(Документи) Фалинки или фалсификати во образованието на Бојан Христовски? Како за директор на АНБ е назначен човек за кој има сомнеж за фалсификат?
Во која нормална држава за директор на најсериозната безбедносна институција во државата се назначува човек за кој има сомнеж дека има фалсификувана диплома и фалсификат сертификат за познавање на англиски јазик?
На 16 октомври 2024 година на седница на Влада за директор на АНБ беше назначен Бојан Христовски. Во истиот ден кога беше назначен за директор на Агенцијата за национална безбедност, Христовски беше избран и за асистент по криминалистички науки при Факултетот за безбедност.
Во биографијата која ја објави факултетот може да се заклучи дека условите за кандидат за директорската позиција, Христовски ги исполнил минатата година, дипломирајќи на економскиот факултет при Универзитетот за туризам и бизнис во Скопје, бидејќи со неговото претходно образование како дипломиран тренер по кик-бокс не ги исполнува условите од конкурсот.
Христовски бил на раководни позиции во УБК во период од 2012-та до 2017-та, но нема точни датуми за да се потврди дали има полни пет години стаж на раководна позиција, како што стои во законските услови за директор на АНБ. Дополнително, според неговата биографија пријавена на факултетот за безбедност, Бојан Христовски добил сертификат за англиски јазик ТОЕФЛ во бугарски Пловидв во јазично студио „Јулија“.
Христовски во минатото бил активен член и претседател на неколку управни одбори, како што се клиниката за ортопедија, основното училиште „Љубен Лапе“, градинката „Буба Мара“, стои во биографијата на Христовски.
Тој бил и член на комисија за полагање на испит за ракување и употреба на оружје во струшко Лабуниште, како и претседател на одбор за финансиска контрола на националниот парк Пелистер во Битола. Сите овие функции ги извршувал во периодот од 2007 до 2017-тата година. Дополнително, Христовски беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и член на партијата, за што премиерот Мицкоски рече дека не е спорно бидејќи тој де „департизирал“ пред да стане директор на АНБ.
Во врска со сертификатот за познавање на англиски јазик на Христовски, Инфомакс претходно објави дека сертификатот е издаден од „јазично студио“ кое не постои, не било овластено за издавање на ТОЕФЛ сертификати, а дополнително истото јазично студио од Пловдив, Бугарија, се поврзува со низа лажни сертификати издадени на македонски државјани за кои случаи има кривични пријави и пресуди.
На ТОЕФЛ сертификатот на Христовски ќе се навратиме малку подоцна, а сега да видиме како и каде директорот на АНБ завршил факултет.
Христовски приложил диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје (сега Универзитет Скопје), од Економскиот факултет каде стои дека Христовски е „дипломиран економист“ на насоката за финансии, банкарство и осигурување.
На Уверението за положени предмети од прв циклус кое Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје му го издало на Христовски стои дека Уверението е издадено на 15.08.2023 година. Претходно, пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на седницата за пратенички прашања истакна дека Христовски го запишал факултетот на 01.09.2022 година и праша како е возможно за една година да се положат сите предмети од четири години, по што премиерот објасни дека наводно Христовски се запишал на факултет неколку години порано, па паузирал и после тоа го забршил факултетот, односно последната година во 2023 година.
И да е ова точно, има еден проблем… Доколку Христовски завршил факултет во 2023 година, а факултетот регуларно трае четири години, значи дека директорот на АНБ запишал економски факултет во учебната 2019/2020 година.
(Пресметано по години, во учебната 2019/2020 година Христовски бил прва година, прв и втор семестар, во 2020/2021 година бил втора година односно трет и четврт семестар, во 2021/2022 година бил трета година односно петти и шести семестар и дипломирал во учебната 2022/2023 година кога ги завршил седмиот и осмиот семестар.)
Каде е проблемот? Насоката „Финансии, банкарство и осигурување“ на која дипломирал Христовски, е акредитирана, со Решение од Агенцијата за квалитет во високото образование, на 28.06.2021 година. Накратко, се поставува прашањето, како Христовски се запишал на конкретната насока во 2019 година ако истата е акредитирана во 2021 година?!
Дополнително, самата Диплома која Христовски ја приложил, има проблеми. Согласно Правилникот за содржината и формата на дипломата, упатството за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи од МОН, дипломата на Христовски има седум суштествени повреди.
