Добро утро со Инфомакс: Да прокопаме меко полињата родни, афион, тутун, житце да родат благородни – На работа! На труд!

t

На Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, се потсетуваме на македонската социјална поезија на Кочо Рацин, кој минатиот век, преку “Бели мугри” повика на ослободување, национално и класно ослободување на македонскиот народ.

„Копачите“ е песна од стихозбирката „Бели мугри“.

Таа е лирска песна со експресионистичко-револуционерен мотив.

„Копачите“ е последната песна во збирката и единствената во која поетот јасно повикува на борба против тешкиот аргатски живот, повикува на револуција.

Добро утро Македонци, честит 1 Мај и уживајте во “Копачите”:

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

На работа!
На труд!

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел, троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

Ораме со рало
но земjата ни златна
колку е богата!

На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јaд!

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

И в тaјa мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та биjат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јaд!

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

На работа!
На труд!

Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!

Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…

Аташето за култура и образовани на САД…