И овој е од тефтерчето? Собранието го избра Ардијан Демири за член на Советот на јавни обвинители

t

Собранието на Република Македонија денеска, со 49 гласа ЗА, 4 гласа ПРОТИВ и без воздржани гласови го избра Ардијан Демири за член на Советот на јавни обвинители.

Демири инаку е партиски функционер на ВЛЕН, а самиот Изет Меџити претходно на социјалните мрежи го претстави како координатор на партијата во Струга. Демири и Меџити имаат низа заеднички фотографии.

Две недели пред Меџити да биде избран за заменик-претседател на Владата и министер, на 13 јуни повторно е фотографиран на партиски настан со Демири.

50-годишниот Демири во биографијата напишал дека ги завршил студиите на Правниот факултет во 2004 година. Работел како преведувач, соработник и советник за правни прашања во Општина Струга. Положил правосуден испит и станал адвокат.

Демири во биографијата ги издвоил телевизиските настапи во дебати, каде бил соговорник за теми од правосудството. Бил и граѓански активист.

На овој предлог реагираше и Левица. Оттаму соопштија дека:

Иако Законот за Советот на јавните обвинители на РМ предвидува децидна забрана за членување во политичка партија на членовите на Советот – коалицијата ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со одлучна дрскост, сепак реши за член на Советот на ЈО да го смести Адриан ДЕМИРИ којшто е истакнат сопартиец на вицепремиерот Изет МЕЏИТИ и често портпарол на коалицијата ВРЕДИ, реагираат од политичката партија Левица.

– Наместо универзитетски професори, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии, истакнати правници како што наложува Законот – владејачката гарнитура која ветуваше реформи во правосудниот систем, одлучи да продолжи по теркот на СДС и ДУИ, па како ‘гарант’ за правда, инсистира на Демири со просек 6,97 на додипломските студии. Неговата биографија и прилози не содржат никаква надеж дека довербата од 2% воопшто би се покачила.

Од јавно достапните информации, а согласно доставената документација како кандидат, евидентно е дека предлогот на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ за член на Советот на ЈО, Адриан Демири, запишал, но не ги завршил постдипломските студии од областа на граѓанското право.

Според јавните објави на Демири на социјалните мрежи, може да се заклучи дека врв на неговата правничка кариера е успехот да го ослободи од казна затвор албанскиот играорец кој на Велигден постави големо албанско знаме на Самоиловата тврдина во Охрид изјавувајќи дека Охрид е албански град.

Македонските граѓани повеќе од три децении се ускратени од правда и правна сигурност од некомпетентен и корумпиран правосуден систем во распад со 2% доверба. Бизнис елитите на криминалните политички партии ДПМНЕ, СДС, ДУИ и нивните деривати, со секое доаѓање на власт, брзаат со поставување на свои партиски послушници на чело на правосудните тела, а со цел обезбедување на комоција во криминалното владеење и зацврствуање на сопствената моќ.

Овој предлог доаѓа во време на најавите на власта дека започнува чистка на обвинителите и судиите блиски до претходната власт, со што јасно се обелоденува вистинската намера на новите властодршци – УЗУРПАЦИЈА преку поставување на сопствени кадри избрани во партиските штабови, далеку од предизборното ветување за борба со криминалот и решавање на овој горлив проблем на македонското општество. – велат од Левица.

Според постојниот Закон за јавните обвинители, за член на Советот на обвинители се избираат универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии и други истакнати правници.

Парламентот во септември распиша оглас за членови што ги избира во Советот на јавните обвинители од редот на немнозинските етнички заедници.

Условот е да бидат дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнале со научна или професионална работа или со јавно делување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