За Гаши македонското знаме е туѓо

t

Претседателот на Собранието – Африм Гаши ги осуди постапките поврзани со вчерашните настани кога, како што рече, беа палени и газени државни знамиња и напомена дека тоа е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница. Тоа го кажа во одговорот на новинарско прашање по посетата на општина Гостивар.

Во изјавата, тој оцени дека патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите, а според него треба да се истражи кој стои зад ваквите настани, но како што рече, не верува дека зад ова има политичка заднина.

– Ако е несовесно однесување на одредени граѓани, тие треба да понесат одговорност и секој да одговора за постапките. Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која било да е таа, рече претседателот на Собранието.

Гаши во коментарот испрати и порака до граѓаните да ги почитуваат симболите на државата и законите, меѓу кои и употребата на албанското знаме.

– Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување, рече Гаши.

Според него, потребно е унапредување на државата со зачленување во Европската унија, подигање на степенот на меѓусебна толеранција и унапредување на меѓуетничките односи. Тој нагласи дека треба да се работи во насока на зближување и градење на мостови и унапредување на државата.

На прашањето дали наративот на политичарите во изминатиов период има влијание за појавата на вакви настани, тој посочи дека тоа треба да го кажат органите чија надлежност е да ги расветлат последните случувања и откријат мотивите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