Исфрленото самарче… Волшебното самарче повеќе не е лектира?!

t

*Објава на Фејсбук: „Волшебното самарче“ повеќе не е лектира?

ИСФРЛЕНОТО САМАРЧЕ

Годинава се навршуваат 45 години од смртта на Ванчо Николески и 50 години од премиерата на детската серија снимена според неговото веројатно најпопуларно дело – „Волшебното самарче“. Николески потекнува од родот Мацковци кои во Црвена Вода се населиле некаде по 1860 година. Мацково било мало село, северозападно од селото Песочани, денес раселено. Тоа е овековечено во романот „Волшебното самарче“, каде што живеат главните протагонисти. Во романизираната верзија на Дебрца, тоа село е живо и оттука почнува една приказна за младиот херој на Народноослободителната борба. Романот е објавен во 1962 година. Набргу потоа, станува лектира за основното образование, не само во Македонија, туку и во останатите југословенски републики. Со ова, Ванчо Николески станува еден од ретките македонски автори чие дело се изучува во основното образование на другите републики. Деновиве, пишувајќи го името на авторот на пребарувач, прво што ми падна во очи беше едно дотогаш невидено издание на романот, на српско-хрватски. Оттука, пронајдов десетина различни изданија на книгата, објавени од повеќе издавачи, на латиница и кирилица, во различни временски периоди. Повеќето од нив се со тврд повез, со многу убаво илустрирани корици. Едно од тие споделувам и во оваа објава. Издавач е „Веселин Маслеша“ од Сараево, а отпечатена е во 1967 година, во библиотеката „Ластавица“ (Ластовичка). Последното издание на книгата кое го пронајдов на останатите јазици е од 1990 година. Како лектира во Југославија била и збирката песни „Воденичарот дедо Веле“.

Инспирирани од романот, редакцијата за деца на ТВ Скопје предводена од уредникот Генади Болиновски собира една импозантна актерска екипа и на локации во Дебрца и Охридскиот Регион се снима телевизиската серија, која ќе се здобие со огромна популарност. Со оглед на државното уредување, делата посветени на Илинденското востание или НОБ заземаа значајно место и во образовниот систем но и во радио и телевизиските програми. Се истакнуваше херојството на различни генерации кои се бореле за слободна Македонија. Сценаристи се Ацо Алексов, Ташко Георгиевски и Драгољуб Димовски, а Алексов е и режисер. Насловната нумера е компонирана од Димитар Масевски. Серијата се емитува во повеќе наврати, до денес, а пред неколку години беше реставрирана. Централен лик во серијата е младиот Трајче, кого го толкува Игор Џамбазов, а ова е веројатно улогата која ќе го направи популарен.

„Волшебното самарче“ останува лектира и во независна Македонија. Сè до пред неколку години, кога по сугестија на Министерството за образование е исфрлена од списокот лектири за основното образование. Ванчо Николески сега е застапен само со романот „Гоце Делчев“. Не успеав да пронајдам образложение зошто повеќе не е лектира. Новите генерации ученици нема да знаат за Мацково и неговиот млад јунак, нити за Дорчо и неговото „волшебно“ самарче. Се заборава и Дебрца и нејзината улога во Втората светска војна. Споменот за Ванчо Николески и неговите дела посветени на најмладите денес веројатно го чуваат само здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид, кое го организира балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ и Друштвото на писателите на Македонија кое ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади. Изданијата на „Волшебното самарче“ од Југославија сега се продаваат на интернет, по симболични суми, некои од нив се како нови. Македонските изданија веројатно можат да се најдат во библиотеките или кај продавачите на стари книги. Серијата е достапна на YouTube. Македонската телевизија, наследничката на ТВ Скопје одамна нема снимено некоја серија за деца. Образовниот сегмент на јавниот сервис веќе не постои.

Има песни со малку збора,

Тивки како ветрец благ,

Нив ги пее борец в гора, другар драг

Кога брани роден праг.

Деца бевме, кога стана народ цел,

Денот бел ни беше сон.

Едно утро во облак темен,

Згасна светло, сончев зрак

Оган силен тогаш вивна роден крај,

Против нем и ропски мрак.

Деца бевме, кога стана народ цел,

Денот бел ни беше сон.

ЛИНК од објавата на Фејсбук

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