Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(7.) Поенти, ставови, констатации, заклучоци и предлози
Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(7.)
/Поенти, ставови, констатации, заклучоци и предлози/
Поголема граѓанска партиципација, за вистинска демократија
Граѓанското општество мора да биде фокус на демократијата во Македонија
Демократија со повеќе “сива материја“ – да!
Демократија без народ – не!
До кога “спирала на молчење“?
Стоп за клиенталистичките политички структури!
Дали се зад нас аномичните состојби и времиња?
Во шест продолженија ги презентирав основните причини зошто во Македонија наместо вистинска и функционална имаме формална демократија, која е повеќе од нефункционална. Денес, и во следните две продолженија, ке ги презентирам завршните согледувања, главните поенти, ставови, и заклучоци во анализата(24 на број). Секако материјалот содржи и предлози за подобрување на нашата демократска пракса.
1.Како општество веќе 30 години градиме парламентарна демократија. Ама постепено, но евидентно го губиме чувството на сигурност (како институциите и политичките чинители, така и граѓаните) и извесност (дали и како ќе заврши денот и што ќе се случи утре?). Како да го губиме здивот и ни недостасува енергија за предизвиците со кои сме соочени. Евидентен е расчекорот меѓу она што се посакуваше – изградба на похумано општество, во кое ќе доминира начелото на еднаквост, правичност и солидарност и она што е конкретна стварност. Сведоци сме на бројни аномалии во функционирањето на системот и демократијата во него. Севкупноста на дејствувањето на сите чинители на демократијата (политика, економија, граѓанско општество) мора да биде фокусирана на одржливоста и сигурноста на сите демократски сегменти на општеството и обезбедување на извесност на задоволително ниво. Со неизоставно учество(со висок степен) на граѓаните во сите текови и сегменти на функционирање и опстојување на демократското општество.
2.Меѓупартиските пресметки, тривијалниот собраниски амбиент, партизацијата на државата и општеството, во последните 10-15 години, се основните содржини на политичкиот живот во Македонија. Сите овие девијантни појави особено беа изразени во предизборниот процес, а најмногу во изборната кампања во склопот на Претседателските избори 2019, Парламентарните избори 2020 и Локалните избори 2021. Тие се резултат на хибридна политичка култура на носителите на политичката власт, што е карактеристика на нови млади демократии, општества во транзиција и општества со аномалии во социјалната структура, какво што е македонското општество. На ваквата состојба се надоврзува и клиентелистичката политичка структура на граѓаните-избирачи, која е дискриминирачка, деградирачка, бездушна, користољубива и нехумана од аспект на односот власт (која спроведува избори), граѓани-избирачи (кои треба да ја подржат или не таа власт). Овие две девијантни политички култури, го создаваат синдромот “раздробено општество“, во кое општествените, политичките, економските и граѓанските структури се недооформени, нестандардизирани, несозреани, од една страна, и непримерно и неприродно спротивставени и во траен конфликт, поради тоа што се раководени од отуѓени и недефинирани центри на моќ, кои вредносниот систем на општеството го первертираат за 360 степени, т.е го поставуваат наопаку. Тие структури и таквиот первертиран вредносен систем се основата на која се создава реалноста наречена “хибридна демократија“, како штетна аномалија на вистинската демократија. Овие демократско фалични и морално и интелектуално извитоперени особини на политичките актери и граѓаните-избирачи мораме да ги излекуваме и заздравиме со вбризгување на вистинска “сива материја“ (демократска политичка култура). Таа сива материја, т.е. демократска политичка култура, е вистинско сврзно ткиво и амалгам на нашиот конкретен социолошки и културен простор. – Но само под услов на целосна опфатеност на социјалното милје, од социолошки, комуникациски, политички, културолошки, историски, психолошки и културен аспект.
3.Граѓаните на Македонија, со тек на времето, очигледно станаа поцинични во однос на политиката каква ја водат политичките партии во Македонија и помалку склони да учествуваат на избори. Излезноста на избори од 84,8% на парламентарните избори 1991г., преку 73,4% во 2002, се намали на 52% во 2020г. Комуникацијата со граѓаните мора да се издигне на повисоко ниво, што претпоставува многу по искрен и чесен однос на политичките партии кон нив. Само така партиципацијата на граѓаните во демократските процеси на општеството и државата ќе се подобри и граѓанинот ќе стане основен чинител на севкупниот општествен живот во Македонија.
4.Се поголем е бројот на граѓани кои немаат доверба дека нивните претставници на власт ќе дејствуваат одговорно и дека ќе ги сторат вистинските работи во интерес на тие што ги избрале. (Опаѓањето на доверба кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како две водечки партии во Македонија само за четири години, од 2016г. до 2020г. се намали од 891 558 гласа на 642 752 гласа – за цели 248 806 гласа)
5.Граѓаните-избирачи, голем дел од политичарите ги доживуваат како марионети на моќни интереси, а не како доблесни лидери посветени на вредна кауза. Oсобено после референдумот и погазувањето на вољата на избирачите, промената на уставот и името Република Македонија.
