Дачиќ: Да не ни се држат лекции од страна, Србите во Косово се дискриминирани и загрозени
Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членку на ЕУ сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Тој во своето обраќање денеска за време на потпишувањето на декларација за борба против корупција во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, рече дека не постои борба против корупцијата без полиција, правосудство и обвинителство.
-Она што мене малку ме нервира во сето ова е дека ние самите за себе велиме дека сме шампиони, а всушност не сме. Шмпионите се таму каде што има пари, каде што има моќ и влијание, таму каде што корупцијата се спроведува во форма на закон. Да се земе провизија на Запад е легално, а кај нас е корупција. Жал ми е што и тие не се тука на потпишувањето на декларацијата, бидејќи први треба да ја потпишат, рече Дачиќ.
Според Дачиќ, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.
-Не се тука сите земји од нашиот регион. Мислам дека тие се повеќе во корупција од нас. Ние тука можеме само да дадеме одредена политичка поддршка, додаде Дачиќ.
Според Дачиќ, ниту една земја не може сама. ОБСЕ, како што рече, треба да помогне за државите да ги унапредат своите капацитети – капацитетите за спречување, сузбивање, истрага и гонење на криминал.
-Ние треба да ја одржуваме меѓународната соработа, стручност и најдобрата пракса, што пак подразбира и користење на одредени дигитални алатки, односно предности на новите технолошките феномени, додаде српскиот министер за надворешни работи.
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Скопје, за време на своето обраќање на Министерскиот совет на ОБСЕ, изјави и дека Србите на Косово се соочуваат со сè потешки форми на институционална и верска дискриминација, закана за безбедноста и економската неизвесност.
Како што рече, безбедносната состојба во Косово е причина за длабока загриженост.
„Верувам дека само силно меѓународно присуство, кое ги почитува меѓународните правни документи, може да гарантира безбедност за сите граѓани. И покрај упорното одбивање на Приштина да ги исполни своите долгогодишни обврски, Белград останува посветен на процесот на дијалог, кој се води според покровителство на Европската Унија и очекува дека сите договори досега ќе бидат спроведени без натамошно одлагање“, рече Дачиќ.
Министерот изјави и дека Србија останува посветена на членството во Европската унија, како нејзин главен надворешнополитички приоритет.
Кога станува збор за ОБСЕ, Дачиќ оцени дека има проблеми во функционирањето на таа организација, неможноста да се постигне консензус за клучните прашања и опасноста ОБСЕ да влезе во нова институционална криза.
„Климата на растечка недоверба, која доведе до отсуство на суштински дијалог меѓу земјите-учеснички, се заканува да го засени сето она што го постигнавме во текот на речиси половина век постоење. Република Србија, од своја страна, ќе продолжи да биде конструктивен партнер и дава целосен придонес во зајакнувањето на организацијата“, рече Дачиќ.
Како што вели, убеден е дека денеска сите заедно ќе покажат доволно мудрост и политичка волја за да се надмине сложената ситуација во која се наоѓа организацијата.
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Скопје, каде се одржува 30. Министерски совет на ОБСЕ, изјави дека Косово никогаш нема да стане членка на таа организација.
Коментирајќи ги наводите дека Албанија побарала Косово да биде членка на ОБСЕ, Дачиќ рече дека, за среќа, одлуките во таа организација се носат со консензус.
„Косово никогаш нема да може да стане членка на ОБСЕ бидејќи Србија нема да се согласи со тоа“, рече Дачиќ.
Како што рече, денеска во Скопје многупати се споменуваше прашањето за територијалниот интегритет, но Србија не може да прифати дека територијалниот интегритет на Украина или која било друга земја е поважен од територијалниот интегритет на Србија.
„Лицемерно е некој овде да зборува за потребата од заштита на принципот на територијален интегритет и отворено да предлага кршење на принципот на територијален интегритет на Србија“, рече Дачиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Србија ќе изгради музеј во чест на…
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави…
Нови протести против ископувањето на литиум во…
Во Јагодина, Сремска Митровица, Инѓа и Книќ…
ЕУЛЕКС: Подготвени сме да реагираме во случај…
Мисијата на Европската унија за владеење на…
ЕУ исплаќа 4,2 милијарди евра финансиска помош…
Земјите од Европската унија денеска ја одобрија…
Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…
Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…