Еурека
Насловот го позајмив од големиот Антички математичар Архимед кој при секое ново осознавање или откривање го извикувал зборот ЕУРЕКА.
Веќе изминаа 16 месеци од упокојувањето на Еуростандард банка и мојата континуирана посветеност да дојдам до виновниците за овој несакан чин. Би сакал да ги откријам вистинските причини за стечајот на Еуростандард банка и секако да ја разберам генезата за поривите на организираниот криминал кој е длабоко вкоренет во реалниот живот, во највисоките инстанци на нашето општество. Бидете убедени, стечајот на Еуростандард банка е дело на организираниот криминал.
Минатата недела имав можост да го читам интервјуто на еминентниот експерт за финансиски и банкарски криминал, Драго Кос кој работи во Македонија на неколку случаи кои се поврзани токму со овој вид криминал, БАНКАРСКИ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ.
Во насловот на неговото интервју се вели, цитирам: ПОВТОРУВАМ, МАКЕДОНИЈА ИМА СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ СО СВОЈОТ БАНКАРСКИ СИСТЕМ.
Почитувани читатели, ова не е само моја лична констатација, бидејќи и јас сум плен. Ова е констатација на врвен од светски ранг признат експерт, кој работи токму на полето на организираниот банкарски криминал.
На 17 декември 2021 година, Комерцијална банка објавува јавно наддавање за продажба на мојот веќе запленет имот, Палата Македонија, каде на лицитацијата се појавуваат само две заинтересирани страни. Лицитирањето беше смешно, бидејќи основната цена не беше покачена
за ниту 2% при ова јавно наддавање. Замислете, победник излегува Илија Гечев, соопственик на фирмата ИГМ Кавадарци, клиент на Комерцијална банка и нејзин акционер.
Не знам како вие мои сограѓани ова го толкувате, меѓутоа, јас ќе кажам дека ова е најбезобразното крчмење на група „бизнисмени“ во Македонија, кои посегнуваат по туѓо, без трошка совест за тоа дека прават злосторство. Доколку постои морал, а во моментов тој е мисловна именка, Господинот Гечев кој е многу добар пријател со актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка, а истовремено и акционер, не смееше ниту во сон да помисли тој да го купи овој имот под услови кои што си ги знае само тесното раководство на Комерцијална банка и самиот Гечев.
Убеден сум дека оваа прозивка ќе предизвика големи реакции во јавноста, а посебно кај засегнатите страни, кои отворено ги обвинувам за свесно уништување на Еуростандард банка.
Денес ми се поставува прашање, имајќи го предвид капацитетот на актуелната Гувернерка на РМ Бежоска, дали можела да постапи поинаку? Факт е дека прескокнува дел од алатките кои ѝ биле на располагање со цел стабилизирање на банката, а тоа не го сторила.
Тие алатки се:
1.Вонредни мерки
Одземање на лиценци за работа на членови на Управен и Надзорен одбор, и раководниот тим на банката и да изрекува парични казни за секој поединец. Вакво нешто се нема случено во сторијата на Еуростандард банка.
2. АдминистрацијаДоколку предходните вонредни мерки не вродиле со плод се преоѓа кон администрација, што во превод значи, суспендирање на сите тела во банката и назначување на луѓе од Народна банка кои треба да извршат длабинска анализа дали постојат можности да банката се стабилизира или пак да се носи во стечај. Периодот за администрација е една година.
Госпоѓата Бежоска ги прескокнува последниве две алатки, а такво нешто може да стори човек кој што е некомпетентен или е под контрола на одредени структури во државата.
Господата „бизнисмени“ кои ќе се најдат прозвани, сакам да им укажам дека стојам исправено за сите можни последици кои треба да ги очекувам, бидејќи институциите Обвинителство и судство се повеќе или помалку под нивни ингеренции.
За сите нивни мерки кои ќе ги преземат стојам исправено и стоички ќе го издржам нивниот напад и бес, а на крајот ќе докажам кои се вистинските виноници за ваквиот криминал кој го доживеавме не само јас и моето семејство, туку и вие мои сограѓани, коминтенти на банката, вработени во банката, вработените во Македонски Пошти.
Јас продолжувам во мојата битка и ќе ја докажам вистината. Нема сила која може да ме одврати од овој пат.