Еве ја таа проста земја што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски, а никој не ја знае – 93 години од раѓањето на Анте Поповски!
На денешен ден, 3 јуни во 1931 година во Скопје е роден македонскиот поет Анте Поповски.
Анте Поповски дипломирал медицина, но се занимавал со литература. Работел како директор на НИП „Нова Македонија“ (1970 — 1973) и на „Вардар филм“, а во два мандати и претседател на Друштвото на писателите на Македонија. На почетокот на 1990-тите, тој бил еден од основачите на политичката партија МААК. Исто така, Поповски бил член на МАНУ од 2001 година.
Позначајни дела на Поповски се:
- Одблесоци (поезија, 1955)
- Вардар (поезија, 1958)
- Самуил (поезија, 1963)
- Непокор (поезија, 1964)
- Камена (поезија, 1972)
- Тајнопис (поезија, 1975)
- Љубопис (поезија, 1980)
- Родопис (поезија, 1981)
- Сина песна (поезија, 1984)
- Глас од дамнина (со литературно-историски и поетолошки карактер, 1986)
- Ненасловена (поезија, 1988)
- Оковано време (статии и коментари, 1991)
- Меѓу животот и знаците (есеи, 1991)
- Провиденија (поезија, 1995)
- Две тишини (поезија, 2003)
Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија и Индија.
Освоил бројни награди за своето творештво.
Во продолжение „МАКЕДОНИЈА„ од Анте Поповски.
М А К Е Д О Н И Ј А
1.
Стиснете ги тревките
неа ќe ја исцедите.
Наслоните се врз каменот
името ќe ѝ го чуете.
Симнете се во рекине
дното со неа ќe ве почести.
Легнете да починете
и ноќта со неа ќe ве покрие.
2.
На овој даб името ќe ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.
На оваа нива грутка од тебе ќe посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.
На овој рид ќe те оставам
и кога ќe заминам
пак да те гледам
Голема.
3.
Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце
Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините
Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води
Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат
Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк
Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.
4.
Се искачија маглишта по ридон нагоре
– И месечината ќе ја украдат.
Долу по рекана,
Горе по добравана,
Одѕива полено којзнае кој век
Во војнички цокули обуено.
5.
За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена
Без чемпреси и без божилак
До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја
Гробишта облакот го исцицуваат
И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени
За вечни времиња.
Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица
Освен да го чека недојденото.
6.
Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа
Те испи за три животи напред и пак горам.
Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата
– И за шпионот во твои меса ако се криел болка ме пече
Зашто, ти од малена не` научи
Така просто, така јасно да си се разбираме
Тој нож што нема – среќа нема.
7.
3а неколку нови чекори недостижност
ме остави утринава зад тебе.
Чинам се делиме:
Твојот пат нагоре
мојот пат кон тебе води.
Стапни ме, во твоите корени скри ме
никојпат да не се разделиме.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…
Не постои запис кој ќе потврди како…
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…