Зајкова: Предизвик ќе ми биде да бидам прва жена претседател на ЛДП

t

По најавената оставка на Горан Милевски, пратеничката и заменик претседателка на ЛДП Моника Зајкова во разговор за ТВ21 вели дека ќе ѝ биде предизвик доколку оваа изборна година довербата ѝ ја дадат неа да ја води ЛДП.

„Доколку добијам поддршка и од членовите но и од актуелниот претседател мене ќе ми биде драго да бидам јас, ќе ми биде драго да ја водам партијата и да работам согласно либералните апостулати, а ќе ми биде предизвик затоа што историски гледано во партијата, првата жена претседателка на чело на ЛДП“, ни рече Зајкова.

Таа додава дека во партијата нема раздор ниту превирања.

„Во ЛДП апсолутно нема никаков раздор ниту превирања, она што се случуваше во минатиот период односно различните мислења и ставови кои што се изнесуваа во партијата јас би ги коментирала само како одраз на високо нивно на партиска демократија, а не некако раздор или превирања. Министерот најавил дека ќе поднесе оставка меѓутоа тоа е од лични причини“, додава Зајкова.

Инаку оваа година ЛДП влегува во година на изборен конгрес на кој секој член и органите и телата ќе носат одлуки за програмата како и избор на ново раководство.

„Секако ние сите сме во постојана комуникација од раководството и во рамките на органите и телата, но и со членовите и таквата одлука која и да биде сите ќе застанеме позади неа“, заклучи Зајкова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