Детална анализа: Нова воена доктрина, што има АРМ, какво оружје купуваме и колку е тоа во согласност со стандардите на НАТО

t

Секоја промена, без разлика дали е добра или лоша, во македонското општество од некоја причина поминува со низа лоши реакции во јавноста, а понекогаш и ширење на дезинформации кои предизвикуваат недоверба и несигурност кај граѓаните.

Уште на почеток, важно е да се напомене дека Армијата е институција со најголема доверба кај граѓаните.

Испраќањето на оружје во Украина и набавката на нови оклопни возила за Армијата на Република Македонија предизвика токму такви реакции во јавноста. Се појавија наслови дека Македонија е разоружана, можеби, во пресрет на конфликт на Балканот поради тензичната ситуација во Косово.

На 27 март во 2020 година Република Македонија стана триесетта земја членка на НАТО.

Како што велат од Министерството за надворешни работи на нивната официјална веб-страна, со членството во НАТО, реализиравме една од нашите најважни стратешки цели, која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. 

Членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од јавноста и широк натпартиски,  меѓуетнички и општествен консензус.  Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Македонија.

Алијансата е воено-супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку 1 милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП, велат од МНР.

Македонија има долга историја на преговори со НАТО за членство во Алијансата и во тој процес многупати бие направени законски, но и практични измени во функционирањето на одбраната на Македонија, со цел усогласување со НАТО стандардите и членство во Алијансата.

Да разјасниме кои се стандардите на НАТО.

Калибатот 5,56мм е стандарден НАТО калибар за стрелачко формациско лично вооружување, а калибарот 7,62мм се користи за митралези како и калибарот 12,7мм кои се користи за тешки митралези и специјални снајперски пушки.
Калибарот 9мм (Парабелум или Лугер) се користи за пиштоли, но не и за револвери кои се лично вооружување на офицери и припадници на некои посебни служби и се користи за лична заштита, како и автоматски пиштоли 7,65мм кои се користат како лично оружје за посади на оклопни возила и други соецијални возила, бродови или воздухоплови.

Тенковската муниција е исто така стандардизирана во НАТО со муниција од 120×570 мм што се користи во сите тенкови на НАТО, освен британскиот Челинџер 2. Целата тенковска муниција на НАТО со исти димензии значи дека куршум од која било земја на НАТО може да се испука во кој било тенк на НАТО . На пример, Леопард 2 може да испука американска тенковска муниција М829 и обратно. Западните земји како Израел, Јапонија и Јужна Кореја, исто така, произведуваат муниција според стандардните димензии на НАТО.

Тенковската муниција за орудија (тоа се топови) на тенковите, бидејќи тенкот има орудије и оружје а митралезите (спрегнат 7,62мм и противавионски 12,7мм или 15,4мм) се составен дел од опремата и вооружувањето на тенкот.
Кај современите тенкови стандардот е 120мм топ во НАТО иако постојат и оклопни возила за противоклопна борба, поддршка итн кои користат топови 105мм, 122мм, 130мм итн.


Кај противоклопните орудија има разлика, се работи за противоклопни оружја за блиска противоклопна борба и противоклопни ракети за борба од три домети далечина. На пример: Панцерфауст, РПГ, Зоља М64, се оружја за блиска противоклопна борба, а Џавелин, Милан, 9К11 Маљутка и 9К111 Фагот (овие последните две се руски системи).

Релативно големо количество службени оружја со стандард на НАТО се од семејството на јуришни пушки М16, како што се карабинот М4, Колт Канада C7 и Хеклер и Кок ХК416.

Други јуришни пушки во служба на НАТО се Steyr AUG, Хеклер и G36, FN SCAR, SA 80, Beretta AR70/90, Beretta ARX160, CZ 805 BREN и HS Produkt VHS.

Митралезовите обично се или 5,56 FN Minimi или 7,62 FN MAG и двата направени од FN Herstal. Сепак, Германија прави свои митралези: 5,56 mm MG4 и 7,62 mm MG5. Данска користи модернизирана верзија на американскиот М60 од Студената војна.

