Денеска се празнува Светиот великомаченик Евстатиј Плакида
Голем римски војсководец од времето на царевите Тит и Трајан. Иако незнабожец Плакида (тоа е неговото незнабожечко име) беше човек праведен и милостив, сличен на капетанот Корнилиј, когошто го крсти апостолот Петар (Дела 10). Еднаш одејќи во лов тој подгони еден елен. По Божја Промисла меѓу роговите на еленот се јави светол крст и дојде глас Господов до Плакида, којшто го упати да отиде кај христинјанскиот свештеник и да се крсти. Се крсти Плакида и неговата жена и нивните двајца синови. На Крштението тој го доби името Евстатиј, жена му – Теопистија, што значи боговерна, а нивните синови – Агапиј и Теопист. По Крштението Евстатиј отиде на истото она место каде што преку еленот му се беше јавило откровението и клекна да Му се заблагодари на Бога што го приведе кон познанието на Вистината. Во тој миг повторно му се јави глас Господов и му предрече страдање за Неговото име и го укрепи. Тогаш Евстатиј тајно го напушти Рим заедно со своето семејство со намера да се повлече меѓу простиот народ и оттаму во тајност да Му послужи на Бога. Кога пристигна во Египет веднаш навалија на него искушенија. Некој зол варварин му ја грабна жената, а обајцата синови му ги фатија ѕверовите и ги однесоа. Но набрзо варваринот загина, а децата му ги спасија од ѕверовите овчари. Евстатиј се насели во египетското село Вадисис и како селски наемник поживеа таму петнаесет години. Потоа нападнаа на римското царство варварите и цар Трајан жалеше што го нема храбриот војвода Плакида, којшто секогаш кога војуваше му носеше победа. И испрати царот двајца од своите офицери да го бараат големиот војвода низ целото царство. По Божја Промисла тие офицери, некогашни другари на Евстатиј, дојдоа во селото Вадисис, го најдоа Евстатиј и го одведоа пред царот. Евстатиј собра војска и ги победи варварите. На патот назад кон Рим ја пронајде жена си и двајцата синови. Кога стигна во Рим, царот Трајан беше умрел, а на престолот беше Адријан. Кога царот Адријан го повика војводата Евстатиј за заедно да им принесат жртви на идолите, Евстатиј му кажа дека тој е христијанин. Царот го фрли на маки заедно со жената и со синовите. Но бидејќи ѕверовите не им наштетија нималку, ги фрлија во усвитен метален вол. Третиот ден ги извадија нивните тела мртви, но неповредени. Така овој славен војвода го даде и царевото на царот и Божјото на Бога и се пресели во вечното царство на Господ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Денеска се празнува Светиот великомаченик Евстатиј Плакида
Голем римски војсководец од времето на царевите…
Денес се празнува Светиот маченик Никита
Родум од Готите, ученик на епископот Теофил…
Денеска се празнува Крстовден – Воздвижение на…
На овој ден се празнуваат два настани…
Денеска се празнува Преподобна Теодора Александриска
Од Александрија, жена на млад маж. Наговорена…
Денеска се празнуваат Светите маченички Минодора, Митродора…
Трите се родени сестри од некое место…