6.Граѓаните дадоа знак и изразија длабока загриженост за квалитетот на нашиот граѓански живот (општествен, политички, економски, социјален, здравствен). Тоа е јасен сигнал дека тој не е на задоволително ниво. Како прво, перцепцијата за општата социо-политичка состојба на населението во Македонија е негативна. Основни чинители за таквата сосотојба се: состојбата со невработеноста во Македонија е многу лоша – крајно загрижувачка. Во сите релевантни истражувања околу 70% од испитаниците секогаш овој проблем го истакнуваат како најголем и најгорлив; Веднаш по невработеноста, зголемувањето на сиромаштијата и намалувањето на личниот стандард, на голем дел кај населението е проблем кој зема замав и е горлив; Економската ситуација во земјата повеќе од 55% од популацијата ја оценува како лоша и загрижувачка; Проблемот со образованието на младите и образовниот систем воопшто за 40% проценти од популацијата е основен и најголем. Незадоволни се од политиките на чести промени во системот на образование, а особено од маргинализирањето на граѓанското општество (Претходно наведените бројки и индикатори покажуваат недоволна вклученост на граѓаните во демократските процеси).
Загрижувачка е состојбата и со загадувањето на животната средина и начинот на справување со него за 55% од популацијата е голем и власта неуспешно се справува со него; Без малку една половина од населението мисли дека во Македонија севкупните економски, социјални, политички и општествени состојби се движат во погрешна – несакана насока; Криминалот, корупцијата и непотизмот се во пораст и состојбата на планот на нивна експанзија е загрижувачка – сиромаштијата се шири и нејзиниот обем станува загрижувачки; Нема владеење на правото, судството (судови, обвинителства) е партизирано, довербата во институциите е на најниско можно ниво.
7.Во овие аномични состојби и времиња, поради евидентните (напред наведени) дезинтегративни процеси, граѓаните се чувствуваат препуштени сами на себе и не секогаш се во состојба да ја воспостават онаа неопходна дистанца која што ќе им овозможи непристрасно, реално и објективно да ги перцепираат состојбите и опасностите што од нив произлегуваат.
После референдумот 2020-та и непочитувањето на изразената воља на народот од страна на власта, после компромитирањето на власта со насилната промена на Уставот и името, а особено после неколкуте физички напади и нанесени повреди од страна на полицијата врз демонстранти на митинзи (припадници на навивачки групи, на патриотски здруженија, и на инелектуалци, професори и актери) настана една состојба на чуден општествен пасивизам и молк. Сето ова беше продлабочено и од заканите од казни и репресии, упатени кон граѓаните, од страна на техничката власт и полицијата.
Тој страв се покажа како антрополошка константа, која голем број луѓе ги внесе во “спирала на молчење“. Сведоци на една оптичка и акустична илузија – во поглед на вистинските односи и состојби со и во мнозинството (на власта и во народот) и во поглед на вистинските односи на сила и моќ во општеството. Едните мислат дека нивното мислење е видливо и преовладува (мислењето на политичарите) и им изгледа повлијателно и посилно од колку што е реално. Другите пак упорно молчат и оставаат впечаток на немоќ. Така настанува искривената слика за позицијата и силата на мислењата. Состојба кога мнозинството од власта има погрешна слика за расположението и ставовите на мнозинството од народот.
Мнозинството (првото) погрешно го перцепира и проценува мнозинството (второто) – феномен познат како pluralistic ignorance. Тоа е состојба на двојна клима на мислења, за една и иста работа, која како по едно непишано правило, секогаш ескалира со зголемена апстиненција од гласање и намален процент на излезеност на гласачите, но и со неочекувани изборни резултати. Крајно време е да се чуе гласот на народот (проблеми, барања, интереси), во вистинска смисла на зборот, а пренагласената партизација на државата и општеството да се сведе на прифатливо ниво и во нормални рамки.
8.Во државата и пошироко во општеството никој веќе не е задоволен од функционирањето, поточно од нефункционирањето на правната држава, селективната правда и бавноста на постпките за повреда на човековите права и слободи. Време е сите општествени субјекти да се заложат за неодложно профункционирање на правото, и владеење на законите.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зеленски: Поддршката од Русија за Иран ја…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека одбраната…
Украинската армија доби нов командант
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи…
Експлозија во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во…
Експлозија се случила вечерва во резиденцијата на…
ПДПР со демант и објаснување на денешниот…
Реакција и демант По повод видеото што…
Макрадули: Секогаш кога ДПМНЕ е на власт…
*Објава на Фејсбук на Јани Макрадули: -…