Индулгенција за Јустиција: Во 21 век во Македонија со пари се простуваат гревови

t

Чувството да се живее во држава каде не постои казна за сторени кривични дела е, благо кажано, дефетистичко, фрустрирачко и депримирачко. Спознанието дека општеството е поделено на касти и одредени групи на граѓани кои за своите недела не сносат никакви последици, кај поданиците на државата создава чувство дека „државата за едни е мајка за други маќеа“. Живеејќе во патократска (владеење на психопати и мизантропи) држава граѓаните се ставени пред избор: да ја напуштат државата, неможејќи да се борат со неправдата; да се прават недоветни дека не ја гледаат патократијата со надеж дека нема да бидат тие кои на свој грб ќе го почуствуваат камшикот на неправдата; или да се спротивстават на неправдата но ова веќе бара храброст и напуштање на „зоната на комфорот“.

Еклатантен пример, за неказнувањето на сторителите на кривични дела во Македонија, е одамна заборавената метода на индулгенција, простување на кривичните дела (неделата) со откуп за пари. Кога во 12-от век Папата Иноќентие III, со цел да ја поправи финансиската состојба на Ватикан, вовел опростување на гревовите со плаќање на одредена сума на пари, не верувам дека помислил оти овој негов „изум“, на балканот во Македонија, ќе функционира и во 21-от век.

Аболицијата, која на неколку пати се реализира во Македонија, не е ништо друго туку индулгенција. Како што впрочем, слушајќи ги јавните поговарања, секое „помилување“ е проследено со завидна сума на пари, согласно стандардите на индулгенцијата. Секако, освен парите, помазаниците даваат завет дека неколку пати ќе ја кажат наизуст „Оче наш“, ќе се прекрстат и ќе го спомнат името на неговото величие „Папата“.

Можеби од овие причини, ставањето на аболицијата на ниво со индулгенцијата како метода на коруптивниот државен апарат во Македонија, биле фактите по кои се воделе судиите во Стразбург за да одбијат да ја верификуваат последната индулгенција. Поточно нашите „Папи“ и нивните индулгенции јасно ги поставија во методологијата на понерологијата (наука за злото). Се сеќавате како „Папата“, многу пати размислував од каде му тој прекар, даде индулгенција на најголемото зло за македонскиот народ – Црпнатиот. За висината на индулгенцијата никогаш не станало збор, тоа е деловна тајна па политички некоректно е да се праша.

Во нашата политичко-олигархиска каста, секоја банда си има свој „Папа“ кој се грижи за своите следбеници. Индулгенцијата, аболицијата, помилувањето е неприродниот блуд на нашите властодржци со Јустиција. Тоа е одговорот на сите наши „отворени прашања“: Зошто ни се случува егзодус на младите и високостручни кадри? Зошто организираниот криминал и корупцијата се општествено задолжителна норма, закон на државно функционирање, фундаментален принцип на државната управа? Како и одговор за анемичноста на стиропорната опозиција, самата агрегат на корупција и организиран криминал.

Моменталните „натегања“ на лидерот на опозицијата, во деминутив и колоквијално – Мици, околу уставните измени како и неговиот анахрон националромантизам не се ништо друго туку преговори за висината на индулгенцијата во замена за опрост на криминалните негови активности како и коруптивните „зделки“. Тема на задпараванските преговори, во некои анонимни кафеани по високите места далеку од „очите на јавноста“, се токму договори за цената која треба да се плати за кривичните пријави кои, делумно во нацрт, а некои оформени и во фаза на процесуирање, „лежат“ во фиоките на Јустиција. Верувам дека „Папата“ ќе се смилува, сите Ние вашите поданици понизно јавно Ве замолуваме, и ќе им даде индулгенција со цел Македонија да се вклучи во цивилизираниот свет и започне преговори за приклучување кон Европската унија. Со можност, дури, во некое извесно време Македонија се стори демократска држава во која ќе владее „силата на законот, а не законот на силата“. Како парадигма на моќта и немоќта, правото и праведноста.

Основно зошто законодавецот предвидел одредени дејанија да бидат пропишани како општествено недозволиви е со цел да се утврди одреден домострој, кој ќе им овозможи на сите граѓани слобода на живеење и еднаквост пред законот. Од оваа причина за кривичните дела одредил санкции, казни, како обид за потиснување на криминалните активности и задоволување на јавното мислење преку соодветен режим на третман на лица осудени за кривични дела. За жал во Македонија не важат овие највисоки дострели на современата цивилизација. Години на ред постојано слушаме за разни криминални дејанија кои властодршците наши бргу, бргу, преку своите корифеи во масмедиумите ги стават во графата афера, и тука завршува целиот „циркус“. Секако, Јустиција тоа не може да го види, одамна и ги прекрија очите, па како да реагира. Мечот со две острици на разумот и правдата одамна никој не го спомнува, прашање е дали воопшто постои или е само легенда. Доколку и се случи некоја „афера“ да го издржи тестот на времето тогаш на сцена стапува „папата“ и ….сите среќно си живеат! Ова е дијалектичкото единство по кое функционира оваа држава, создавајќи непримерни разлики помеѓу богатите и сиромашните односно оние кои можат да си купат индулгенција и оние врз кои властодршците тренираат строгост во почитување на законските норми.

Овде скоро секогаш се поставува круцијалното прашање: Што да се прави? Ова е за онаа група на граѓани која решила да живее во Македонија како цивилизирана демократска држава и се спротистави на неправдата на властодржците. Онтолошки гледано прашање е дали Јустиција е изнасилена во противприроден блуд, онака со превез преку очите или пак и таа самата, виктимолошки, допринела да биде вовлечена во противприроден блуд. Првиот одговор кој се наметнува е дека корупцијата ја онеспособила Јустиција да се спротивстави на обљубата од страна на младиот, убав, силен и моќен властодржец. Но, доколку вака се погледнат работите ќе навлеземе во дефетизам, односно нихилизам, што секако не е добро по здравјето на нацијата. Мораме да ја одвоиме формата од содржината. Јустиција мора да преживее таа е нашата последна надеж, но затоа пак она што ја пополнува нејзината создржина, новата каста на правосудието мора да помине низ „сито и решето“ на правдата и моралот. Поради ова мислам дека мораме да и дадеме индулгенција на Јустиција, поточно простување на гревовите, но не и на нејзините застапници кои ја злоупотребија нејзината, и нашата, доверба. Експериментите со специјални судови, Судски политички академии, позитивно-негативна селекција, мора да заминат во историјата. Како и арбитрерноста на одредени функционери да одлучуваат за правото и неправото, за злото и доброто поткрепени со поприлично голем број на аргументирани факти конкретизирани во евра, долари, злато, накит, скапи часовници, луксузни автомобили, туристички патувања на егзотични дестинации…

Движењето низ поими од христијанската традиција само ја покажува чудната злоупотреба, би рекол и храброст од страна на властодршците, да си земаат за право, онака лаички што би се рекло „од ракав“, да судат и даваат опрост за гревовите. Па во контекст на ова односно вистинските пораки на христијанството и православието за конструкција на домостројот, православната представа за меѓусебните односи тука на Замјата, меѓу луѓето, што вели Св. Апостол Павле: „И така, браќа, сега кога остарев и немоќен – пишува Св. Апостол Павле – јас Ве молам – внимание – да го изберете најдостојниот меѓу вас, а јас ќе ја ставам раката над него, т.е. ќе го благословам со Божјата благодат, дадена ми како Апостол“.

На денот на Св.Фотиј Цариградски и Св.Вукол еписком Смирнски (во месопусната недела – третата подготвителна недела пред Великот пост)

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…