Директорката на АСЈО ги брани новите судии и обвинители: Не е важно кој им е роднина, важно е како ќе работат

t

Според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, меѓу кои и судија, обвинител… и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. И со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување на некои лица само заради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука.

Ова во интервју за МИА го истакнува директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска по реакциите во медиумите откако беа објавени имињата со конечните резултати од завршниот испит на седмата генерација во која има презимиња кои се исти со личности носители на јавни функции. Според неа, не треба да се критикува семејната традиција по однос на некои професии, бидејќи, како што вели, тоа не е случај само со правната професија, туку и со други како што се медицина, инженерство, па и новинарството.

За мене тоа е нормално, бидејќи потомството расте во средина во која нивните родители зборуваат за својата работа, поседуваат соодветна литература и информации, негуваат одреден афинитет кој влијае врз нив. Погледнато подлабоко, мислам дека најголемиот број на академци од оваа генерација имаат такви допирни точки со правната професија, смета Габер Дамјановска.

Директорката на АСЈО во интервјуто за МИА вели дека најважно е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, бидејќи истиот тест ги чека сите завршени слушатели.

Габер Дамјановска апелира да им се даде шанса на сите да се докажат и нагласува дека и успехот и одговорноста во оваа професија се неизбежно лични. Таа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители им порача да внимаваат на работните позиции на кои овие идни судии и обвинители ќе се постават да не бидат во спротивност со Законот за судир на интереси.

По стапувањето на должност, бездруго нивното работење еднакво како и на другите колеги, ќе се прилагоди на стандардните правила за изземање од определени случаи кога постои судир на интереси. Впрочем, двата совета на годишно ниво ја следат и оценуваат работата на сите судии и обвинители, а тоа е битен чинител при унапредувањето, вели Габер Дамјановска.

Директорката на АСЈО во интервјуто појаснува и за нејзиниот реизбор на раководната функција во Академијата по вториот оглас, бидејќи првиот беше неуспешен поради, како што вели, определени експлицитни нелогичности од правно-процедурален карактер.

Јас верувам дека работев совесно и одговорно во текот на изминатиот мандат, сметам дека мојата досегашна четиригодишна работа покажа резултати и дека треба определени важни процеси во Академијата кои се започнати, а се во склад со крупните реформски процеси на правосудниот сектор во државата, да добијат свое заокружување во наредните неколку години, истакна Габер Дамјановска.

На конкурсот за 130 слушатели за деветтата генерација во почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители документи поднеле 527 кандидати. Директорката појаснува дека процесот на полагање е прилично долг заради законските рокови и не е лесен. Сите фази се полагаат со полно присуство на десетчлена Комисија за приемен испит, а кандидатите имаат право на увид во стручните (правни) делови од нивниот тест, по што можат да поднесат приговор до Комисијата за приемен испит и жалба до Управниот одбор.

Според Габер Дамјановска, нема да се дозволат никакви бајпасирања, скратени обуки или одредени привилегирани категории на правници за полесен влез во правосудните тела.

Европската Унија инсистира на овој правец и будно го следи, вклучително и преку опсервација на новиот закон за Академијата кој е во собраниска процедура. Во принцип, мора да постои во нашата држава системско решение од овој вид, преку Академија, за влез на кадрите во правосудството, а тоа е остварливо единствено преку институција од ваков тип, децидна е Габер Дамјановска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„И лавот му рече на орелот мјау“:…

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…

ДКСК се „неписмени“, сметаат обвинителите

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…

Лога: Олигарси ги контролираат обвинителите и судиите

Министерот за правда Кренар Лога вечерва во…

Ќе има ли дисциплинска постапка против обвинители…

Дисциплинската комисија при Јавното обвинителство се уште…