ДУИ го победи ВЛЕН, но го загуби „дербито“ во Чаир

t

Бројот на освоени градоначалнички места или влез во вториот круг е впечатлива математика, но не е целосна. Така е и во македонскиот, така е и во албанскиот политички блок.

Според податоците на ДИК, коалицијата ВЛЕН има веќе добиено или ќе влезе во вториот круг во битката за градоначалник во девет општини, а коалицијата околу ДУИ, Национална алијанса за интеграција (НАИ), во пет.

Оваа битка беше претставена како клучна за политичка превласт меѓу албанските гласачи, но и лакмус дали се можни превремени парламентарни избори следната пролет. Избори, секако, се можни, но распоредот на силите во албанскиот блок изгледа дека е останат ист. Со тоа што еден еден клучен играч од политичката сцена – Бујар Османи – може да објави привремен прекин на кариерата по јасниот пораз во „дербито“ на овие локални избори во скопската општина Чаир.

Општа констатација е дека за успехот или неуспехот на едни локални избори треба да се смета бројот на освоените гласови на листите за советници, затоа што таму се јасните партиски претставници, додека кандидатите за градоначалници може да привлечат различни структури гласачи.

На листите за советници на изборите во неделата НАИ освои 114.237 гласа, додека ВЛЕН 91.994. Тоа е респектабилна разлика – од 22.243 гласови. Во размер тоа е 1,24:1 во корист на ДУИ.

Според општини каде двете коалиции имале свои кандидатски листи НАИ победила во 23, додека ВЛЕН во само 10. Во четири општини ВЛЕН немаше свои кандидатски листи, додека ДУИ имаше.

И двете партии доживеаја намалување на гласовите од ланските парламентарни избори, меѓу другото, затоа што и излезноста беше помала. Лани ДУИ (здружена во „Европскиот фронт“) доби 137.561, а ВЛЕН 107.081 гласови. Разликата беше 30.480 гласови. Или во размер 1,28:1 за ДУИ.

Значи, соодносото во резултатите е речиси идентичен. И покрај тоа што тогашното главно лице на ВЛЕН, Арбен Таравари, избега од коалиција и ѝ се придружи на ДУИ, заедно со другото крило на Алијансата за Албанците.

Но оваа победа на ДУИ има многу горчлив вкус на пораз. Не што ДУИ беше поразена во Чаир, туку затоа што тоа беше направено убедливо. На советничките листи во Чаир ВЛЕН освои 13.477, а ДУИ 10.356 гласови. А иста беше разликата – во десетина процентни поени – и меѓу Изет Меџити и Бујар Османи.

ДУИ освои помалку гласови од ВЛЕН и во Скопје – во битката за градоначалник и за Советот на главниот град. Разликата е мала, но сепак е во корист на ВЛЕН. Нивниот кандидат, Башким Бакиу, беше трет, пред Каја Шукова од СДСМ, а Скендер Реџепи од НАИ петти.

На советничките листи ДУИ загуби и во Тетово со 2.000 гласа разлика, а таму за вториот круг води актуелниот градоначалник Билал Касами.

Дури и во Сарај, таа неосвоива тврдина на ДУИ сите овие години, резултатот на советничките листи е израмнет – 9.205 наспроти 9.004. Додека Мухамет Еламзи од ВЛЕН ги доби изборите за градоначалник во првиот круг. Во Сарај беше градоначалник и поранешниот министер Блерим Беџети, кој сега е координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието. Тој едно време беше во „огнената група“ што се отцепи од ДУИ, па повторно се врати под закрилата на Али Ахмети. Сега можеше да биде сведок на историскиот пораз во Сарај.

Единствената голема утеха за Али Ахмети и ДУИ е големата, убедлива победа во Гостивар, Липково, Врапчиште. Но тоа е малку за лечење на раните, како ни победите на листите за советници во Куманово, Кичево или Струга.

ВМРО-ДПМНЕ му помогна на Изет Меџити да победи во првиот круг во Чаир, но ВЛЕН самостојно однесе неколку важни победи. Сега доаѓа комплицирано вереме за одлуки што треба да ги носи Али Ахмети. Со приказните за врапчињата, орлите, зајаците само му помогна на ВМРО-ДПМНЕ (иако не толку како на ланските парламентарни избори), но тоа беше неубедлив и веќе застарен наратив за Албанците.

Очигледно дека голем дел од нив сакаат Али Ахмети да почне да се повлекува од политиката, а неговите аѓутанти во ДУИ да престанат да се однесуваат кон него како спрема култ или жив бог и да се свртат кон гласачите и да разберат како Иџет Меџити (кој се етаблираше како лидер на ВЛЕН) успеа да го понесе ореолот на победник во клучната битка меѓу Албанците на овие локални избори.

Нема да биде изненадување и ако Националната алијанса за интеграција почне да се крши на делови. Двете крила на Алијансата за Албанците се претопија во оваа коалиција и ја загубија автентичноста и влијанието меѓу гласачите. И Арбен таравари и Зијадин села речиси да ги немаше во оваа кампања. Пратеничката група е со низок квалитет, со личности кои имаат многу ограничено влијание во политичките процеси. Веќе е време Али Ахмети да си го поставува прашањето – Каде згрешив?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДУИ го победи ВЛЕН, но го загуби…

Бројот на освоени градоначалнички места или влез…

Радев побара од Унгарија да влијае врз…

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, по средбата…

Милошевски: Вчерашните избори го одбележаа почетокот на…

После вчерашните избори ништо повеќе во Македонија…

Митовски: Ваков врел шамар ВМРО-ДПМНЕ нема јадено…

Не било за џабе “Тешки Муабети”. Ваков…

Ѓорѓиевски доби поддршка од Меџити и Бакиу…

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце…