Д-р. Нико Беќаровски ѝ одговори на германската амбасадорка: 90% од здравствените работници никогаш не би побарале мито!

t

Амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, порача дека борбата против корупцијата се учи и се применува од најмали нозе до највозрасни жители.

-Сите луѓе треба да сфатат дека не треба да стават по некоја банкнота во мантилот на лекарот. Или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок за 8-ми март за да ученикот, детето има подобра оценка.

Сите треба да научат, од најмалите до највозрасните, како се сузбива корупцијата, истакна амбасадорка Холштајн.

Тоа е тешка борба и не е само за политичарите тулу и за граѓаните, додаде амбасадорката на СР Германија.

Познатиот професор на скопскиот медицински факултет и доктор на клиниката за Токсикологија, Нико Беќарвски, денес и одговори на германската амбасадорка.

Еве што тој напиша на својот профил на социјалните мрежи:

„Почитувана Ваша ЕКСЕЛЕНЦИЈО, Дозволете накусо да Ви одговорам на Вашите луцидни и оригинални совети за спречување на корупцијата во мојата земја.

Како човек кој 33 години работи во јавното здравство, најодговорно Ви тврдам дека >90% од здравствените работници во Македонија, најсовесно си ја вршиме својата работа и НИКОГАШ не би побарале или зеле мито од било кој пациент, иако платата на секој здравствен работник во мојата земја, е помала од две обични дежурства на соодветен здравствен профил, во Вашата прекрасна земја.

Најголем дел од здравствените работници во мојата земја се материјално сиромашни, но многу чесни и вредни работници, кои својата професија ја одбрале од љубов, а не за материјален интерес, бидејќи носењето на БЕЛИОТ МАНТИЛ во Македонија, но и во екс Југославија, никогаш не била добро платена професија.

Всушност секоја година 200-300 здравствени работници од мојата земја, ја прифаќаат Германија како своја втора татковина и ниту еден од нив, никогаш не бил вклучен во било каков коруптивен скандал во Вашата земја, туку напротив трудољубиво и беспрекорно се вклопуваат во Вашиот перфектно уреден здравствен систем.

Почитувана амбасадорке, ако навистина сакате да и помогнете на мојата земја и да ни помогнете да ја обелиме извалканата боја на нашите мантили од корумпираните наши колеги, НАТЕРАЈТЕ ГИ ПРАТЕНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО ВЕДНАШ ДА ДОНЕСАТ ЗАКОН ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТОТ ОД 1991 ГОДИНА ДО ДЕНЕС.

Со тој едноставен законски акт ќе се направи јасна диференцијација во целото општество, а не само во здравството и образованието.

Почитувана екселенцијо, на крај дозволете најдлабоко да Ви се заблагодарам Вас како амбасада, на Вашиот претходен амбасадор и на сите германски државјани, за посетата и донацијата обезбедена од Ваша страна за УК токсикологија во 2017 година, во медицински инвентар кој се уште секојдневно се користи од нашите пациенти и да Ве поканам и ВИЕ да ја посетите нашата Клиника и непосредно да се запознаете со медицинскиот персонал.

Со должна почит, Проф. д-р. Нико Беќаровски“, напиша познатиот доктор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Д-р Беќаровски: Ковид cepтификатите се смешни во…

Ако сите се сложуваме дека ниту вакцината,…