Добро утро со Инфомакс: Наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме!

t

Во време кога е грев да се гордееш што си Македонец, кога се добиваат прекршочни и кривични пријави за истакнување на националното знаме додека сите други веат какви знамиња сакаат, кога законот важи само за Македонците, не и за некои останати, кога тие што треба да се најгласни и да застанат во одбрана на македонскиот народ молчат, за некои поголеми “европски” цели и вредности, време кога никој не се обидува да го врати моралот и еланот кај Македонците и да ги охрабри, да застанеме цврсто против неправдите, ви пренесуваме манифест на еден од најголемите Македонци на сите времиња, Петре Мито Андреевски.

Добро утро Македонци, во продолжение “Македонски манифест” на Андреевски, напишан во 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание.

“- Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост!

Браќи и сестри, бидете на штрек!

На подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот! Не напуштајте го храмот што го носите во вас. Не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат. Исправете ги неговите урнатини зашто само така ќе си ја вратиме и верата во себеси. Не срамете се од ништо што е наше. Ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци, кои пред нас биле некаде тука. Можеби на истите овие места што сега ги зафаќаме ние.

Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото што го позајмиле од нас. Сите оние кои што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна што се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. „Јазикот е наша идеална татковина“, ќе рече Конески и затоа да ги обожуваме своите зборови зашто тие се лицето на нашата душа. Тие се единствените живи споменици и клучни сведоци на кои им должиме сето наше сеќавање.

Браќа и сестри!

Ние сме избраниот народ што го имаше и божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Отворете ги нашите стари светилишта и ќе се уверите дека на овој духовен простор е родена и ренесансата во делата на големите ликовни мајстори на ѕидното сликарство.

Низ богатиот и разновиден фолклор е изразена и неповторливата творечка дарба на нашиот народен гениј. Тоа е златниот ковчег во кој се чува целиот македонски предзнак што ни е оставен во вечно завештание.

Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи духовни видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Kолку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она избрано место на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.

Браќа и сестри по род!

Да ги зарамниме еднаш веќе длабоките бразди на делби и омраза. Во омразата никој нема ни иднина ни надеж. И вие, браќа и сестри, кои судбината ве принудила да живеете заедно со вас, вклучете се во нашето единство. Зашто тоа ќе има непроценлива вредност. И за вас и за нас. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Но, ако не ја прифаќате нашата добронамерно подадена рака, тогаш го бараме само вашето разбирање кон нашите возвишени цели.

Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Но ние таа историја сакаме да ја пишуваме само со своето писмо и со својата вистина. Годинава славиме 100 години Илинден и 100 години македонска државност. А не се 100, туку 1.100 или 2.000 и неколкупати по 100 години македонска државност. Kој тоа се обидува да го замаглува нашето памтење? Kој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.

Браќа и сестри!

Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што не осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.

Ура за Македонија, ура и за тој вечен оган по кој се препознаваме.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО: Прво барал рушвет, па сега…

Новиот в.д директор на КПУ затвор Струмица,…

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…