Ексклузивно со Каракачанов – Македонија нема да добие датум додека не ги прифати сите барања
Бугарија нема да отстапи од своите барања и ставови, сите политички партии во Бугарија се единствени кога станува збор за Македонија и бугарските национални интереси истакна поранешниот министер за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачнов во ексклузивно интервју за Инфомакс.
По интервјуто со Каракачанов логично се наметнува прашањето дали во август 2017-та година екс-премиерот Зоран Заев бил свесен што потпипува кога го стави својот параф на Договорот за добрососедство на кој соседна Бугарија ги базира сите свои барања и блокадата на македонските евроинтеграции.
Според Каракачанов виновникот за спорот се токму македонските политичари на чело со Заев кои сметале дека со непочитување на Договорот за добрососедство и лобирање на Запад ќе се зголеми притисокот врз Бугарија па така нашиот Источен сосед ќе отстапи од своите барања.
Каракачанов открива дека лично му посочил на Заев дека за џабе како што вели тој „арчи грдни пари“ за лобирање против Бугарија која е суверена држава и дека кај нив постои национален консензус кој е резултат на Декларацијата во бугарското собрание кој за нив претставува основа за заштита на бугарските национални интереси.
Со декаларацијата дефакто се негира постоење на македонски јазик, а според бугарската страна македонската нација е творба на Титова Југсолавија во периодот по втората светска војна.
За повеќе детали прочитајте го во целост интегрално интервјуто на Каракачанов ексклузивно за Инфомакс:
Министерот Бујар Османи одбива да коменитра за содржината на македонските одговори на пакетот „5+1“ кои ги предаде на министерот Светлан Стоев од Република Бугарија, за време на НАТО самитот во Рига. Која е содржината на истите? Што се прифаќа а што не?
-Немам информација, Османи ги предаде директно на бугарскиот министер, но сега веќе има нов министер за надворешни работи на Бугарија и по тоа прашање тука не се коментира ништо. На тоа прашање треба да го одговори вашиот министер за надворешни работи.
Имајќи предвид дека Македонија има регулативи со кои сите етнички и верски заедници имаат исти права со кои се заштитени и рамноправни, зошто е потребно Бугарите да бидат споменати во македонскиот Устав?
-Бидејќи во македонскиот Устав се споменати секакви етнички заедници кои се многу помалку бројни од Бугарите во Македонија. Има најмалку 120 илјади македонски граѓани кои имаат бугарско државјанство, а за да добијат бугарско државјанство тие 120 илјади македонски државјани се декларирале како Бугари. До моментов постојат уште 40 илјади македонски граѓани кои поднеле документи и чекаат бугарско државјанство. Имате повеќе Бугари во Македонија од Србите кои се запишани во Уставот. Нормално тоа е да стои во Уставот на Република Македонија јас не гледам ништо проблематично тука.
Бидејќи во дипломатијата се работи за реципроцитет. На кој начин Република Бугарија ги заштитува правата на Македонците во Бугарија, имајќи предвид дека веќе има неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права дека македонското малцинство во Бугарија е дискриминирано?
-Првото нешто е ако го прочитате Уставот на Македонија и Бугарија ќе дојдете до заклучок дека станува збор за две различни работи. Во македонскиот Устав официјално се признати најразлични малцинства и македонскиот Устав гарантира колективни права на македонските малцинства. Бугарскиот Устав не е таков, во него се гарантирани индивидуалните човечки права на сите граѓани и во бугарскиот Устав не се третираат религиозни и малциснки групи, така да тоа е разликата. Поради таа причина нема никаква логика да се говори за малцинства во Бугарија. Во повеќето европски Устави нема малцинства, се говори за индивидуални човекови права, сите граѓани без разлика од вероисповед, националност, јазик имаат еднакви права. Во таков Устав не се третираат малцински, односно колективни права.
Колку бугарски државјанства има издадено Република Бугарија на граѓани од Република Албанија?
-Немам точна бројка, но најверојатно се околу 5 до 6 илјади. Тоа се стари информации од пред повеќе од една година. Бугарски структури има во Мала Преспа, Тирана и во Голо Брдо, три или четири бугарски здруженија има во Албанија. Не се само во Мала Преспа има и во Тирана. И ако не се лажам најмногу има во Тирана, бидејќи голем број граѓани од Мала Преспа и Голо Брдо се преселиле на времето и живеат во Тирана.
Македонскиот пратеник во албанското Собрание обвини дека Бугарија врши организирано асимилирање на Македонци во Голо Брдо и Мала Преспа.
-Македонскиот пратеник лаже бидејќи Бугарија нема како да влијае во Албанија и во тоа население бидејќи Бугарија воопшто нема граница со Албанија. Во Албанија има три или четири бугарски здруженија, никој не ги создавал на сила, тие се албански граѓани кои се определиле самите како Бугарија. Колку што знам има и неколку здруженија на Македонци во Албанија само ние не ја обвинуваме Македонија дека ги притиска тие луѓе да се напишат како Македонци. Просто македонскиот пратеник за да ги заслужи парите кои ги добива од Скопје мора да каже нешто.
