Ивица Томовски ќе биде нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?

t

Актуелниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој воедно е директор на централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, според информации на „Фокус“, е сериозен кандидат да стане нов партиски генерален секретар.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на следниот месец ќе одржи редовен изборен Конгрес, на кој се очекува трет последователен претседателски мандат да добие Христијан Мицкоски, кој веќе најави големи промени во структурата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Од 1 јануари 2026 секако ќе има голема и сеопфатна промена на структурата на ВМРО-ДПМНЕ како партија, бидејќи полека но сигурно е потребно дел од генерациите да се менуваат со нови, дел обавуваат државни функции, дел општински функци, вклучително и мене. Бидејќи ако ја добијам поддршката од делегатите, според Статутот на партијата, тоа е мојот последен мандат – рече Мицкоски на почетокот на годинава.

На иста линија, тој говореше и во едно од предизборните интервјуа. Тврдејќи дека по локалните нема да има предвремени парламентарни избори, Мицкоски порача дека она што сигурно ќе се случи по изборите е одржување на партискиот изборен Конгрес во декември во Кавадарци, по што ќе следува голема реконструкција и во структурите на ВМРО-ДПМНЕ и во Владата.

-Ќе има големи промени во структурата на партијата и одредени промени во Владата и институциите. Откако ќе направам детална анализа ќе можам повеќе да кажам, зашто не е само да смените некого, туку тој што ќе го менувате треба да му најдете соодветна замена и треба да имате одредена доверба. И тој што ќе дојде треба да биде подобар – рече тој.

Оттука, премиерот Мицкоски подолг период наназад најавува дека по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да се одржи на 6-ти декември во Кавадарци, ќе има промени во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и во Владата, меѓутоа не открива кого ќе опфатат овие кадровски промени.

Освен што тој треба да биде реизбран за партиски лидер, на претстојниот Конгрес треба да се избере и нов состав на Централниот комитет, по што ќе следува и избор на нов Извршен комитет, од чии редови, пак, потоа се избираат потпретседатели и генерален секретар.

Откако Мицкоски за првпат стана партиски лидер на валандовскиот Конгрес во 2017 година, потпретседатели на партијата непрекинато досега се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за одбрана Владо Мисајлковски.

По последниот Конгрес одржан во Скопје пред 4 години, пак, нови потпретседатели станаа тогашниот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски, кој во меѓувреме стана министер за надворешни работи, како и актуелната министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Доколку повторно преовлада ставот ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да има потпретседатели, треба да се очекува еден од четворицата потпретседатели да стане некој од избраните градоначалници на партијата, при што во преден план избива скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Според информации на „Фокус“, постојат размислувања за избор на нов генерален секретар на партијата на местото на Ѓорѓи Сајкоски, кој е прв партиски оперативец по повлекувањето на актуелниот генерален секретар на Владата Игор Јанушев во 2020 година.

Како што велат високи партиски извори, меѓу најсериозните кандидати за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи Ивица Томовски, кој воедно е и директор на централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

–Не би коментирал, би оставил партиските органи и тела и претседателот Мицкоски да одлучат – кусо ни изјави Томовски, одговарајќи на прашањето дали е точно дека е во игра за нов партиски генсек?

Инаку, по партискиот Конгрес треба да започне и процес на избор на нови претседатели на општинските комитети на владејачката партија, при што неофицијалните информации одат во правец дека ќе се изберат претежно нови луѓе.

Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ивица Томовски ќе биде нов генерален секретар…

Актуелниот директор на владината Служба за општи…

Вучиќ ги отфрли обвинувањата дека бил дел…

Српскиот претседател Александар Вучиќ во четврток ги…

„На Виткоф му е потребен психијатар“: Европејците…

Дипломатите и функционерите реагираат со негодување на…

Фетаи на свечена академија по повод Денот…

Заменик претседателот на Владата задолжен за политики…

ПУТИН КАЖА ДЕКА ГО ПОДДРЖУВА АМЕРИКАНСКИОТ МИРОВЕН…

Владимир Путин потврди дека го примил и…