ДАНИЛОВСКИ ЗА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ: Чуму ваков потег? Да се принудат ли луѓето да се вакцинираат?
Законот за заштита на населението од заразни болести претставува фундаментален закон во здравството, покрај Законот за здравствена заштита. Областа што ја регулира е една од најсензитивните – здравјето на човекот. Оттаму, секогаш содржините треба да бидат ажурирани, во чекор со последните достигнувања на медицинската наука. А постапките на измени и дополнувања да бидат ослободени од политички калкулации.
Пред мене е предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести. Познато е како заврши обидот да помине на Собрание. По бројни реакции во јавноста, но и меѓу пратеничкиот состав, беше симнат од дневен ред на собраниската седница. Ме заинтригира што е тоа што предизвика толкав немир во јавноста. Ја нудам на јавноста мојата анализа
Во Воведот на предлог-законот се понудени оцени на состојбите во областа што се регулира и причините за носење на предлог-законот. Клучна причина е усогласување со регулативата на Европската Унија и препораките на Светската здравствена организација (СЗО).
Па, така дознаваме дека:
– „Овој закон произлегува од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија“;
– Дека СЗО „препорачува засилување на националните системи за надзор над појавата и ширењето на заразни болести и воспоставување на мрежи на комуникација на национално, регионално и пошироко ниво, како одговор на ваквата состојба“;
– Дека во Техничкиот извештај од проценката спроведена од Европската Комисија и Европскиот центар за контрола на болести е препорачано „усогласување на Законот за заштита на населението од заразни болести со европското законодавство, особено во однос на листата на болести чие пријавување е задолжително, како и на јакнење на системот за предупредување и известување“;
– Дека усогласувањето треба да се направи со „Одлуката бр. 1082/2013/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 22 Октомври 2013 година за сериозни прекугранични закани по здравјето и за укинување на Одлуката 2119/98/ЕЦ, CELEX број на прописот на ЕУ: 32013D1082 [1] и „Имплементирачка одлука на комисијата (ЕУ) 2018/945 од 22 јуни 2018 за заразните болести и сродните специјални здравствени прашања опфатени со епидемиолошкиот надзор, како и соодветните дефиниции на случај, CELEX број на прописот на EУ: 32018D0945.“[2]
И затоа, се вели понатаму во текстот, „се предлага донесување на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести.“
Да видиме како е направено усогласувањето.
Паѓа в очи дека првиот документ со кој се врши усогласување, „Одлуката бр. 1082/2013/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 22 Октомври 2013 година за сериозни прекугранични закани по здравјето“, (но и според членот 2 на Одлуката), се однесува освен на заразните болести, уште и на биотоксини, хемиски закани и закани од надворешната средина.[1]
Во предлог-законот не се предлага ништо во врска со биотоксини, хемиски закани и закани од надворешната средина. Значи, законот и понатаму треба да се однесува само на заканите од заразните болести. Нема ли тоа да биде половично усогласување со европскиот пропис?
Понатаму, наведено е дека ќе се направи усогласување и со „Имплементирачката одлука на комисијата (ЕУ) 2018/945 од 22 јуни 2018 за заразните болести и сродните специјални здравствени прашања опфатени со епидемиолошкиот надзор, како и соодветните дефиниции на случај“.[2]
Да видиме колкава е усогласеноста со овој документ. Во членот 3 од предлог-законот дадена е ажурираната листа на заразни болести (75 на број), која е усогласена со цитираната одлука на ЕУ (Анекс I, точка 1 во документот на ЕУ).[2]
Меѓутоа, во Анекс I на документот на ЕУ, во точката 2, дадени се т.н. специјални здравствени проблеми: интрахоспитални (нозокомијални) инфекции и антимикробна резистенција (АМР).[2]
Во нашиот актуелен закон интрахоспиталните инфекции се регулирани со членот 49. Во предлог-законот за АМР – ниту збор. А треба да знаеме дека: Светската здравствена организација објави дека АМР е една од првите 10 глобални закани за јавното здравје со кои се соочува човештвото.
Злоупотребата и прекумерната употреба на антибиотици и други антимикробни средства се главните двигатели во развојот на микроорганизми резистентни на лекови.
Без ефективни антимикробни средства, под голем ризик е успехот на модерната медицина во лекувањето на инфекции.
Со оглед на релевантноста на проблемот со АМР, неопходно е да му се даде ист третман како на интрахоспиталните (нозокомијалните) инфекции и проблемот на АМР да се регулира во посебен член на Законот.
