Да ги ослободиме убијците? Алтернатива бара меѓународна ревизија на “Монструм”, “Диво насеље”, “Алфа”…
Ковачевски не добил никакво писмо од Гаши, велат за „Слободен печат“ од Владата, па нејасно е дали и кога ќе расправа за барањето на Алтернатива – повторно отворање на судските случаи – кое беше едно од условите партијата да стане дел од власта.
Барањето на Алтернатива за меѓународна ревизија на судските случаи „Монструм“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“, „Алфа“ деновиве се очекува да се најде кај премиерот Димитар Ковачевски, а тој да го препрати до Европската комисија.
Партијата на Африм Гаши се сомнева дека овие случаи се политички монтирани и нивното повторно отворање беше услов таа да влезе во Владата. Ковачевски не добил никакво писмо од Гаши, велат за „Слободен печат“ од Владата, па нејасно е дали и кога Владата ќе расправа за барањето на Алтернатива.
Гаши на завчерашната средба го информирал и евроамбасадорот во Скопје Дејвид Гир, за намерата партијата да побара помош од Европската комисија за преоценување на некои судски предмети.
„Го известив амбасадорот дека веќе го доставив до премиерот предлог-писмото подготвено од Алијанса и очекуваме тоа да помине во Влада, а потоа Владата да се обрати до Европската комисија. Изразивме надеж дека овие две прашања ќе помогнат во зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото, враќајќи ја довербата на граѓаните во државните институции“, соопшти Гаши.
Тој го информирал Гир дека при отворање на Уставот ќе предложи амандман да не застаруваат предметите против корупција на функционерите. Гир ја поздравил иницијативата на Алтернатива со напомена дека тоа треба да се направи со општ политички договор, без да се загрози процесот.
Барањето следи една година откако Алтернатива стана дел од власта, а тоа беше еден од клучните услови да влезе во Владата. Веднаш откако се случи тоа Гаши изјави дека е „постигната согласност Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание“.
Алтернатива токму поради нерeaлизација на ова барање половина година откако стана дел од парламентарното мнозинство остана со три од четирите пратеници. Скендер Реџепи ја напушти партијата во почетокот на јули годинава и во Собранието дејствува како независен пратеник, а една од причините за тоа беше и нереализација на програмата на партијата, односно барањето за меѓународна ревизија на неколку судски случаи.
Барањето комисија од ЕУ да врши ревизија на „Монструм“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, „Алфа“ предизвика бурни реакции кај правната фела која е децидна дека секоја интервенција посебно во случаи за кои има правосилни пресуди не само што значи мешање на извршната во судската власт туку и негирање на правосудниот систем.
Според нив, единствено правно релевантно преиспитување на пресудите може да направи само Европскиот суд за човекови права во рамките на Европската конвенција за правата и слободите на човекот. Тогаш од коалицијата „Сите за правично судење“ истакнаа дека меѓународна истрага за правосилно завршени предмети е апсолутно невозможна. Објаснувањето е дека државата би можела да користи меѓународна помош и експертиза доколку предметите се наоѓаат во фаза на истрага, но не и по правосилното завршување на предметите.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На новиот лидер на Алтернатива по македонската…
На новиот лидер на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими,…
Ковачевски: Алтернативата на членството во ЕУ нема,…
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека…
Велика Британија бара алтернатива за Visa и…
Британската влада го повика банкарскиот сектор да…
„Европски сојуз за промени“ е името на…
„Европски сојуз за промени“ е името на…
БРУКА ОД СООПШТЕНИЕ: Алтернатива, наместо да бара…
И ова го дочекавме... Алтернатива во траги-комично…