“Зоро златна посестримо, дали еднаш ќе изгрееш силно над мојата татковина?” 83 години од печатењето на “Бели мугри”!

t

На денешен ден, 15 ноевмри во 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката, испечатена во 4.000 примероци, претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

„Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе.

Денови, Печал, Селска мака, Тутуноберачите, Ленка, Проштавање, Балада за непознатиот, Елегии за тебе, Утрото над нас, Татунчо, На Струга дуќан да имам, Копачите се песните преку кои Рацин ги буди Македонците, за да изгрее муграта и за нас.

Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух.

Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Името “Бели мугри” е симболично одберено и не претставува само разденување во социјална и економска, туку разденување и будење и во национална смисла.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