ДЗР: Во Охрид има дивоградби и во националниот парк и на крајбрежјето, општината ништо не презема за да се отстранат

t

Охрид е преплавен во дивоградби кои општината не ги урива, локалните власти немаат донесено урбанистички планови за 20 населени места, се дозволила изградба на куќи и на хотели без платени комуналии, Општината не ги заштитила заштитените подрачја од нелегална урбанизација, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36 милиони денари е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот, покажува ревизијата на финансиските извештаи за Општина Охрид за 2024 година, направена од Државниот завод за ревизија.

Во дел од населените места се градат куќи и хотелски комплекс, без одобрение за градба и за кои воопшто не се платени комуналии. Советот на Општината за 11 населени места и села нема донесено урбанистички планови, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите се уште не се донесени.  Локалните власти не го донеле ниту урбанистичкиот план за крајбрежјето, за појасот со ширина од 50 метри, а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење и согласност од Управата за заштита на културното наследство.

Општината врие од дивоградби, констатирала ревизијата. За дел од нив, 1.748 се донесени дека треба да се вклопат во урбанистички планови, но во рок од пет години тоа не е направено. Од друга страна, пак, 4.847 дивоградби, меѓу кои некои и во националниот парк „Галичица“ и на крајбрежјето, добиле решенија дека не можат да се легализираат, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети.

„Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со „Планот за заштита на културно наследство“ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, велат ревизорите.

Ревизорите констатирале и дека Општина Охрид не си ги побарала парите од надоместокот за одржување на јавна чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќл овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22,8 милиони денари, а општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53,8 милиони денари.

Исто така, Општината не ги побарала ниту парите за комунална такса за паркирање, а јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП „Билјанини извори” Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија што обврска според евиденцијата на претпријатието, изнесува речиси четири милиони денари.

„Без Одлука од Советот на општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534.000 денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година и отпис на 4,8 милиони денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица“, посочува ревизорскиот извештај.

Општинските власти не испраќале навреме решенија за данок на имот, a на тие што доцнеле со плаќање не пресметувале и наплатувале камата. Тие не го усогласиле ниту надоместокот за уредување на градежното земјиште, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето.

Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користеле јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од 3 месеци, се користат за 12 месеци. Поставената урбана опрема, натстрешници кои се градежно прицврстени на јавната површина со фиксна конструкција, челични столбови, затворен простор со стаклена преграда не претставуваат лесно монтажен-демонтажен елемент и ја нарушува основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДЗР: Во Охрид има дивоградби и во…

Охрид е преплавен во дивоградби кои општината…

Крвав инцидент како од филм во Охрид:…

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Т.(40)…

Кривична за две лица, бесправно граделе во…

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.Т.(53)…

Мартин Гоџовски од Варош го фати светиот…

Мартин Гоџовски од населбата Варош во Охрид…

Земјотрес со епицентар во Албанија, почувствуван во…

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија,…