Објавено на:

Европските медиуми: Ако Ле Пен победи во Франција тоа ќе ја скрши ЕУ, а НАТО ќе доживее голем потрес

t

Емануел Макрон има многу тесна предност по првиот круг на претседателските избори во Франција и не е исклучено „црното сценарио“ за Европската унија, а тоа е да победи лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, бидејќи тоа би бил потрес за НАТО и би се скршила структурата и основите на Унијата, пишуваат повеќе европски медиуми.

Аналитичарите велат дека тоа би била „нова Унгарија во ЕУ“, па дури и можен почеток на излегувањето на Франција од Унијата, бидејќи Ле Пен сака „да ја преструктуира ЕУ во унија на суверени национални држави“, да воведе заштита на националната економија на границите и да го наруши единствениот пазар, кој е темелот на Унијата.

Според „Дојче веле“, доаѓањето на екстремната десница на власт во Франција би било тежок удар врз самите темели на француската демократија.

Во анализите се наведува дека Европа со нетрпение чека да види дали Макрон ќе може да се одржи и зајакне како лидер на Унијата, бидејќи новиот германски канцелар Олаф Шолц сѐ уште нема значително влијание врз одлуките и случувањата во ЕУ.

Дотолку повеќе што Марин Ле Пен нагласува дека сака да ја оттргне Франција од индустриската и воената соработка со Германија. Француско-германската оска досега се покажа како движечка сила на целата Унија. Макрон смета дека тоа е клучно за силата на ЕУ, додека Ле Пен смета дека Германија има поголема корист од тоа.

Таа како важна точка на својата програма ја постави целта за повлекување на Франција од воената структура на НАТО и смета дека Франција треба да ја зајакне безбедносната и воената соработка со Велика Британија, која неодамна ја напушти Европската унија, а Ле Пен има за цел значително да ја намали соработката со САД.

Повеќето коментатори сугерираат дека Макрон сака да ја зајакне и изгради „стратешката автономија“ на Европската унија.

Додека неговата ривалка вешто цели кон незадоволството на голем број гласачи кои ја обвинуваат „бирократијата во Брисел“ за скокот на цените на енергијата, храната и падот на куповната моќ на сиромашните, Макрон успеа многу подобро отколку другите земји во Европа да го зачува растот на економијата. Неговата власт спроведе тешка реформа на пазарот на трудот, ги одржува цените на горивата на прифатливо ниво, дава субвенции за граѓаните за парно и електрична енергија.

„Победата на Марин Ле Пен е повеќе незамислива отколку неверојатна“, предупредува шпанскиот весник „Периодико“, кој, како и другите анализи, тоа го гледа во фактот што електоратот е поделен, а традиционалните француски партии доживеаја вистински дебакл во првиот круг.

Меѓу другото, грчкиот неделник „Документо“ истакнува дека Макрон може да смета на гласовите на средната класа и гласачите во поголемите градови, додека Ле Пен привлече голем дел од работниците и посиромашните рурални области, каде што популистичката реторика наоѓа плодна почва.

Но, како што забележува грчкиот неделник, Макрон не може едноставно да каже: „Гласајте за мене да ја запрам Марин Ле Пен“, бидејќи „Французите не се плашат од неа како претседател“.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како членките на ЕУ им помагаат на…

Податоците на Евростат велат дека во 2021…

Фон дер Лајен: Постигнати се пресвртници во…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Главчев за Македонија: Не е нормално земја…

„Денеска ќе бидам на самит во Брисел…

НАТО: Србија сама треба да одлучи какви…

На конференцијата „НАТО и партнери 2024: Преку…

НАТО ја презеде од САД координацијата на…

НАТО ја презеде координацијата за западната воена…