За новогодишно украсување општините потрошиле 800 илјади евра, една фирма ги зела скоро сите пари
36-те македонски општини кои распишале тендери за новогодишно украсување потрошиле скоро 800.000 евра, односно секоја од нив во просек за оваа намена издвоила по околу 22.000 евра, иако разликите во тие трошоци од општина до општина се големи. Ова се наодите од новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое беше претставено денеска.
„Во најголем дел, тендерите за новогодишно украсување ги спровеле самите општини, а во помал дел, овие тендери ги спровело некое од нивните локални јавни претпријатија. 31 од овие 36 општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со 12 јануари 2026 година. Преостанатите шест општини сè уште не доставиле известувања за склучените договори, иако законскиот рок е само 10 дена по склучување на договорите“, велат до ЦГК.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување е 785.333 евра. Сепак, од ЦГК очекуваат вредноста на трошоците за
новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци, која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Меѓу трошоците на општините за новогодишно украсување има значителни разлики во сумите, покажува истражувањето. Притоа, нема јасно образложение за обемот и содржината на услугите.
„Највисокиот договор достигнува над 80 илјади евра, додека други општини за истата намена издвоиле неколкукратно помали износи. Така, најмногу пари потрошила Општина Штип -81 илјада евра, додека Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма. Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари.
„На 81% од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма така што една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава“, велат од ЦГК.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Скопјани ќе имаат две недели забавна…
Две недели ќе има новогодишна програма во…