Дипломата треба да има
- Основач на високообразовната установа
- Број и датум на решението за почеток со работа издадено од МОН
- Просечна оценка на студентот
- Академски стручен назив во меѓународен промет
- Сериски број на дипломата
- Број и датум од Главната книга на дипломирани студенти на прв циклус на студии
- Печат на единицата (факултетот) и печат на Високообразовната установа (универзитетот)
Во дипломата на Христовски сите овие елементи отсуствуваат, наведени се само име, презиме и татково име на кандидатот, стручен назив во Македонија, нема печати, има само два потписи од декан и ректор.
Дополнително, Уверението за положени испити е издадено согласно член 239 од Статутот на Универзитетот, меѓутоа Статутот на Универзитетот е јавно достапен и може да се провери дека истиот завршува со член 165. Како Уверението е издадено согласно член што не постои во Статутот, треба да си проверат надлежните институции.
И ова не е се, Уверението за положени испити е издадено со печат на Универзитет за туризам и менаџмент, но истата установа во јануари 2023 година го менува името во Универзитет Скопје, со што автоматски се менува и печатот на универзитетот, а старото име престанува да се користи во правниот промет. Накратко, сите документи, како и Уверението на Христовски кое е издадено во август 2023 година, требало да бидат со печат на Универзитет Скопје, а не со старото име на установата. И повторно се поставува прашањето кој, како и зошто го издал ова Уверение со неважечки печат?
Вчера објавивме дека на барање на Антикорупциска, просветниот инспекторат влегува на Универзитетот за туризам и менаџмент за да го провери студентското досие на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Минатата недела Антикорупциската комисија испратила барање до просветниот инспекторат со кое се бараат информации за факултетската диплома на Христовски од Универзитетот за туризам и менаџмент. Инспекторатот има 15 дена да одговори.
Да се вратиме на ТОЕФЛ сертификатот на Христовски.
Јазично студио „Јулија“ во Пловдив, Бугарија не постои, покажуваат ексклузивните снимки на Инфомакс од адресата кадешто треба да биде сместено јазичното студио од кое директорот на АНБ, Бојан Христовски, наводно добил TOEFL сертификат за познавање на англискиот јазик.
Христовски, како што е наведено во неговата официјална биографија, добил сертификат за познавање на англиски јазик од јазично студио „Јулија“ во Бугарија. На прашањето зошто не набавил сертификат за познавање на јазик од Македонија, Христовски во гостување во „360 степени“ рече дека во 2022 година тоа било најбрз можен начин да се добие сертификат, бидејќи таму имале термини.
Прво, да провериме дали тоа е точно.
Во членот 10 од Законот за АНБ, во делот за познавање на странски јазици се определува дека покрај најпознатиот TOEFL сертификат, директорот на АНБ може да има и некој од другите меѓународно признаени сертификати, како на пример АПТИС и тоа најмалку ниво Б2.
Во Октомври, 2022 година, кога директорот на АНБ брзал да добие сертификат за познавање на јазик во Центарот за странски јазици во Скопје секој месец имале по два или три термини за полагање на испитот, што значи дека Христовски можел кога и да посака да се пријави и да полага тест за да се стекне со АПТИС сертификатот.
Но да се вратиме на „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, „јазичното студио“ кое издало низа лажни TOEFL сертификати за лица од Македонија, а за кое и МВР има соодветна евиденција.
Гледач на Инфомакс од Бугарија отиде во Пловдив, на адресата која студиото ја има оставено на нивната Фејсбук страница, а која ја има во регистарот на фирми во Бугарија.
Нашиот гледач направи мало истражување по кое стана јасно дека јазично студио „Јулија“ во Пловдив не постои, а никој од околината не знаеше дека некогаш воопшто имало такво нешто.
Нашиот гледач објасни дека адресата е во стариот дел на Пловдив, на убаво место каде има седишта на разни бизнии, има дуќани, меѓутоа јазичен центар „Јулија“ на таа адреса не постои.
Дека во Пловдив никогаш немало овластено студио кое доделува TOEFL сертификат денеска потврдија и бугарските колеги оф ФАКТОР.БГ .
– Проверката на Интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација, пишува „Фактор.бг“.
Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, ја презел функцијата со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив, пишува бугарски „Фактор“. Во написот, како што се наведува, на посочените адреси во Пловдив нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работат онлајн.
Во телефонски разговор, лицето кое одговорило на бројот објавен во брошурата посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање на таков сертификат, пишува „Фактор.бг“.
Јазичното студио „Јулија“ веќе издало низа лажни сертификати за македонски државјани.
Инфомакс објави дека две директорки на образовни институции во Македонија добиле кривична пријава за лажен сертификат издаден од истото јазично студио како и сертификатот кој го добил директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Министерот Панче Тошковски на 26 април на социјалните мрежи објавил дека е поднесена кривична пријава за велешанка која приложила лажен сертификат за пОзнавање на англиски јазик при аплицирање за директорска позиција во Велес.
