Добро утро со Инфомакс: Македонски јазику, громовно гргај низ грлата на Пелистер, Шар, Егеј, Пирин – Да ти се изнаслушаат, да ти се нарадуваат

t

Вликанот, еден од ненадминливите македонски поети, Гане Тодоровски, бескрајната љубов и почит кон Македонија, македонскиот јазик, кон се’ македонско, го искажал преку неговата безвременска поезија.

Добро утри Македонци, уживајте во “Македонски јазик”:

МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Се роди ти во злодоба, во мрак,
за да те препознаеме ко сјаен божилак
на повидок по долги векови глувотија –
Се откорна ти како борбен вик
на востанатиот наш бунтовник
што прв ја презре ропската мирнотија!

Низ тажачки се раздипли в клет збор,
закремене низ корав непокор
ко завет свет на тие што нè родија –
Се осети ли навреден и клет,
со судба горчлива на вечно прогонет.
та, стана војник за слободија?

Запелтечи низ тетерав ти глас,
се престори во врла клетва, в небичас,
како болештина од рана луто зината –
Ти бигорлив, ти жуборлив, ти ромонлив,
ти трепетлив, ти дарежлив, ти болежлив,
ти возбудлив здив на татковината!

Им остана ли недовршен грев
на Миладиновци, на Џинот и на Прличев?
Разнежнетост? Достоинство? Добрување?
За деда Цепенко виделина низ опак век,
за Мисирков брег нестигнат, грч горкорек
во чинот свет на нашето зачнување!

Те навредуваа и безочни и зли,
ти токму тогаш се развиоре, се раскрили,
накај слободата ни стана ти поткревање –
Те псуваа, те одречуваа, не поверуваа
дека ко рожба најмила ми те зачуваа
галежно, долгите векови на поревање!

На Илинден се стори секавична вест,
в Крушевскиот се втисна Манифест,
за Делчев сплете наниз жални песни –
Во темно време бликна, чунки лач
на разден што се раѓа, да стане толкувач
на ден полн сонце и чудеснина!

Ти, на слобдата стана најскап дар;
Громовно гргај низ грлата на Пелистер и Шар,
до кај што бијат срца што те жедуваат –
Нем Егеј в ширта своја до болка ќе те смири,
ќе ми те засолни ко верен јатак Пирин,
да ти се изнаслушаат, да ти се нарадуваат!

Липај со гурбетчиите што роден кат
напуштаат, барајќи леб низ светот непознат,
од пустине Америки до припекон Австралија –
биди им жолчна клетва и пцост и благослов
кога ќе си го задомат кај-годе животот нов,
низ стара песна душата нивна разжали ја!

И биди верен вардач на сиот народ наш,
на молитва татковинска да прилегаш,
за да се смири правта на сите што те сакале –
Ти – бакнеж, брчка, благослов и бол,
ти – преграб страстен, ти – најлуд алкохол,
ти – воздишко низ која првпат сме заплакале!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…

Аташето за култура и образовани на САД…