НАТО има многу широк спектар на пешадиски противтенковски оружја кои се FGM-148 Џавелин, M72 LAW, NLAW, Панцерфауст 3, MATADOR, Carl Gustaf, AT4, Spike, C90-CR (M3), Eryx, MILAN, RPG-75, RPG-7 и 9K111 Fagot.

Единственото противтенковско оружје кое не е широко распространето во НАТО е француското Eryx, кое го користат само Франција и Турција, проектилот Moyenne Portée, исто така во употреба само со Франција, и британското и шведското NLAW, користено само од Обединетите Кралство. За пешадиско противвоздушно оружје, земјите на НАТО поседуваат различни системи за воздушна одбрана што се преносливи од човек, како што се FIM-92 Stinger, Starstreak и Piorun (проектил). Ракетите „Стингер“ и „Мистрал“ вообичаено се користат во НАТО, додека ракетите „Старстрик“ и „Пиорун“ се користат само во нивната земја на потекло.

Главниот систем за воздушна одбрана во НАТО е МИМ-104 Патриот. Други што се користат се NASAMS, CAMM и во Источна Европа, советскиот 2K12 Kub од Студената војна. THAAD е систем дизајниран само да пресретнува балистички ракети и е во употреба во НАТО само од САД.

Кога станува збор за воздушните сили, поголемиот дел од ловците на НАТО се General Dynamics F-16 Fighting Falcons. Еурофајтер Тајфун исто така вообичаено се користи во НАТО, иако не во толкав интензитет како Ф-16.

Локхид Мартин F-35 Lightning II е исто така достапен во земји членки на НАТО и се зголемува во бројот со тоа што САД имаат релативно голема количина во употреба, а помал број се оперирани од одделни земји на НАТО генерално. Dassault Rafale засега го користи само Франција.

Боинг АХ-64 Апачи е најкористениот јуришен хеликоптер во НАТО, а во помала количина присутен е и Eurocopter Tiger.

Тоа беа оружјата кои ги користи НАТО, а сега да видиме какво оружје, според јавно достапните податоци, користи македонската Армија.

Со влезот во НАТО, во јавноста имаше дилема, дали Армијата на Република Македонија треба да се ослободи од старото југословенско потекло. Земјите од регионот, со влезот во Алијансата мораа да “се ослободат” од дел од застареното оружје кое го користеа. Така Бугарија и Албанија во одреден период се жалеа дека морале да уништат илјадници тони муниција која не била во согласност со стандардите на НАТО.

Уништувањето на ова оружје е скап процес, за да се уништи еден стар тенк на пример треба да се потрошат над 50.000 евра, а дополнително по негово уништување треба да се обезбеди негова замена. Македонскиот државен врв во периодот кога станавме членка на НАТО, тогашниот премиер Заев и министерката за одбрана Шекеринска, директно не одговараа дали ќе се уништува застареното оружје на Армијата.

Во тој контекст за потсетување е дека со формирањето на нашата војска, тенковската единица практично беше формирана од првите денови од постоењето на Армијата, како тенковски вод што располагаше со пет тенкови „Т-34“. Потоа со донацијата од Република Бугарија во јуни 1999 година за АРМ беа донирани 93 тенкови „Т-55“, кои беа сместени во касарните во Прилеп, Штип и касарната „Илинден“ во Скопје. По кризата во 2002 година некои од овие стари бугарски тенкови, со согласност на Бугарија, беа продадени, а мал дел што сѐ уште е активен беше задржан во АРМ. Со зголемувањето на формацијата на војската оклопниот баталјон „Т-55“ беше трансформиран и него го наследи нов оклопен баталјон „Т-72-А“ опремен со посовремени тенкови, но и тие се стари повеќе декади и комплетно не ги исполнуваат стандардите на воената алијанса.

