За многу години! Денеска се празнува Светата маченичка Марина, меѓу народот позната како Огнена Марина

t

Родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабошци. Дури во својата дванаесетта година слушна за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека изврши многу чуда, прими крстна смрт и славно воскресна. Нејзиното младо срце се распали со љубов кон Господ и таа се заветуваше дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакаше да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво. Татко ѝ ја замрази заради нејзината вера и не ја сметаше за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дозна дека е христијанка, побара од неа најпрво да му биде жена. А кога го одби, ѝ нареди да им се поклони на идолите, на што света Марина одговори: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создател“. Тогаш Олимвриј ја стави на маки, па целата изнаранета ја фрли во затвор. Во затворот Марина Го молеше Бога и по молитвата ѝ се јави најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намотка околу главата. Но, штом светителката се прекрсти, змијата се распукна и исчезна. Тогаш ја заблесна небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнаа и се јави крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушна глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, беше исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачеше во оган и во вода, но Марина сè претрпе како во туѓо тело. Најпосле ја осуди на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јави Господ Исус со ангели. Беше заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата остана да живее на небото и на земјата. Една рака од света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга, над Охридското Езеро, се наоѓа манастир на света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите. Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Православната Црква утре го празнува споменот на…

Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај…

Денеска се празнува Преподобна Макрина

Најстарата сeстра на свети Василиј Вeлики и…

За многу години! Денеска се празнува Светата…

Родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабошци.…

Денеска се празнува Светиот свештеномаченик Атиноген, епископ…

Живееше во еден манастир близу градот со…

Денеска се празнува Споменот на шесте Вселенски…

Овој заеднички спомен на првите шест Собори…