Д-р. Бајрактаров: Насилството не се оправдува, со тоа го отвораме патот за следна жртва!

t

*Објава на Фејсбук на доктор Стојан Бајрактаров:

Зошто толку лесно се оправдува насилството? Особено кога жртвата е жена? Дали и покрај се, се уште живееме во време на патријархат? Дали се идентификуваат со насилникот, од страв да не се следната жртва?

Можеби „на криво го погледнала“.

Можеби „го испровоцирала“.

Можеби „многу зборела“.

Или, не дај Боже, пријавила криминал.

Па што? Дали тоа е доволна причина некој да биде нападнат, понижен, изложен на омраза?

За жена – да биде физички и симболички нападната, а потоа и осудена од истото општество кое би требало да ја заштити?

Вознемирувачки е со каква леснотија се кажува:

„Си го заслужи.“

„Сама си го предизвика.“

„Што бараше таму?“

Тоа се нарекува victim blaming (обвинување на жртвата) – кога вината за насилството се префрла на жртвата, наместо на сторителот.

Тоа е честа појава при насилство врз жени, при сексуално и семејно насилство, но и во случаи како овој – кога жена на јавна функција е нападната откако јавно зборувала или пријавила злоупотреба. Инаку, и не мора да се согласувате за тоа што прави, и како тоа го прави жртвата, тоа во случај на насилство воопшто не е важно. Замислете да се одобрува насилството спрема било кој со кој не се согласувате. Замислете да се одобрува насилство како на O.J. Simpson. Или да го живееме филмот “Natural Born Killers“.

А потоа следи секундарната виктимизација – кога жртвата, наместо поддршка, добива нова повреда: обвинување, срам, исмевање, замолчување.

И тоа е исто толку опасно како и самиот чин на насилство.

Но можеби највознемирувачко од сè е тишината на некои жени, кои инаку се гласни поборнички за женски права.

Жени на функции, жени со моќ, жени што знаат гласно да реагираат – сега молчат.

А молкот во вакви моменти не е неутрален.

Тој е одобрение.

Насилството не се оправдува. Ни со поглед. Ни со збор. Ни со храброст.

А најголемата опасност е кога ќе почнеме да веруваме дека некој „си го барал“.

Со тоа го отвораме патот за следната жртва – и го затвораме гласот на правдата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