Дали „Пластичарска“ и уште неколку булевари ќе го избегнат „окото“ на „Сејф сити“?

t

Со почетокот на тестирањето на системот за регистрирање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Сејф сити“, во третиот ден од пробниот период има регистрирано повеќе од 150.000 сообраќајни прекршоци од различни размери, некои помали, како и некои навистина сериозни, особено во групата прекршоци предизвикани поради возење со зголемена брзина.

Најголемиот „удар“ што го зададе „Сејф сити“ беше во понеделникот, на 1 декември, кога системот за еден ден забележа и утврди околу 110.000 сообраќајни прекршоци, за кои МВР тогаш информираше дека најголем дел, односно над 90 отсто биле предизвикани поради возење на градските улици, булевари и приградски обиколници со брзина поголема од предвидената, додека пак непрописните минувања на црвено светло, иако процентуално во споредба со овие претходните се навистина малку, во сообраќајната реалност бројката од 45 до 50 минувања на „чисто“ црвено светло е и повеќе од загрижувачка.

По овие, како што ги нарече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, катастрофални бројки од првиот 24-часовен тест на системот по скопските улици, во вторникот беа евидентирани двојно помал број сообраќајни прекршоци.

Во вториот тест, „Сејф сити“ за едно деноноќие регистрираше околу 50.000 сообраќајни прекршоци, бројка двојно помала од претходниот ден, но повторно загрижувачка заради големината на штетата што тие престапи би можеле да ја предизвикаат.

Со двојното намалување на прекршоците скопјани покажаа дека умеат да возат прописно, без силување на моторниот капацитет и со „усул“. Булеварите веќе неколку дена се мирни, без гласно турирање и „чкрипки“ од гуми.

Како што соопшти началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски, системот на „Сејф сити“ има капацитет да евидентира и санкционира голема лепеза на прекршоци, но во тест-периодот, како и по неговото завршување и пуштање во целосна употреба, прекршоците кои ќе бидат санкционирани сѐ уште не се конечно одредени, но нема да ги опфати сите од понудата што камерата ќе можат ќе ги регистрира.

„Сејф сити“ ќе биде калибриран да ги „фаќа“ и да ги казнува прекршоците за зголемена брзина, минување на црвено светло, непрописно престројување од една во друга лента или преку две ленти, непрописно претекнување, свртување преку една или две полни ленти, непрописно паркирање на тротоар или улица. Казна ќе заработат и возачите кои своите возила ќе ги остават среде булевар со четири трепкачи, што можеби ќе биде и најголемиот „удар“ за скопјани кои низ годините оформија лоша навика на овој тип на неодговорно паркирање на возилата, особено на булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „Цветан Димов“ во Чаир, „Никола Карев“ попозната како „Пластичарска“, како и на „Теодосиј Гологанов“ и „Ѓорче Петров“.

Со исклучок на гореспоменатите улици и булевари, граѓани изминативе денови започнуваат јавни дебати, поплаки и бараат одговор од Министерството за внатрешни работи за тоа дали има камери на „Сејф сити“, и ако нема, дали планираат да ги монтираат долж булеварите „Никола Карев“(Пластичарска) до клучката кај Момин Поток, потоа на целиот булевар „Борис Трајковски“ сѐ до делницата за Драчево и Батинци, како и на булеварите „Словенија“ и „Качанички“ пат.

За сите овие локации граѓани објавуаат фотографии и видеа на кои може да се забележи отсуството на камерите на „Сејф сити“, со заклучок дека можеби МВР нема поставено камери на овие локации.

„Слободен печат“ го контактираше Министерството и го праша дали на набројаните локации се поставени камери и доколку не, дали имаат во план да ги постават или пак овие локации ќе останат надвор од опфатот на системот за санкционирање сообраќајни прекршоци. Оттаму три дена не добивме никаков одговор, освен тоа дека не можат да информираат за точниот број на поставени камери низ Скопје и регионот или пак на кои локации се поставени бидејќи тие информации имале статус на државна тајна.

Големата државна тајна која МВР не може да ја соопшти за јавноста „падна“ со појавата на апликацијата „Вејз“(Waze) на која преку најава со електронска адреса секој корисник може да влезе во мрежата на возачи.

За кратко време, корисниците ја мапираа речиси целата мрежа на камери, овозможувајќи предупредување уште оддалеку. „Вејз“ стана толку популарен зашто нуди точна информација за фиксни и за мобилни камери, гласовни аларми, податоци за полиција, радари, метеж и за градежни работи, како и избор на најбезбедна маршрута.

Возачите можат и сами да додаваат нови камери, а заедницата постојано ја ажурира мапата. За многу возачи, „Вејз“ моментално е најсигурниот начин да не бидат изненадени од новите мерки што ги носи „Сејф сити“, а со тоа е и една од најсимнуваните апликации по почетокот на тестовите на системот.

На оваа апликација може да се забележи дека на „Пластичарска“, „Борис Трајковски“, „Словенија“ и на останатите гореспоменати булевари има камери, но нема на секоја крстосница долж нивниот тек, но од МВР токму на оваа тема до објавувањето на текстот нема никаков одговор, оставајќи ја дилемата дека одредени локации во Скопје ќе бидат ослободени од сообраќајна одговорност и ќе го избегнат дофатот на камерите на „Сејф сити“.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Дали „Пластичарска“ и уште неколку булевари ќе…

Со почетокот на тестирањето на системот за…

Протече шокантен документ: „Европа ќе исчезне во…

Новата стратегија за национална безбедност на САД,…

Груевски и Заев во жесток судир на…

Груевски и Заев во жестока расправија на…

Mакедонија е на трето место по раст…

Македонската економија забележала реален раст на бруто-домашниот…

Коцевски смета дека на Анкетната комисија не…

„Сметам дека во овој момент не е…