„Илинденска“ Скопје via Москва: Директни пипци од кабинетот на Путин и Песков во македонската Влада?!
Ќерката на вицепремиер во земја членка на НАТО е директорка во фонд основан по наредба на претседателот и МНР на Руската Федерација. Неофицијално истата работи во кабинетот на портпаролот на Путин?!
Ако досега руското влијание во македонските институции беше индиректно, со посредници, можеме ли отсега да кажеме дека е директно во македонската Влада, заклучете сами по текстот во продолжение.
На 23 јуни годинава беше избрана новата Влада на Република Македонија, на чело со премиерот Мицкоски. Мицкоски има неколку заменици, односно вицепремиери, меѓу кои и Иван Стоиљковиќ кој е заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.
Македонската јавност одамна знае за проруските настројства на новиот вицепремиер, гледавме негови фотографии од настани во Москва и Белград на политички настани, но веројатно не знаела дека тој има директна врска со Москва преку неговата ќерка.
Која е Сандра Стоиљковиќ?
Ќерката на нашиот вицепремиер е „координатор на програми“ на Фондацијата Горчаков и активен член кој партиципира во сите поважни настани и пограми на Фондацијата која е основана со „благослов“ на рускиот претседател, а од страна на руското МНР, за што ќе прочитате малку подоцна.
На 27 февруари во 2023 година Стоиљловиќ имала и свој говор на тркалезна маса „Бизнисот и НВО: Проширување на територијалните граници и можности“ во кој Стоиљковиќ им објаснува за учесниците дека мора да ја испитаат целната група, пред да инвестираат.
Сандра Стоиљковиќ учествува и на „Балкан дијалог“, настан кој Фондацијата го организира секоја година во различна држава од Балканот, каде се истакнуваат врските на балканските земји со Руската Федерација, а воедно, практично се регрутира и кадар кој ќе продолжи да шири руска пропаганда на Балканот (како што била пронајдена и ангажирана и Сандра Стоиљковиќ).
Како што можете да видите, Стоиљковиќ била дел од „Балкан дијалог“ 2020 година, а истата била споделена и од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, на истиот настан се обратил и амбасадорот Сергеј Баздникин.
Учествувала и на „Балкански дијалог“ 2022 година, за што се објавени фотографии на официјалната веб-страница на Фондацијата.
За внатрешните трендови во Југоисточна Европа: резултати од третиот работен ден на „Балкански дијалог 2022“ е насловот на објавата каде на насловната фотографија се гледа и Сандра Стоиљковиќ.
Неофицијално, Сандра Стоиљковиќ работи и во кабинетот на портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков, или барем е блиска до него и стуктурите околу него.
Што е Фондацијата Горчаков?
Фондот за поддршка на јавната дипломатија „Александар Михајлович Горчаков“ е основан од страна на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, а по декрет на Претседателот на Руската Федерација на 2 февруари 2010 година.
Мисијата на Фондацијата е да го поттикне развојот на полето на јавната дипломатија и да промовира дормирање на поволна социјална, политичка и деловна клима за Русија во странство.
Како што можете да видите, во делот на мисија и задачи на фондот се наведени повеќе работи, промовирање на социјални, културни, образовни, научни и програми за управување во областа на меѓународните односи, анализа на економската и општествено-политичката состојба, учество во научно-образовниот процес и слично, но особено интересни се две од овие точки и тоа:
- промовирање на формирање на благопријатно јавно мислење за Русија во странство и
- промовирање на интелектуалниот, културниот, научниот и деловниот потенцијал на Русија во странство.
Како што стои на официјалниот сајт на Фондацијата, тие можат да обезедат и грантови за спроведување на иницијативи поврзани со работењето на Фондацијата, дури и на странски и меѓународни невладини организации. Согласно статутот кој ќе го видите подоцна, забрането е финансирање на политички партии, барем формално.
Во списокот на приоритетни области на активност на Фондацијата Горчаков за 2025 година е и „одржување на стратешките основи на интеракција меѓу Русија и земјите од Балканскиот полуостров“.
Да го погледнеме и Статутот на Фондацијата.
Во Статутот уште еднаш се повторува дека основач на Фондот е руското МНР. Фондот има право да отвора банкарски сметки на територијата на Руската Федерација и во странство и може да врши било какви трансакции кои не се забранети со Закон во Руската Федерација.
Во делот за активностите на Фондот, се наведува дека истиот учествува во анализа на економско и општествено-политичката ситуација и инвестицискиот и иновацискиот потенцијал на на Русија во странство. Дополнително, може да обезбедува финансиска, методолошка, организациска поддршка за заинтересирани домашни, странски и меѓународни организации кои имаат иницијативи што одговараат на статутарните определби на Фондот, а обезбедуваат и грантови и стипендии. Во превод и со недипломатски речник, скенираат каде и како Русија може да влијае, преку кого и кој може да се финансира за да пушти „добар збор“ за Руската Федерација во одредена држава, бизнис кругови, кај политичари и слично.
Исто така, во делот на мисии, во Статутот на Фондот стои и дека ќе промовираат формирање на поволно мислење за Русија во странство.
Како што можете да претпоставите, Фондот е директно контролиран од руското МНР.
И уште еднаш да повториме, Фонот има можност да додели грантови на домашни и странски невладини организации, поединци, новинари и слично, кои би ги спроведувале интересите на Фондот.
И кога ќе ги прочитате мисијата и задачите на Фондот Горчаков, логично е да се запрашате дали Фондот финансирал невладини организации, поединци, новинари и слично во Македонија, кои имале за цел да шират руска пропаганда во Македонија? Дали доколку е така, дел од финансиите индиректно завршиле во некоја или некои партии?
Прашањата се многу логични и македонските надлежни органи би требало да истражат бидејќи директор во овој Фонд е токму ќерката на вицепремиерот Стоиљковиќ, што може да значи дека руското влијание во Македонија не оди посредно, туку директно преку член на македонската Влада.
Во сегменти од кратко интервју на Сандра Стоиљковиќ од пред две години, на прашање што значи тоа што руската амбасада има две мали згради во Скопје, а американската има „цел кварт“ во градот, таа одговара дека „тоа што амбасадата е помала не значи дека ние сме помалку силни“ и додава дека важно е како вработените таму ќе си ја завршат работата.
Погледнете делови од интервјуто, преведени на македонски јазик, во продолжение:
Секој може да има одредени чувства кон некоја држава, но прашање е како во држава членка на НАТО, вицепремиер има директна врска со Москва, а истиот тој вицепремиер ќе присуствува на седници на Владата каде се одлучува за државни и воени тајни, меѓу другото и на НАТО. Дополнително, дали Стоиљковиќ може да добие НАТО-сертификат имајќи ги предвид блиските релации со Руската Федерација.
И повторно, македонските надлежни органи треба да истражат како ова влијае на работата и одлуките што ги носи Владата и дали овој Фонд можеби финансирал и организации во Македонија за истите да шират „благопријатно мислење за Руската Федерација“.
А.Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кулеба ќе ги убедува африканските држави да…
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ќе…
Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…
„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…
Сијарто: Прекинот на транзит на нафта од…
Министерот за надворешни работи и надворешни економски…
Русија ќе обезбеди поддршка за Северна Кореја…
Рускиот претседател Владимир Путин денеска му порача…
Блумберг: Размена на затвореници меѓу Русија и…
Новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович и…