Директорка барала од ученик да го скрати опавчето од фризурата и да дојде „среден“ на настава, со што го дискриминирала

t

Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во гевгелиското село Миравци директно дискриминирало ученик по основа на род во образованието, затоа што директорката побарала машко дете да ја потстрижи косата и на училиште „да дојде среден“, констатираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Мајката на ученикот на 1 септември го испратила својот син во училиште со коса собрана во опавче, но директорката дала усна наредба детето утредента да дојде со променета фризура и „среден“ и телефонски таквата порака наставничката ѝ ја пренела на мајката.

Мајката на детето информирала дека претходниот ден детето било на фризер но одбило да ја скрати косата на горниот дел од главата поради што таа била скратена само странично.

Кога детето го слушнало телефонскиот разговор зело ножички и плачејќи самото си ја скратило косата над очите. Следниот ден, на 2 септември детето отишло на училиште со таа фризура без да ја скрати на фризер, но за разлика од првиот ден сега му била пуштена а не собрана. Подносителката како родител барала од директорката разговор за да биде утврдено зошто детето се смета за „неуредно“. Директорката образложила дека училиштето имало усвоено кодекс на однесување и облекување. Мајката побарала да види што е напишано во кодексот за фризурата, сметајќи дека таквото правило е дискриминаторско и дека претставува лична работа. Дополнително објаснила дека таквата фризура ја имал и еден вработен во училиштето како и девојче од деветто одделение. Од страна на педагогот мајката била предупредена дека ако синот не ја смени фризурата ќе добие укор. Мајката објаснувала дека фризурата што ја има нејзиниот син е „моден тренд меѓу сите деца во фудбалскиот клуб каде тренира нејзиниот син и ако е неопходно ќе го запише во друго училиште.

На ова педагогот ѝ одговорил:

Ајде пробај, ако мислиш дека можеш и е толку лесно. Јас сум работела во три училишта и никаде не е дозволена таква фризура.

Целиот разговор се водел со викање и надвикување. Детето до поднесувањето на претставката уште било исплашено и мајката се жали до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дека прво таа требало да биде исконтактирана за да се реши ситуацијата на покоректен начин.

Стручната служба од училиштето до Комисијата одговорила дека работат да обезбедат најдобра поддршка за учениците и дека се обратиле до мајката да пронајдат конструктивно решение поради настанатата емоционална ситуација. На средбата директорката укажала дека добронамерно укажала ученикот да доаѓа на училиште со средена фризура. Педагогот на средбата се повлекол од првичната закана за укор, а детето не било исмејувано ниту му било укажувано да ја смени фризурата пред соучениците. Училиштето го избришало и делот од куќниот ред каде се наведувало дека учениците треба да доаѓаат на настава со средени фризури, а побарано било и од вработениот со истата фризура да ја промени.

Комисијата констатира дека ученикот бил дискриминиран зашто само од него било побарано да ја смени фризурата со образложение дека била „неуредна“ а не и од соученичка што ја имала истата фризура. Комисијата цени дека ваквото однесување произлегува од родовите стереотипи за тоа како треба да изгледаат момчињата и девојчињата

Таквите стереотипи не само што се застарени и штетни бидејќи ги продолжуваат нееднаквите општествени очекувања врз основа на род. Таквата дискриминација испраќа порака кон ученикот дека тој не е слободен да се изрази на ист начин како неговите врсници само поради неговиот род што може да има долгорочни ефекти врз неговите чувства за идентитет, самодоверба и достоинство. Во оваа смисла односот на директорката на училиштето која бара од ученикот да ја скрати косата ја зацвстува стереотипната норма дека долгата коса е за девојчињата но не и за момчињата. Барањето на директорката не се базира на објективно или разумно оправдување, туку е насочено кон ученикот само поради неговиот род што може да се заклучи од тоа што точката од куќниот ред (сега избришана), не се применувала еднакво врз момчињата и девојчињата, се вели во мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација.

Според неа, ваквото постапување е прекршување на принципот на еднаквост кој гарантира дека сите без разлика на полот и родот се третираат подеднакво во слични ситуации.

Училиштето може да бара учениците да се однесуваат и облекуваат пристојно но овие правила не смеат да бидат засновани на стереотипи и предрасуди туку да бидат флексибилни и да го земат предвид културниот, родовиот етничкиот идентитет и вредности, велат од Комисијата.

Комисијата му препорачува на ОУ „Климент Охридски“ од село Миравци да се воздржи од родово стереотипни дејствија и донесување родово стереотипни правила за однесување како во случајот како и да ги ревидираат интерните акти како куќниот ред од аспект на родова еднаквост, со цел преку нив да се промовира родова еднаквост наместо родови стереотипи

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Директорка барала од ученик да го скрати…

Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во гевгелиското…

Американскиот државен секретар оди во посета на…

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен следната недела…

(Видео) Хаос во Јужна Кореја: Полицијата не…

Во Јужна Кореја со денови трае политичката…

Патниците во возилото што падна во Вардар…

Патниците во возилото што вчера попладне излета…

Земјотрес почувствуван во Македонија, еве каде е…

Утрово земјотрес беше почувствуван во Дојран, Валандово,…