Иран подготвен на компромиси за нуклеарен договор со САД, но бара укинување на санкциите
Иран е подготвен да разгледа компромиси за постигнување нуклеарен договор со САД, доколку Вашингтон е подготвен да разговара за укинување на санкциите, изјави за Би-Би-Си во Техеран заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи.
Американските официјални лица повеќепати нагласуваа дека токму Иран го кочи напредокот во долготрајниот преговарачки процес. Во саботата, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот Доналд Трамп претпочита договор, но дека „многу е тешко“ да се постигне таков со Иран.
Во изјава за Би-Би-Си, Тахт-Раванчи рече дека „топката е во американскиот двор да докажат дека сакаат договор“, додавајќи: „Ако се искрени, сигурен сум дека ќе бидеме на пат кон договор.“
Трамп се закани со напади врз Иран доколку не се постигне договор за ограничување на неговата нуклеарна програма, при што САД го засилија военото присуство во регионот.
САД и Иран одржаа индиректни разговори во Оман во февруари. Тахт-Раванчи потврди дека втор круг разговори ќе се одржи во Женева во вторник и оцени дека досегашните разговори биле „повеќе или помалку во позитивна насока, но е премногу рано да се суди“. И Трамп претходно ги опиша разговорите како позитивни.
Иранскиот заменик-министер како доказ за подготвеноста за компромис ја наведе понудата на Техеран да го разреди својот ураниум збогатен до 60%. Ова ниво е блиску до степенот потребен за производство на нуклеарно оружје, што предизвикува сомнежи дека Исламската Република се движи кон развој на нуклеарно оружје, нешто што Иран постојано го негира.
„Подготвени сме да разговараме за ова и за други прашања поврзани со нашата програма, ако тие се подготвени да разговараат за санкциите“, изјави Тахт-Раванчи, без да прецизира дали тоа подразбира укинување на сите или дел од санкциите.
Русија, која во рамките на договорот од 2015 година презеде 11.000 килограми ураниум со пониско ниво на збогатување, повторно понудила да го прифати материјалот.
Една од главните ирански позиции е разговорите да се фокусираат исклучиво на нуклеарното прашање. Тахт-Раванчи изјави: „Нашето разбирање е дека тие дошле до заклучок дека ако сакате договор, мора да се фокусирате на нуклеарното прашање.“
Тој додаде дека „прашањето за нула збогатување повеќе не е прашање и, од аспект на Иран, не е повеќе на маса“. Оваа изјава е во спротивност со неодамнешните коментари на Трамп дека „не сакаме никакво збогатување“.
Иранскиот преговарач повтори дека Техеран одбива да разговара за својата балистичка ракетна програма со американските преговарачи. „Кога бевме нападнати од Израел и Американците, нашите ракети дојдоа во наша одбрана, па како можеме да прифатиме да се лишиме од нашите одбранбени способности“, нагласи тој.
Тахт-Раванчи изрази загриженост за американското воено засилување во регионот, предупредувајќи дека нова војна би била „трауматична, лоша за сите… сите ќе страдаат, особено оние што ја иницирале оваа агресија“.
Иран повеќепати нагласи дека американските воени бази во регионот би се сметале за легитимна цел во случај на конфликт.
„Ако почувствуваме дека ова е егзистенцијална закана, ќе одговориме соодветно“, изјави тој, додавајќи дека „не е мудро ни да се размислува за такво многу опасно сценарио, бидејќи целиот регион ќе биде во хаос“.
Според него, постои „речиси едногласна согласност во регионот против војна“. Иранските претставници водат интензивни разговори со регионалните партнери, кои исто така разговараат со Трамп за итноста од избегнување нов конфликт.
И покрај скептицизмот на бројни набљудувачи, Тахт-Раванчи изјави дека Иран ќе замине во Женева со надеж дека договор е можен. „Ќе дадеме сè од себе, но и другата страна мора да докаже дека е искрена“, рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Иран подготвен на компромиси за нуклеарен договор…
Иран е подготвен да разгледа компромиси за…
САД понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски…
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни…
Израелскиот МНР Гидеон Сар ќе присуствува на…
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар…
Преговори САД-Иран следната недела во Женева
Оман ќе биде домаќин на разговори меѓу…
200.000 демонстранти против владата во Иран во…
Двеста илјади демонстранти се собраа денес на…