трет печат. СДС во Турција морала да докаже во Министерство за животна средина дека ги има сите потребни документации исто и тајландската компанија, кога ќе го преработат отпадот тие ќе си удрат печат, ќе испратат до нотифајерот, а тој до нас. На невидено никој не работи, нема опција претходно да ни потврдат, објасни менаџерот.

Прашавме и каде Макстил извезувал опасен отпад претходно.

– Зависи, не сме извезувале. Бугарија има голема фабрика, ама никој не се јавил да го носи отпадот до таму, има Србија, има повеќе земји, ако имате постројка која го преработува тој тип на отпад, кој ќе си ги најде економските параметри, ќе го менаџира како што треба и на нас ни е во интерес да го менаџираме согласно А интегрираната дозвола. Не сме извезувале многу претходно количина, многу тешко се зимаат тие дозволи, може заради положбата на нашата земја, има држави со забрана за транзит или преработка на отпад, на пример Албанија има забрана и за транзит. Тие работи си ги брка Министерство за животна средина, објасни Пејовски.

Макстил сепак нема да има штета што пратката не е до крај испорачана во Тајланд, бидејќи секоја пратка отпад се осигурува.

– Отпадот е осигуран и секој отпад си има нотификационен број и осигурителната полиса важи само за тој нотификационен број, не може да важи за било кој друг. Ако настане штета полисата ќе ги покрие штетите за тој нотификационен број.

Законот е јасен, не работиме ние по тие правила, работи цела Европа. Не знам дали го препакувале отпадот, тоа се одговорности на транспортерот, нотифајерот, ние сме само создавачи на отпадот, го пакуваме согласно закон и нашата одговорност тука завршува. Имаме индиректна одговорност да знаеме каде завршува отпадот, тоа е општествено одговорна команија, објасни Пејовски.

Ова е скандал од огромни размери ако се докаже дека отпадот завршувал за воената индустрија на Иран која е под санкции, за кој мора да има разрешница доколку не сакаме како држава да добиеме санкции од стратешките партнери и меѓународните оранизации, а поединци правејќи вакви шеми да се богатат на грбот на народот и државата. Проблем и скандал само по себе е што на македонските граничари и цариници пред нос им се пренесени 870 килограми дрога.

Останува надлежните институции да го вклучат црвениот аларм и да дејствуваат во насока на расчистување на овој скандал од меѓународни размери.

A.Mитовски

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДУИ: Фактот дека од 35-те приведени лица,…

Демократската унија за интеграција изразува најискрено сочувство…

„Мајкино око душата ми е распарчена“: Млада…

Трагедијата која го погоди Кочани и целата…

Факултетско студентско собрание на Филозофскиот факултет при…

Независно Студентско Собрание при УКИМ соопшти дека…

(Возневирувачко видео) Се прошируваат гробиштата во Кочани,…

Гробиштата во Кочани се прошируваат за да…

Снег на Стража, Буково, Ѓавато и Пресека,…

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор…