Деветата посета на Блинкен на Блискиот Исток заврши без договор за прекин на огнот во Газа
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја заврши својата деветата посета на Блискиот Исток по избувнувањето на војната во Газа без значителен успех во постигнување договор за прекин на огнот.
Тој вчера предупреди дека „времето е од суштинско значење“ кога станува збор за постигнување примирје. Главниот американски дипломат вчера апелираше до Хамас итно да го прифати планот за прекин на огнот со цел да се олесни страдањето во Газа, но исто така влезе во јавен спор со Израел, со што заврши неговата најнова рунда на дипломатски напори.
-Времето е од клучно значење, рече Блинкен по посетите на клучните арапски посредници Катар и Египет, како и Израел.
-Со секој поминат ден, може да се случат повеќе лоши работи на добри луѓе кои не го заслужуваат тоа, им рече тој на новинарите пред да замине од главниот град на Катар, Доха. – Ова мора да се реши и тоа во следните неколку дена, и ние ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа, рече тој за предлогот за примирје.
САД минатата недела претставија идеи за премостување на разликите и, преку Катар и Египет, силно притиснаа врз Хамас да прифати и да се врати на разговорите оваа недела во Каиро.
Но, еден ден по изјавата на Блинкен дека сојузникот на САД, Израел, се согласил со клучните точки, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше цитиран од израелските медиуми дека не се согласува со една клучна точка.
Нетанјаху инсистираше Израел да ја задржи контролата врз Филаделфискиот коридор, границата помеѓу Газа и Египет која израелските трупи ја зазедоа.
Блинкен изјави дека Израел веќе се согласил за „распоредот и локацијата“ на повлекувањето на трупите од Газа.
Од почетокот на војната, беше „многу јасно дека САД не прифаќаат никаква долгорочна окупација на Газа од страна на Израел“, рече Блинкен на прашањето за изјавите на Нетанјаху.
Виш американски функционер кој го придружуваше Блинкен, зборувајќи под услов на анонимност, за да се дискутира за чувствителната дипломатија, беше поостар, велејќи дека таквите „максималистички изјави“ од Нетанјаху „не се конструктивни“ за постигнување примирје, пренесува Франс24.
Блинкен призна дека разликите остануваат и повика и Израел и Хамас да покажат „максимална флексибилност“ во своите ставови.
Аналитичарите оценуваат дека Блинкен се надевал дека ќе го поттикне Нетанјаху на компромис со тоа што му понуди перспектива за Израел да постигне поголема нормализација со арапскиот свет, вклучувајќи ја и најголемата награда – Саудиска Арабија, чувар на двете најсвети места на исламот.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, на средбата со Блинкен во неговата медитеранска летна резиденција во Ел Аламин, му рече дека „време е да се стави крај на тековната војна,“ според официјалното соопштение на Египет.
Блинкен потоа отпатува во Доха на средба со емирот шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани, но американски функционер изјави дека катарскиот лидер не се чувствувал добро здравствено и дека наместо тоа, ќе разговараат по телефон во скоро време.
Хамас, од своја страна, инсистира дека е „наклонет кон постигнување примирје“ но протестираше против „новите услови“ од Израел во најновиот американски предлог.
И Сиси и Блинкен предупредија на ризиците од поголема регионална ескалација ако преговорите за прекин на огнот не успеат.
Во меѓувреме, гранични престрелки се случуваат речиси секојдневно помеѓу Израел и Либан, но стравувањата од поголема криза пораснаа кога политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, беше убиен при посета на Техеран на 31 јули. Хамас и Иран го обвинуваат Израел за убиството, но израелските власти ниту потврдуваат ниту негираат вмешаност.
Иран вети одмазда, но засега се воздржа, во услови кога САД испрати дополнителни сили и предупреди дека регионалната војна би можела да ги уништи шансите за примирје во Газа.
Нетанјаху се соочи со јавни протести во Израел, кои го повикуваат да прифати примирје, што би ги довело дома заробеници кои беа киднапирани на 7 октомври, како воени затвореници.
Според американскиот план, би запреле борбите во почетните шест недели, додека израелските заробеници се разменуваат за палестински затвореници во израелските затвори и додека хуманитарната помош влегува во Газа.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека бил информиран дека Хамас „сега се повлекува“ од примирјето. Хамас ги нападна „заблудните тврдења“ на Бајден и рече дека тој дава „зелено светло“ на Израел да ја продолжи војната.
Со нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври, започна разорната војна во Газа. Хамас тогаш уби околу 1 200 луѓе и зеде околу 250 заложници. Според израелската евиденција, Хамас сега во свои раце има уште 109 заложници, од кои многумина веројатно веќе не се живи. Како одговор на нападот на Хамас, Израел одговори со брутална кампања врз Појасот Газа, во која досега се убиени најмалку 40.173 Палестинци, од кои повеќето се жени и деца, а 92.857 лица се ранети.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Деветата посета на Блинкен на Блискиот Исток…
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја заврши…
Таравари: Зголемен е бројот на регистрирани случаи…
Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека…
Медведев: Нема преговори со Украина!
По нападот на Киев на Курската област,…
Не ми се допаѓа нивото на кое…
Нивото на кое што комуницира Максим Димитриевски…
Девет нови лекови на позитивната листа
Девет лекови, меѓу кои за висок притисок,…