Велешката полиција поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Како што информираат денеска од МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца – детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Бугарија.
Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.
А еве ја и објавата на министерот Тошковски.
Ист случај имало и во Кисела Вода каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на образовна институција откако утврдиле дека прикажала лажен сертификат за познавање на јазик.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на основно училиште која поседувала лажна диплома за странски јазик во февруари годинава, што секако е одличен потег особено откако дознавме дека новоименуваниот директор на АНБ има TOEFL сертификат од Пловдив, Бугарија.
Ѓорѓиевски тогаш потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.
–Нема компромис кога е загрозен законот. Директорката веднаш е разрешена. По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов в.д. директор, истакна Ѓорѓиевски.
Правдата мора да излезе на виделина, вели Ѓорѓиевски, при тоа да нема никакви негативни последици врз наставно-научниот процес и врз самите ученици.
–Апелирам надлежните институции да го расветлат случајот до крај, непристрасно, исклучиво водејќи се според законодавната легислатива. Врвен интерес преставува владеењето на правото и работа во интерес на сите граѓани на Општина Кисела Вода, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во меѓувреме ниту Владата ниту директорот на АНБ не ги демантираа вчерашните објави на Инфомакс. Претходно и СДСМ објасни дека во Пловдив не постои сертифициран TOEFL центар, а никој не ги демантираше ниту тие информации.
Кратко после овие објави, јазичното студио Јулија ги избриша сите Фејсбук страници кои ги имаше за промоција на студиото.
Претходно Јулија имаше две Фејсбук страници за промоција на агенцијата, меѓутоа и веб страницата за Бугарија и веб страницата за Грција веќе не постојат на социјалните мрежи.
Ова се скриншотите од страницата во Бугарија, а во продолжение доказ дека е избришана и страницата во Грција.
И за крај, премиерот Мицкоски и Владата би требало, согласно Законот за АНБ, веднаш да го разрешат Христовски од функцијата.
Член 10, став два од Законот за АНБ вели:
Функцијата на директорот пред истекот на мандатот престанува по следниве
основи:
- на негово барање,
- ако ги исполни условите за пензија согласно со закон,
- ако со правосилна судска пресуда му е изречена казна за сторено кривично дело за кое
се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на
функцијата,
5 од 61 - ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата.
Во ставот три од истиот член се наведува дека:
Основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот се:
- ако не постапува согласно со закон, во врска со вршењето на надзор од страна на
субјектите кои вршат надзор согласно со одредбите од овој закон, - ако против него е поведена истражна постапка кога постои основано сомневање дека
сторил кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави
недостоен за вршење на функцијата, - ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата,
- ако не постапи согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и
судирот на интереси, - ако престане да исполнува некој од условите од ставот (1) на овој член.
Зошто Христовски би требало да биде разрешен? Затоа што ОЈО Скопје веќе отвори предмет по анонимна кривична пријава за сертификатот за познавање на англиски јазик на Христовски.
– „До Основното јавно обвинителство Скопје е доставена анонимна кривична пријава, која е распоредена кај јавен обвинител и по која се постапува“, се вели во одговорот од Обвинителството.
Пријавата се однесува на јазичниот ТОЕФЛ сертификат на Христовски од бугарската јазична школа Јулија, чии сертификати се прогласени за фалсификати, појаснија од ОЈО Скопје.
Треба да се напомене дека доколку Владата и премиерот не го разрешат Христовски во најскор можен рок, истите треба да одговараат за злоупотреба на службената положба согласно членот 353 од Кривичниот законик на Република Македонија, а во врска со членот 10, ставовите два и три од Законот за Агенцијата за национална безбедност, кој Владата и премиерот го кршат со неразрешување на Христовски, иако против него е започната постапка во Обвинителството.
За крај, уште еднаш да прашаме:
Во која нормална држава за директор на најсериозната безбедносна институција во државата се назначува човек за кој има сомнеж дека има фалсификувана диплома и фалсификат сертификат за познавање на англиски јазик?
А. Митовски
А. Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата со препорака Службен весник да ја…
Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…
Владата го повлече предлог-законот за средно образование,…
Законот за средно обеазование е повлечен од…
Мицкоски ги замолил Грција и Бугарија за…
Христијан Мицкоски барал безусловна поддршка од Грција…
Владата ќе го раскине 17 милиони евра…
Владата планира да го раскине договорот со…
Христовски не се откажува: Останува во АНБ…
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан…