Живко Чинго: „По сонцето сигурно најсветла работа на светот се мајкините очи, нејзината безмерна љубов.“
На денешен ден во 1935 е роден Живко Чинго
Чинго е роден во селото Велгошти, Охридско, 1935 година, каде го започнува своето школување, а го продолжува во Охрид и во Скопје.
По завршувањето на Филозофскиот факултет работи како професор во гимназијата во Охрид. Потоа доаѓа во Скопје и работи во весниците: „Студентски збор“, „Млад борец“, потоа во РТС, во Центарот за политички студии, во Републичкиот комитет за култура.
Исто така, бил советник во Министерството за култура и директор на МНТ. Добитник е на највисоките македонски и југословенски награди.
Пишувал раскази, романи и драми. Збирките раскази: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Семејството Огулиновци“; романите: „Сребрените снегови“, „Големата вода“, „Ал“ и „Бабаџан“ и драмите: „Четирите прекрасни годишни времиња“, „Образов“, „Сурати“, „Работници“, „Под отворено небо“, „Кенгуров скок“. Починал во Скопје, 1987 година.
Ова се некои од неговите најубави цитати:
„Дувај во срцето, рече Целе, срцето е најважно. Ако ти се затопли срцето, сè ќе ти биде топло.“ („Нешто за сонцето и стапиците за волци“)
„Јас бев вљубен. Ете, и во тоа време се случуваше човек да се вљуби. Да, просто човек се вљубуваше, сеедно какво беше времето. А јас врашки глупаво се вљубив, пропаднав целиот, другари мои добри.“ („Орден“)
„Еден ваков ден, – мислеше тој, – чини колку еден беден живот.“ („Најубавиот ден за Зурло“)
„Еден ваков ден никогаш не зајдува…“ („Најубавиот ден за Зурло“)
„ – Ти плачеш – рече Ангеле Јорданоски.
– Не, – рече Зурло, – не плачам.
– Ти плачеш, – повтори човекот.
– Тоа од дождот, – рече Зурло и полека, полека се упати кон својата куќа.
А дождовите непрестајно врнеа, врнеа…“ („Најубавиот ден за Зурло“)
„Времето никогаш не може да биде лошо.“ („Понекогаш кога ќе задуваше јужниот ветар“)
„Тоа беше август, најубавиот месец во годината, август кога во Пасквелија зреат смоквите.“ („Смртта на градинарот“)
„Оваа земја ќе ја снема од светот. Не ќе остане ниту камен, ниту дрво. Пустелија ќе биде оваа земја. Нејзината судбина е определена еднаш засекогаш по божјото претсказание и ништо не може да го спаси овој ѓаволски народ.“ („Пожар“)
„Куче да го држиш врзано со денови ќе поулави, а не човек…“ („Пожар“)
„Добриот сон пак се јавуваше, желбата за слобода и Сентерлевиот рид ништо не можеше да ја уништи во нашите малечки срца. Во нив имаше многу љубов, пријателе. Проклет да бидам, љубов.
Насекаде околу беше Големата вода, се колнам, тоа беше единственото нешто што ни остана од животот во домот. Што можевме поголемо, поубаво нешто да имаме?“ “ („Големата вода“)