Се соочува ли Република Бугарија со притисок од меѓународната заедница за поскоро решавање на отворените прашања со Македонија и бугарското вето? Дали можеби некоја друга држава стои зад ветото на Бугарија за Македонија?
-Не нема такво нешто затоа што Бугарија е суверена држава, член на НАТО и ЕУ. Според европските правила секоја членка на ЕУ има право на вето кога станува збор за нови кандидати за преговори со Унијата. Во конкретниот случај Бугарија не става вето, туку бара од Република Македонија да започне да го исполнува Договорот од први август 2017-та година кој не се исполнува. На крајот на краиштата да бидеме објективни, има договор помеѓу две држави како Македонија и Бугарија. Тој договор од една страна, Република Макеоднија не се исполнува. Бугарија има право исполнувањето на договор да го постави како услов и да се дојде до решение. Не знам зошто тоа не го кажуваат македонските медиуми, има други европски држави, четири во ЕУ кај кои мора да помине на рефендум секое ново членство во Европската Унија. Така да проблемот не е само Бугарија. Проблемот на прво место е во политичарите од Скопје кои не сакаат да го почитуваат договорот и мислат дека странски фактори ќе притиснат и Бугарија ќе го смени ставот. Како што видовте вчера имаше средба во Советот за национална безбедност и сите политички партии во бугарскиот парламент, Влада и претседател ја потврдија позицијата на бугарското Собрание од 2019-та година. Јас две години се обидувам да го убедам Заев како и сите македонски министри со кои сум разговарал, но и македонските медиуми дека Бугарија нема да ја промени позицијата. Бугарија сепак е суверена држава и сите политички партии во Бугарија работат за бугарските национални интереси. Не треба да се надева никој дека некоја поголема држава ќе ни каже што да правиме ние. За жал господинот Заев не ми поверува, сметаше дека со лобирање пред неколку европски држави може да постигне резултати без да го почитува договор. За жал тој погреши, а јас бев во право.
Каракачанов за Инфомакс тврди дека Зоран Заев трошел државни пари за да плаќа поддршка од странски тинк-тенк организации како контроверзниот институт ИФИМЕС во Словенија. Според словенечките медиуми, овој таканаречен институт во најмалка рака е контроверзен, бидејќи се поврзува со водење платени политички кампањи преки таканаречени аналитички текстови.
Toкму Зијад Беќировиќ, основач на институтот ИФИМЕС во Љубљана стана советник на премиерот Зоран Заев. Од Владата не го соопштија хорорарот кој му се исплаќа на Беќировиќ.
Односно Каракачнов потенцира дека преку ИФИМЕС и слични организации пред македонските гласачи Заев сакал да се претстави како патриот, а нешто сосема друго договарал и преговарал со официјални претставници од Софија.
Мислите за парите кои Македонија ги плаќаше на словенската Ифимес?
-Не само тие и многу други. Владата на Заев не постапуваше правилно. Наместо да арчи пари и да губи време за да лобира на Запад некој да ја притиска Бугарија, тие четири години од август 2017-та година до ден денес, тоа се повеќе од четири години, можеше да има еден отворен дијалог помеѓу двете држави и проблематичните прашања да бидат решени. Грешката не е во Софија, грешката е во Скопје. Ако новиот македонски премиер оди по стариот пат нема да постигне никаков резултат. Ние од секогаш сме биле за отворен, нормален и чесен дијалог, а не да чекаме некоја друга држава да ни ги решава прашањата.
Во македонските медиуми беа лиферувани информации дека биле прифатени од македонска страна дел од бугарските прашања кои би биле потпишани во форма на анекс или фуснота на веќе постоечкиот Договор за добрососедство. Имате вие таква информација?
-Немам таква информација, но јас тоа го предложив уште пред 2020 година. Уште првиот пат кога Бугарија не даде дозвола за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Јас предложив да се направи анекс на Договорот, да бидат дадени гаранци и рокови и да се работи на исполнување на истите. Но таква информација дека Македонија предложила анекс немам. Немам информација бидејќи ако тоа беше верно ќе го дискутиравме вчера на состанок кај претседателот.
Каков ќе биде исходот од средбата на новиот бугарски и македонски премиер?
-Се надеваме дека ќе воспостават добри односи во полза на двете држави. На крајот на краиштата се навршуваат 30 години од кога првата држава во светот, Бугарија ја призна Македонија како независна и суверена држава. Тоа е еден добар повод за воспоставување на отворен дијалог затоа што Бугарија беше првата држава во светот која ја призна независноста и суверенетитот на Македонија во светот.
А. Митовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарскиот парламент забрани промоција на нетрадиционална сексуална…
По повеќе од 4 часа дебати и…
Траги-комедија во Бугарија: Огромен крокодил живее меѓу…
Двометарски нилски крокодил живее во јама на…
Земјотрес во Бугарија
Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…
Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија
Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…
Македонија ја прегази Бугарија за финале на…
Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на…