Исмаил: Како ДПМНЕ ја сведе комитската иконографија на импотентни симболи
Секоја револуционерна идеја станува безопасна кога ќе биде кооптирана од владејачката класа.“ – Антонио Грамши
Или, како патриотизмот и комитската иконографија од страна на ВМРО-ДПМНЕ се сведени на импотентни симболи и со тоа претворени во партиска маска на системски конформизам.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ, особено од позиција на власт, историјата си ја замислува само како алатка за оправдување на своите лаги. Па секогаш кога македонскиот народ треба да биде измамен потребно е прво да биде заведена неговата свест – особено пожелно (и погодно) е тоа да биде направено токму од ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа секогаш е одлична можност за тоа како симболиката и патриотската реторика можат да се искористат да се задржи контролата над членството и симпатизерите (гласачкото тело) додека нивната елита работи против нивните интереси, особено што самата таа нивна елита е антипот на емоциите кои ги евоцираат токму кај своите гласачи.
Па испаѓа дека патриотизмот е последното прибежиште на злосторниците (“злосторници“ не во тесна смисла, туку како лицемери и корумпирани елити).
За да биде појасно би елаборирал неколку елементи на ваквиот фолклор патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ.
1. Идеолошка празнина зад патриотската фасада
ВМРО-ДПМНЕ одамна функционира повеќе како корпорација (или интересовна група) со клановска структура, отколку како партија со доследна идеологија или стратешка национална позиција. Во сето ова комитската симболика единствено служи за мобилизација на емоции, а не за водечка политичка ориентација или акција.
2. Злоупотреба на историјата за политичка добивка
За ВМРО-ДПМНЕ историските фигури и симболи се средства за легитимација, не за инспирација. Така денешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ се производ спакуван целосно од странски центри (ЕУ, НАТО). Нацијата ја задолжуваат до коска додека спроведуваат либерално-капиталистички политики кои го голтаат секој потенцијал на нацијата.
3. Патриотизмот како фолклор
За мнозинството гласачи и поддржувачи, „патриотизмот“ е идентитетски фолклор, а не политички ангажман. Се пее „За Македонија“, се носат знамиња, но никој не се прашува што со Преспанскиот и Бугарскиот договор, што со Балансерот, што со Територијалната поделба; со Законот за двојазичност; со Изборниот модел со отуѓувањето на виталните ресурси на земјата…!?
4. Контрола на медиуми и симулација на отпор
ВМРО-ДПМНЕ преку блиски медиуми (на пр. Сител, Алфа, Република, Канал 5) успева САМО да симулира отпор – изјави за „ултиматуми“, „предавства“, „национален интерес“ — додека во институциите (со кои патем владеат) тивко капитулираат или калкулираат со алаш-вериш позиции.
Класичен пример за тоа е последната “полемика” меѓу Бујар Османи и Тимчо Муцунски каде Муцунски “жестоко ја брани” унитарноста (!?) заборавајќи дека пост рамковна Македонија де факто има многу многу елементи на федерација: Од “правична застапеност, преку територијална поделба и изборен модел, децентрализација, па се до двојазичност и [не]ефективната контрола на делови од територијата.
5. Лични и клановски интереси над идеалите
Во сегашниот партиски систем на ВМРО-ДПМНЕ, лоби групите, економските спонзори и личните интереси се далеку поважни од каква било идеолошка доследност. Секаков фолклор се исплати се’ додека има простор за манипулација со него.
Да скратам, постои огромна разлика меѓу реториката, иконографијата и практиката на ВМРО-ДПМНЕ. Комитската иконографија е симболичка обвивка што се користи за да се маскира бледата волја за вистинска борба, а често и соработка со структурите против кои тие симболи првично биле создадени.
Идеолошки гледано, ВМРО-ДПМНЕ е само симболичка опозиција, но на моменти, а особено во важни моменти, и корисна соработничка сила на процесите што ја дезинтегрираат државата. Така функцијата на оваа партија се појавува како клучна во амортизација на националното незадоволство со лажен патриотизам и политичкиот фолклор како инструмент, додека во позадина ги легитимираат и нормализираат процесите на дисолуција на нацијата
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Исмаил: Како ДПМНЕ ја сведе комитската иконографија…
Секоја револуционерна идеја станува безопасна кога ќе…
Почнува судскиот процес за нападот врз скопската…
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска…
Словенечки пожарникари и специјализирана опрема пристигнуваат во…
Специјалните противпожарни возила и опремата, кои денеска…
Изменет сообраќаен режим кај надвозникот „Влајко“ поради…
Во населбата Влае кај надвозникот „Влајко“ од…
ЕСМ доделил тендер на фирмата „Руд Коп”…
Продолжуваат скандалозните тендери во најголемиот државен загубар…