Според податоците на бев-страната на АРМ, тие располагаат со следниов арсенал:

Автоматска пушка 7,62 мм М-70 АБ2
Автоматски пиштол 7,65 мм М-61
Пушка М-93 „Црна стрела“
Снајперска пушка 7,9 мм М-76
Хеликоптер Ми-8/17
Хеликоптер Ми-24
Авион Злин 143Л
Авион Злин 242Л
Радио уред РФ-5800Х-МП
Тактички пристапен мрежен уред РФ-6010
Командно моторно возило „Шевролет-Тахое“

Автоматската пушка 7,62 мм М-70 АБ2 е наменета за уништување на непријателската жива сила и огнени средства. Пушката опремена со тромблон, успешно може да се користи за уништување на оклопни и други борбени возила, бункери, утврдени згради и за зачадување и осветлување на боиштето.

Автоматскиот пиштол 7,65 мм М-61 е оружје со мали димензии, мала тежина и голема брзина на гаѓање. Наменет е за уништување на непријателска жива сила на блиски растојанија. Служи како лично оружје на старешините и војниците поставени на одредени должности и специјалности. Погоден е за извршување на диверзантски дејствија и за борба во населени места.

Пушката М-93 „Црна стрела“ е наменета за гаѓање на цели на отворен простор и неоклопни возила на далечина до 1500 метри и цели во лесно оклопни возила и цели зад заклони на далечина до 800 метри.

Покрај уништување на жива сила, „Црната Стрела“ може да се користи и за дејство против цели како што се неоклопни и лесно оклопни возила, приземјени авиони и хеликоптери, радари и друга електронска опрема, центри за врска и командни места.

Ефикасна е и за борба против непријателски снајперисти.

Црната Стрела е репетирка,со концепција заснована на Маузеровиот систем.

Пушката се произведува во два калибри. Српската војска ја користи варијантата на калибар 12,7х108 мм, додека за извоз наменета е верзијата 12,7х99 мм.

Тешката цевка е изработена од хром-никел-вандиум челик кој се користи за изработка на топовските цевки. Оружјето се полни со рамка со капацитет од пет куршуми. Енергијата на трзај е ублажена со поставување на двокоморна гасна кочница на устата на цевката и со поставување на два амортизери во кундакот.

Пушката е опремена со оптички нишан Зрак М 94 8×56, а механички нишани не постојат.

На оружјето е вграден и двоножец.

Снајперската пушка 7,9 мм М-76 служи за уништување на важни поединечни (неподвижни, моментни, подвижни) и маскирани живи цели на поголеми далечини.

Хеликоптер Ми-24 е борбено транспортен хеликоптер од руско производство наменет за противоклопна борба, блиска огнена поддршка, дејство против жива сила, утврдени цели како и за превоз на војници и превезување на ранети и повредени.

Авионот Злин 143Л е четворосед, едномоторен, нискокрилец со фиксен стоен трап од типот на трицикл.

Наменет е за:

  • Основна и напредна обука на пилоти;
  • Туристички летови;
  • Влечење на едрилици и транспаренти.

Авионот Злин 242Л е двосед, едномоторен, нискокрилец со фиксен стоен трап од типот на трицикл.

Наменет е за:

  • Обука на пилоти;
  • Изведување на акробации;
  • Влечење на едрилици.

Армијата и Министерството за одбрана во изминатите неколку години и месеци најавија набавка на нови, модерни оружја, а дел од нив беа и набавени.

Оружјата од југословенско производство ќе се менуваат со ново оружје од западно производство.

Македонија ќе потроши околу 900 милиони евра за модернизација и опремување на армијата во периодот 2019 – 2032 година, соопшти претодно министерката за одбрана Славјанка Петровска. Сумата не е фиксна, туку се работи за проценка за трошоци во наредните години. Со тоа старото советско и југословенско оружје постепено ќе се заменува со нови системи од западно производство.

Меѓу најзначајните набавки е купувањето на 8 повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство, кои ќе ги заменат 12-те хеликоптери Ми-24 кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Ова ќе биде најголема набавка на воена опрема од конфликтот во 2001 година.

„Армијата се трансформира, армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години стои само како бројка, а всушност е истечен ресурс“, вели Петровска.

Досега има пристигнато 5 понуди од САД, Канада, Италија, Германија и Франција, по што треба да се донесе одлука какви хеликоптери ќе се набават. Според сегашните проценки, тие треба да чинат 214 милиони евра, но со оглед на тоа што цените на воената опрема и оружјето растат, до склучувањето на договорот, таа цена може да биде и повисока.

