За власта нема ништо спорно Законот за здруженија и фондации да биде испратен до Венецијанската комисија

t

Откако завчера шефот на дипломатијата Бујар Османи од Софија најави дека ќе ѝ предложи на Владата да го испрати Законот за здруженија до Венецијанската комисија, за да даде оценка по забелешките од бугарските власти дека со него се прави директен удар врз бугарските здруженија во земјава, вчера премиерот Димитар Ковачевски со порака дека без разлика дали Законот ќе биде испратен или не на оценка таму, сите наши закони ќе минат низ филтерот на билатералниот скрининг со ЕУ. За министерот за правда Никола Тупанчевски испраќањето на Законот во Венецијанската комисија би претставувало превентива од евентуални несакани последици пред Европскиот суд за човеков права. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак, смета дека Законот треба што е можно поскоро да се применува.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи завчера во Софија на прес-конференција со неговиот бугарскиот колега, Николај Милков најави дека ќе и препорача на Владата по неодамна усвоените измени на Закон за здруженија и фондации, тој да биде испратен во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали навистина во него има нешто спорно, како што тврди Софија.

Без ниту еден глас против, ниту воздржани, пратениците и од власта и од опозицијата со 67 гласови „за“ минатата недела ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња. Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.

Со измените на двата закона се предвидува отфрлување на фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот во сите општествени форми на здружување. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.

На законот реагираше Софија, со став дека тој е всушност против бугарските здруженија. Бугарското МНР минатата недела изрази загриженост поради изгласаните измени на законите за здруженија и фондации и за политички партии. Според Министерството, измените имаат за цел „дискриминација и ограничување на правото на здружување на Бугарите во Македонија“, бидејќи има „еднострано толкување на историските факти“.

Ковачевски вчера порача дека измените на Законот за здруженија ги донесе Собранието со консензус, но без разлика дали ќе оди или не во Венецијанска комисија, сите наши закони ќе бидат разгледани во текот на билатералниот скрининг  со ЕУ и потоа ќе претрпат усогласувања.

Премиерот не очекува дека овој закон ќе претрпи усогласувања, бидејќи алудира само на тоа дека треба да се внимава на чувствата на нашите граѓани, што се однесуваат на користење на имиња од периодот на Втора светска војна при организирање какви било клубови или трговски друштва.

– Мојот став е дека нам ни треба нов закон за здруженија на граѓани и Министерството за правда работи на изготвување на комплетен закон, што ќе ги вклучи сите политички партии и експерти. Уште стојам на ставот дека како основа треба да биде земено германското законодавство, кое на многу висок степен ги има решено здружувањата на граѓаните, истакна премиерот.

За министерот за правда Никола Тупанчевски испраќањето на Законот за здруженија и фондации на мислење на Венецијанската комисија е од превентивни причини во однос на примената на одредбите кои се изгласани во Собранието за да не дојде до несакани консеквенции, кои во формална смисла би довеле до Европскиот суд за човекови права.

Европската пракса, како што рече тој, покажа дека закон може да биде проверен и по неговото донесување.

-Мислењето на Венецијанската комисија е добредојдено. Исходот не можеме да го прејудицираме. Можеби ќе оди во наш прилог. Факт е дека можеби добро би било оваа пракса да продолжи и во иднина, но тоа да биде пред донесувањето на законите, затоа што на некој начин е подобро да се реагира во таа фаза отколку кога ќе биде донесен законот, па после да добиеме пресуда од Европскиот суд за човекови права, изјави Тупанчески.

(МИА)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Почна интервјуирањето на 42-та кандидати за новиот…

Собраниската Комисија за прашања на изборите и…

Орбан со закон ќе ги контролира странските…

Унгарската владејачка партија Фидес планира да поднесе…

Почна амандманската расправа за Предлог Деловникот на…

Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања…

Марија Јаничевска е предложена за директорка на…

Марија Јаничевска е предлог за директорка на…