Директорот на Железници Хари Локвенец: Ќе изградиме европски континентален Босфор
Директорот на јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Македонија, Хари Локвенец денеска се обрати пред Европскиот Парламент, каде ги презентираше проектите за изградба на клучни коридори во државата.
Во контекст на енергетска и климатска криза, Локвенец ги потсети европратениците дека целта за декарбонизација на економиите во Европа во 2050 треба да значи фокус врз железничкиот транспорт.
-Единственото превозно средство кое може да ја оствари оваа цел е железничкиот превоз, затоа што е најбрз, најевтин, најкраток начин на конектирање и истовремено се грижи за животната средина, изјави Локвенец.
На сослушувањето во Европскиот Парламент, каде од учесниците само Македонците беа од земја која не е членка на ЕУ, Локвенец порача дека оваа цел ќе се оствари преку изградба на железничкиот Коридор 8, од Албанија преку Македонија до Бугарија.
Планот тоа да се оствари е со поврзување на јадранското пристаниште во Драч преку Скопје до Црното море во Бугарија, Бургас и Варна. На овој начин, рече Локвенец, се поврзуваат Медитеранот и Црното море.
-Ова ни овозможува да кажеме дека го градиме европскиот континентален Босфор, рече тој, додавајќи дека на овој начин се поврзуваат три земји членки на НАТО.
Планот за Коридорот 8, додаде Локвенец, ќе заокружи „важна европска иницијатива”, којашто ги вклучува и балтичките земји и со тоа три мориња: Црното, Јадранското и Балтичкото.
-Дванаесет земји од оваа иницијатива преку македонската и албанската железница ќе го заокружат железничкото поврзување на Балтичкото, Црното и Јадранското море, рече Локвенец во Европскиот Парламент.
Во однос на источниот дел од Коридорот 8, тендерските процедури се комплетирани, а во тек се процедурите за третата делница меѓу Крива Паланка и бугарската граница. Овој тендер треба да се отвори најдоцна во првата четвртина од идната година.
-За овој договор можам да кажам дека е најголем предизвик бидејќи од 24 километри има 24 тунели и 51 мост. За овој проект со проценета вредност од 400 милиони евра од 2017 година, добивме ИПА грантови од 61 милион евра и грант од 155 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан, рече Локвенец.
Ова значи дека над 50 отсто од фондовите доаѓаат од ЕУ, за штоЛоквенец се заблагодари во име на граѓаните на Северна Македонија и истакна дека ова овозможува блиска соработка и со бугарските колеги преку месечни средби за да се оствари целта за железничко поврзување до 2027 година. На крајот од овој месец ќе се започне со работа на овие проекти во Бељаковце и надежта е дека во рок од 36 месеци ќе се изгради нова пруга од 65 километри за првите две секции.
Во однос на западната делница од Коридорот 8 поднесена е апликација за техничка асистенција за да се актуелизира делот Кичево-Струга, а се работи и на делницата Струга-албанска граница. За сево ова во тек се подготовки за тендерските процедури и контакти со сите засегнати страни.
-Нашите проекции велат дека до крајот на оваа декада ќе ја заокружиме изградбата на Коридорот 8 на македонска почва, затоа ве замолуваме да ги поддржите нашите стратегии и планови и да го вклучите западниот дел во централната ТЕН-Т мрежа, рече Локвенец.
Шефот на македонски железници им порача на колегите во ЕУ дека земјите во Европа, дали се членки или кандидати, заедно претставуваат „голем железнички мозаик” и сите треба да бидат третирани еднакво.
-Преку овие активности покажуваме дека не сме само географски дел од Европа, туку дека имаме капацитет и волја да стоиме рамо до рамо со нашите европски пријатели преку учество во спроведувањето на европските стратегии, нагласи Локвенец во својот говор пред Европскиот Парламент во Брисел.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата повторно ги спасува „Железници“ со 16…
Иако на крајот од минатата година, преку…
Се бара нуркач за да ја провери…
Се бара нуркач за да ја провери…
(Видео) НЕВЕРОЈАТНО: Хари нема нозе но се…
„Тој стигна до врвот Сагармата во петокот…
Уште тоа ни требаше: Железничарите најавија блокада…
Системот секодјневно се распаѓа, по протетсите на…
Директорот на Железници Хари Локвенец: Ќе изградиме…
Директорот на јавното претпријатие за железничка инфраструктура…