Голем дел од овие набавки нема да бидат со буџетски пари, туку со помош од сојузниците од НАТО, пред сè од САД.

„САД за само една година одобрија и го поддржаа опремувањето и модернизацијата на македонската армија со над 135 милиони долари, меѓутоа веќе имаме најава и од наши други стратешки и сојузнички партнери, и од Обединетото Кралство, и од Германија, и од Норвешка, така што сме во постојана комуникација“, рече Петровска.

Целото ново оружје и опрема што се набавува следува и со обука за користење и одржување.

Македонската армија во иднина нема предвидено тенковски единици, а воздухопловните сили ќе се фокусираат на хеликоптерски единици и противвоздушна одбрана.

Наместо тенкови, Македонија веќе склучи договори за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLIV и оклопни транспортери Страјкер од САД, како и лесни оклопни возила од Турција, а набавува и противоклопни системи Џавелин, хаубици Боран од Турција, противвоздушен систем Мистрал 3 од Франција, како и други видови опрема.

Два од шесте транспортни хеликоптери Ми-8 треба да бидат однесени на ремонт во Чешка.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал Васко Ѓурчиновски претходно објасни дека се прават анализи и за набавка на беспилотни летала.

Македонија на Украина ѝ донираше тенкови од советско производство Т-72, воени авиони Су-25 и хеликоптери Ми-24. Ѓурчиновски вели дека во целост стои зад овие одлуки. Тоа со ништо не ја наруши борбената готовност на армијата, рече тој.

„Се ослободивме од источно вооружување и опрема, кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилноста со нашите сојузници во НАТО, каде што сме сега рамноправни членки“, рече генералот.

Како што претходно споменавме, уништување на старата опрема чини илјадници евра, што значи дека Армијата навистина бесплатно се ослободи од старото оружје кое секако во одреден период мораше да биде заменето согласн стандардите на НАТО.

Македонија беше првата земја која соопшти дека ѝ донирала воени авиони на Украина. Во министерството велат дека целото донирано вооружување за одбрана од руската агресија во Украина чини меѓу 24 и 30 милиони евра, а помошта за модернизација на армијата од САД само годинава била неколкукратно повисока.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска на собраниска седница за пратенички прашања во септември 2022 година кажа дека македонската армија ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана од Франција. Зборувајќи пред пратениците од Комисијата за одбрана и безбедност, Петровска рече дека набавката на системот за ПВО е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

„Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција. Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата. Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана за денешната седница на собраниската комисија.

Современ француски систем за противвоздушна одбрана на мали височини е „Мистрал“, каков што набави Србија пред повеќе од три години. Тогаш, српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека купиле 18 системи со 50 ракети.

На брифинг со новинари министерката Петровска во март 2023 година кажа дека Македонија ќе набавува и нови хеликоптери.

-Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати 5 понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција.

Зборувавме и за нашите донации за одбрана на Украина, вклучително и за последната одлука за донирање на 12 борбени хеликоптери за што владата донесе одлука пред два дена. Сите досегашни донации се донесени врз основа на стручното тело Генералштабот на Армијата и се разбира се во согласност со нашите стратешки планови и долгорочниот план за развој на одбранбените способности.

Армијата се трансформира, Армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години и години стои само како бројка, а всушност е со истечен ресурс. Борбената готовност не се намалува на никаков начин, напротив со сите овие процеси од кои ги гледаме и резултатите, таа станува посилна и поопремена во гарантирањето на безбедноста на секој граѓанин на Македонија, рече тогаш Петровска.

Кога веќе ја спомнавме Србија, да видиме какво оружје купија земјите од регионот во изминатите неколку години.

Србија го претстави системот за противвоздушна одбрана кој го набави од Кина. Се работи за ракетниот систем ФК-3 со среден дострел. Според началникот на Генералштабот на војската на Србија Милан Мојсиловиќ, со ова воздушниот простор на Србија ќе биде обезбеден. Оваа земја според претседателот Александар Вучиќ годинава очекува и 11 воени и два полициски хеликоптери.