Во истиов документ на ЕУ постои и Анекс II во кој се дадени објаснувања на одделни елементи што се употребени во дефиницијата и класификацијата на случај. Тоа се клиничките критериуми, лабораториските критериуми, епидемиолошките критериуми и епидемиолошката врска. Потоа, дадени се дефиниции за поимите „класификација на случај“, „можен случај“, „веројатен случај“ и „потврден случај“. Понатаму, дадени се дефинициите на случај за секоја одделна болест во листата од Анекс I, согласно клиничките, лабораториските и епидемиолошките критериуми, како и класификација на случај (можен, веројатен, потврден).[2]
Зошто во нашиот предлог-закон не е направено истото? Претпоставувам, тоа е така, зашто се планира таа содржина да се регулира со подзаконски акт. Но, тоа би било помалку вредно решение. Еве зошто: Ако една од целите на предлог-законот е „унифицирање на начинот на пријавување за сите учесници во АЛЕРТ-синдромскиот систем за брзо известување и предупредување, според збирот на симптоми и знаци кои мора да бидат присутни кај пациентот, за да биде ставен во одредена категорија, како и поедноставување на редовниот систем за пријвување на заразни болести кои подлежат за задолжително пријавување“ и ако се предлага менување на членот 17 (член 3 од предлог-законот), така што лекарот дијагнозата да треба да ја постави „согласно дефиницијата на случај“, наместо само врз основа на клиничката слика, тогаш, опортуно е на дефинициите да им се даде ист ранг на важност со листата на болестите (кои си имаат свој член 3), па и тие да добијат посебен член во законот.
Понатаму, со предлог-законот се внесува КОВИД-19 во листата на заразни заболувања кои подлежат на пријавување, што е логично од стручен аспект. Но, во тој случај, зошто не се прави усогласување и со регулативата на ЕУ специфична за КОВИД-19? Во таа смисла, релевантен документ на ЕУ е „Извештај од Комисијата до Европскиот парламент и Советот, согласно член 16(2) од Регулативата (ЕУ) 2021/953 на
Европскиот парламент и на Советот за рамка за издавање, верификација и прифаќање на интероперабилни КОВИД-19 сертификати за вакцинација, тестирање и прележување (Дигитален сертификат за КОВИД-19 на ЕУ), за да се олесни слободното движење за време на пандемијата на КОВИД-19“.[3] Во тој Извештај, меѓу другото, стои: „Заштитата на јавното здравје може да послужи како легитимна причина за ограничување на слободното движење. Сепак, таквите ограничувања засновани на јавното здравје мора да ги почитуваат принципите на правото на ЕУ, како што се пропорционалноста и недискриминацијата. Сите преземени мерки не треба да се протегаат пошироко од она што е строго неопходно за да се заштити јавното здравје.“[3]
Во врска со КОВИД-19, во член 10 на предлог-законот се предлага во член 28 став 6 во точката 1 по потточката 4, да се додаде нова потточка 5., која гласи: „5. забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест“.
Ваков предлог би бил стручно оправдан во некое друго време, кога сѐ уште беше актуелна оригиналната варијанта на вирусот и делта сојот и кога пандемијата беше во полн ек, а болниците беа преполни. Зошто? Зашто само тогаш вакцините произведуваа значајна заштита од заразување. По појавата на варијантата омикрон, а особено по појавата на неговите подваријанти ВА.4, ВА.5 и сега, BQ.1.1 (а појавени се уште три други), вакцините – дури и најновите бивалентни – воопшто не нудат заштита од заразување.
Во ваква ситуација, хипотетично, дури и кога би се случило некои од најновите подваријанти да почнат експлозивно да се шират, забраната да не се дозволи влез во објекти на невакцинирани и непрележани граѓани нема никаква стручна логика.
Зошто? Затоа што, целосно вакцинираните (дури и ако примиле две бустер дози) и прележаните (независно од вакциналниот статус), подеднакво можат да се заразат и да го шират вирусот, исто како непрележаните и сосема невакцираните. Тогаш, која е смислата на таквата забрана? Да се принудат ли луѓето да се вакцинираат? Зарем сега, кога вакцини не се потребни никому, освен на високо-ризичните лица? Чуму таков потег?
Во „Извештајот од Комисијата до Европскиот парламент и Советот за дигитален сертификат за КОВИД-19“ се вели: „Сите преземени мерки не треба да се протегаат пошироко од она што е строго неопходно за да се заштити јавното здравје“.[3] Значи, тоа би било кршење на принципите на правото на ЕУ (пропорционалноста и недискриминацијата). Патем, тоа не го бараат од нас ниту Европската Унија, ни
Светската здравствена организација, затоа што „домашната употреба на сертификатите за КОВИД-19 не е воопшто покриена со Регулативата на ЕУ за дигитален сертификат за КОВИД-19“.[3]
Со други зборови, оставено е на секоја земја-членка самата да си одлучи како ќе постапи, согласно актуелната епидемиолошка ситуација. Хипотетично, ако би дошло до епидемија на некоја заразна болест (тука веќе не спаѓа КОВИД-19), во зависност од нејзиниот интензитет, односно од висината на ризиците за преоптоварување на болниците, би дошле предвид мерки, како што се задолжително носење маски во затворен простор (ако ризиците се ниски) или во крајна нужда, ако ризиците се високи, затворање на објектите, забрана за масовни собири итн., но не и вакцинација на населението од сите возрасни групи. Тоа би било кршење на принципите на пропорционалност и недискриминација. Се разбира, како предуслов за воведување радикални рестриктивни мерки мора претходно да биде прогласена вонредна состојба од страна на Владата.
