Им ја укинаа инвалидската пензија и им ги бараат парите назад: 91 граѓанин ќе треба да вратат големи суми на пари во ПИОМ
Само во 2020 година се водат спорови за 11 привремени инвалиди, за кои се проценило дека престанале условите за инвалидитет и на кои им се бараат во просек по 5.800 евра да вратат назад, како неосновано примени пензии додека траел жалбениот период.
За 4 години, од 2017 до 2020 година, на 91 корисник на инвалидска пензија, по контролниот преглед им е укинато ова право, а дел од исплатените пензии им биле барани да се вратат назад. Ова го откриваат ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија, кој повеќе години укажува на овој проблем предизвикан од недоследности во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и никој не презема ништо за да се смени регулативата.
Со важечкиот закон, контролниот преглед е задолжителен, а по решението на Комисијата, корисникот на привремената инвалидска пензија има право на жалба. Во меѓувреме, пензиите се исплатуваат, но ќе мора да се вратат ако второстепена комисија потврди дека престанале условите за исплата на инвалидската пензија.
Државниот завод за ревизија за ова реагирал и пред две години кога утврдил дека во 2017 година се воделе 25 вакви предмети и дека се исплатени пензии во вкупен износ од 58.569 евра што треба да се вратат, а дека во 2018 година се воделе 44 предмети и вкупен износ на исплатените пензии што треба да се вратат изнесува 174.845 евра. Во новиот извештај на ДЗР пишува дека во 2019 година имало 14 предмети со вредност од 77.284 евра и во 2020 година се евидентирани 11 предмети за кои се водат спорови за враќање инвалидски пензии во вкупен износ од 64.000 евра. Ако се гледаат само последните податоци од 2020 година, може да се забележи дека секој од 11-те граѓани што се сметале за привремени инвалиди, треба да вратат по 5.800 евра! Згора на сè, како што забележува ревизорот, на овие граѓани, додека се третираат како привремени инвалиди, не им мирува работното место.
„Со воведувањето задолжителен контролен преглед со кој може да се смени правото и исплатата на времена инвалидска пензија, оваа законска одредба предизвикала тешкотии во практичната имплементација. Имено, сè до конечност на решението, на корисникот му се врши исплата на пензија. Во случај кога со конечност на решението ќе се потврди дека кај лицето не постои инвалидност, се изготвуваат пресметки на штети настанати поради неосновани исплати. Од друга страна, со законските решенија не е уредено мирување на работен однос во услови кога е доделена времена инвалидска пензија, поради што осигурениците на кои им се укинува времената пензија, остануваат незаштитени во делот на правата и обврските од работен однос. Ваквите околности значајно ја отежнуваат наплатата на побарувањата по оваа основа, особено поради недоволните механизми за присилна наплата со кои располага Фондот и несоодветни законски решенија за обезбедување на исплатените времени пензии“, пишува во новoобјавената ревизија за Фондот за ПИОМ.
Во Ревизискиот извештај е констатирано и дека имало и претплати на пензии, како и продолжена исплата на пензии на веќе починат пензионер. И ова е долгогодишен проблем, за кој е потребна подобра координација на институциите. Сите видови неосновано исплатени пензии, според ДЗР, во 2020 година изнесувале 3,7 милиони евра.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Трајче Начаров е жив и здрав,…
Велешанецот Трајче останал без пензија, отпремнината била…
(Видео) Кадија те тужи, кадија те суди:…
Како смохран родител секој има право на…
Најниската пензија треба да биде 20.000 денари,…
Пензионерите револтирано реагираат дека зголемувањето на септемвриската…
Од 30 август започнува исплатата на августовските…
Од 30 август ќе почне исплатата на…
Во пензискиот фонд за погреби недостигаат дури…
Пензиско-инвалидскиот фонд во својот извештај за работата…