Според француските медиуми, најголемата набавка на оружје во Србија допрва треба да следува. Односно се очекува набавка на 12 борбени авиони „Рафал” од Франција.

Србија се обидува да модифицира и осовремени дел од веќе воспоставената и наследена наменска индустрија од времето на СФРЈ посебно со производство на автоматски пушки и автомати од моделот на М70АБ2 (тоа е југословенска верзија на Калањиков) со калибар 5,56мм како и хаубици 122мм Д30Ј да ги пренамени во самоходни.

Во Албанија одреде период беше актуелна набавката на шест дронови Бајрактар кој Албанија треба да ги набави од Турција. Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека при неговата последна посета на Турција се разговарало за купување на дроновите. За шесте беспилотни летала Албанија ќе плати шест милиони евра. Дроновите би требало да имаат повеќекратна намена односно следење лица по кои се трага и контрола на територијата на државата.

Сложеното државно уредување е пречка за поширок консензус во Босна и Херцеговина меѓу сите ентитети во општеството за набавка на оружје. Сепак во април годинава беше постигната согласност за набавка на воена опрема од САД.

Според началникот на штабот на заедничките вооружени сили на Босна и Херцеговина Сенад Машовиќ, договорена е набавка на противтенковски системи „Џавелин”.

Претставници на БиХ и САД разговарале и за набавка на системи за противвоздушна одбрана и ракети со краток и среден дострел.

Околу девет милиони евра чинеше една од последните набавки на вооружување во Косово, наменета главно за граничната полиција. Пред два месеци беше набавено оружје во вредност од 1,6 милиони евра, оклопни возила, водени топови и блиндирани лимузини во вредност од 7,1 милиони евра, како и специјализирана опрема вредна 280.000 евра.

Армијата на Црна Гора во септември годинава набави оклопни возила од САД. Набавката се состои од вкупно 67 оклопни возила. До 2023 година треба сите да пристигнат во Црна Гора.

Со овие оклопни возила ќе бидат опремени две пешадиски чети во Армијата. Црна Гора стана првата европска земја членка на НАТО која ќе ги користи возилата „Ошкош“. Вредноста на набавката изнесуваше 36,1 милиони долари.

Доколку се споредат ваквите набавки со набавките од страна на Македонија, се гледа дека се трудиме да бидеме во чекор со регионот, но и со НАТО.

Секако ваквите потези не поминаа без критики од македонската јавност и дел од експертите, а се појавија и ставови дека македонската армија е разоружана.

Во врска со Армијата, вооружувањето и нашите капацитети како земја членка на НАТО, зборувавме со професорот од Воената академија, Оливер Андонов.

Проследете ја емисијата и неговата изјава во продолжение:

Од разговорот со професорот Андонов можеме да заклучиме дека Македонија има солидна Армија, но, како што нагласи и професорот, треба да се посвети повеќе внимание на брзо превооружување, соодветна обука на војниците и особено внимание да се посвети на резервниот состав на Армијата.

Македонските власти треба да размислуваат на стратешки, а не на политички начин при набавката на вооружување и опрема за Армијата, но и да ѝ објаснат на јавноста зошто се одлучиле токму за конкретните набавки.

Дополнително, треба да почне да се размислува и за воведување на задолжителен воен рок од неколку месеци за обука на населението за најразлични ситуации.

Се надеваме дека и во оваа епизода на Мрежа успеавме да ја расплетеме мережата околу состојбите во Македонската армија и вооружувањето кое го поседуваме, но и да објасниме што се следните чекори кои треба да се направат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи) Илјадници народни пари потрошени на ручеци…

Шетајте луѓе, народ плаќа. Над 17.500 евра…

Американските бомбардери Б-52 пристигнаа во Романија на…

Американските стратешки бомбардери Б-52, кои во неделата…

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

И директори на МТВ во македонската делегација…

На политичката сцена во Македонија се уште…

Кулеба: Украина не може да чека уште…

Ветувањето дека Украина ќе стане членка на…