Ковидот, пак, според сите епидемиолошки критериуми, никогаш повеќе не е можно да поприми пандемиски размери, независно што и понатаму ќе се јавуваат нови соеви, зашто таква е природата на РНК вирусите! Повремено ќе предизвикува помали бранувања, но до „цунами“ никогаш веќе не може да дојде!
Инаку, сите вакцини што постојат денес – и старите и новите бивалентни, обезбедуваат висока заштита од тешки симптоми. Затоа, вакцините сѐ уште имаат вредност за оние со висок ризик – старите лица со хронични болести и оние со компромитиран имунитет, независно од возраста. Сите други веќе нема потреба да се вакцинираат! Не само заради достигнатиот висок колективен имунитет, туку и затоа што самиот вирус веќе значајно е променет.
Друг спорен момент е предлагањето (во член 11 на предлог-законот) на нов член 29-а, во кој е предвидена употреба на најнови технолошки достигнувања за трагање по контакти, односно навремено информирање на одредено лице дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со заразна болест и негов навремен медицински третман. Навистина, во таа смисла, позитивни се искуствата на некои земји од Далечниот Исток (на пример, Јапонија, Сингапур и други). Меѓутоа, тоа се земји со извонредно високо ниво на развој на електрониката и поседуваат моќен систем на организација и контрола на текот на податоците. Кај нас, тоа би бил „меч со две острици“. Примената на такви методи би била опасна во нашиве услови на лабаво почитување на прописите на сите нивоа и при скромно ниво на електронска заштита на личните податоци. Ризиците за злоупотреба би биле немерливи! Можеме ли ние да се споредуваме со Јапонија?
Членот 16 на „Одлуката бр. 1082/2013/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 22 октомври 2013 година за сериозни прекугранични закани по здравјето“ се однесува на заштитата на личните податоци и во точката 1 вели: „При примената на оваа одлука, личните податоци се обработуваат во согласност со ‘Директивата 95/46/ЕЦ’ и ‘Регулативата (ЕЦ) бр. 45/2001’. Особено, ќе се преземат соодветни технички и организациски мерки за заштита на таквите лични податоци од случајно или незаконско уништување, случајна загуба или неовластен пристап и од каква било форма на незаконска обработка.“[1]
„Директивата 95/46/ЕЦ“ е укината. На сила е само „Регулативата (ЕЦ) бр. 45/2001 на Европскиот парламент и на Советот од 18 декември 2000 година за заштита на поединци во однос на обработката на личните податоци од страна на институциите и телата на Заедницата и за слободното движење на тие податоци“, во која детално се регулираат сите аспекти на процесирање, контрола и заштита на личните податоци.[4]
Од друга страна, членот 18 од нашиот Устав гласи: „Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.“ [5]
Може ли некој кај нас тоа да го гарантира? Исто така, дури и ако би биле исполнети сите неопходни организациски и технички претпоставки, оваа мерка би можело да се применува само ако се прогласи вонредна состојба. Во спротивно, би била неуставна.
Имајќи ги предвид сите погоре наведени елементи, а имајќи ја предвид важноста на Законот за заштита на населението од заразни болести, пред да се понуди повторно предлог-законот на усвојување во Собранието, неопходна е широка јавна расправа, во која ќе учествуваат експерти од сите релевантни области. А потоа, во Собранието матична комисија да биде Комисијата за здравство, а не некои други. Овој закон нема врска со политика. Ова е суштествен здравствен закон. Оттаму, нема потреба од брзање, ниту за политички надмудрувања.
Референции:
1. DECISION No 1082/2013/EU OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 22
October 2013 on serious cross-border threats to health and repealing Decision No 2119/98/EC
https://eur-lex.europa.eu/
2. COMMISSION IMPLEMENTING DECISION (EU) 2018/945 of 22 June 2018 on the communicable
diseases and related special health issues to be covered by epidemiological surveillance as well as
relevant case definitions https://www.legislation.gov.
3. REPORT FROM THE COMMISSION TO THE EUROPEAN PARLIAMENT AND THE
COUNCIL pursuant to Article 16(2) of Regulation (EU) 2021/953 of the European Parliament
and of the Council on a framework for the issuance, verification and acceptance of
interoperable COVID-19 vaccination, test and recovery certificates (EU Digital COVID
Certificate) to facilitate free movement during the COVID-19 pandemic
https://commission.europa.eu/
03/c_2022_2050_1_en_act_part1_
4. Regulation (EC) No 45/2001 of the European Parliament and of the Council of 18 December 2000 on
the protection of individuals with regard to the processing of personal data by the Community
institutions and bodies and on the free movement of such data
5. УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО АМАНДМАНИТЕ НА УСТАВОТ I, II, III, IV, V,
VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII, XVIII, XIX, XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV,
XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX, XXX, XXXI и XXXII http://ustavensud.mk/wp-
content/uploads/2017/09/Ustav-
Пишува: Драган Даниловски сработила Александра Милошевска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривични пријави за тројца од Подградец кои…
Албанската полиција поднела кривични пријави против тројца…
(Видео) Гори кај Богданци, се слушаат детонации…
На социјалната мрежа Х се појавија видеа…
Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…
Таравари постави за директорка докторка која има…
Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен…
(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…
Иван Стоилковиќ не е важен и не…