Објавено на:

Европската Унија издвои шест милијарди евра за Западен Балкан

t

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави политичкиот договор што денеска го постигнаа Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, во износ од шест милијарди евра и потенцираше дека проширувањето на Унијата е геостратешки приоритет.

„Сакаме побрзо да го доближиме Западен Балкан до Унијата, а договорената инвестиција од шест милијарди евра е клучен чекор во таа насока. Комбинирајќи ја зголемената финансиска помош и реформите, тоа ќе го забрза напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, ќе ја поттикне нивната економска конвергенција и подобро ќе ги интегрира во нашиот единствен пазар“, се вели во писмената изјава на Фон дер Лајен.

Вкупниот износ на средства за периодот од 2024 до 2027 година е шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се исклучително поволни заеми. Најмалку половина од вкупната сума ќе биде распределена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и ќе ги поддржи инфраструктурните инвестиции, вклучувајќи транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, а остатокот ќе биде директна поддршка за државните буџети.

Средствата ќе се распределуваат двапати годишно, врз основа на барањата на партнерите од Западен Балкан, по верификација од Европската комисија и потврда дека се исполнети сите релевантни услови поврзани со макрофинансиската стабилност, доброто управување со јавните финансии, транспарентноста и буџетскиот надзор.

Доколку некои услови не се исполнети, Комисијата може делумно или целосно да ги прекине плаќањата. По ваквото суспендирање и во случај државата да не ги исполни соодветните услови за време на грејс периодот од една година или две години во првата година од спроведувањето, суспендираниот износ ќе се повлече и ќе може да се прераспредели на други корисници.

Политичкиот договор постигнат денеска сега е предмет на формално одобрување од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, а Регулативата за Фондот за реформи и раст за Западен Балкан ќе стапи на сила следниот ден по нејзиното објавување во Службен весник.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Во земјите од регионот денеска се активирани…

Грчките здравствени власти предупредуваат на наглото зголемување…

Властите во Грција предупредуваат на зголемено ширење…

ЕУ донираше 35 милиони евра за Србија…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека…

Детална истрага за регионалниот крах на електроенергетскиот…

Комитетот за системско работење на Европската мрежа…

Машала: ЕУ ќе даде 500 милиони евра…

Европската комисија го усвои Предлог-буџетот на ЕУ…