Казахстан: 29 преживеани и многу отворени прашања
По уривањето на патнички авион во Казахстан со повеќе мртви, причината за несреќата и натаму енепозната. Азербејџан ерлајнс и Руската управа за цивилно воздухопловство соопштија дека прелиминарните информации укажуваат на тоа дека пилотот се одлучил на принудно слетување по удар од птица. Од друга страна, претседателот на Азербејџан Илхам Алијев изјави дека според информациите со кои тој располага, авионот ја променил рутата поради лошите временски услови. Авионот „Ембраер 190“ утрото полетал од главниот град на Азербејџан, Баку, и требало да лета околу еден час до Грозни во руската Република Чеченија. Авионот со број на лет Ј2-8243 не можел да слета во Грозни и затоа се упатил кон алтернативен аеродром, вели Алијев. Сепак, останува нејасно зошто машината за таа цел отстапила стотици километри од првичниот курс. Актау се наоѓа на другата страна од Каспиското Море – спроти Азербејџан и Русија. „На социјалните мрежи кружат многу видео снимки од несреќата, Но, сè уште не ги знаеме причините за падот“, го пренесува државната новинска агенција Азертаг, претседателот Алијев кој додава дека има различни теории, но дека „работата треба темелно да се истражи“.
„Влијание од надвор е најреално сценарио“
Според експертот за воздухопловство Хајнрих Гросбонгард, магла или јато птици не се многу веројатна причина за несреќата. „Реално сценарио е влијание од надвор“, оценува тој за Тагесшау. „Авионот беше екстремно оштетен и не можеше да се управува со него. Ова не е нешто што може да го предизвика јато птици, на пример, кога моторите откажуваат, но леталото останува под контрола“, објаснува Гросбонгард.
Руските воени блогери не исклучуваат дека авионот можеби навлегол во зоните над Северен Кавказ каде утрото биле сузбивани украински беспилотни летала. Од интернет-следачот на авиони Флајтрадар24 велат дека авионот имал сериозни пречки со ГПС сигналите заради што пренесувал „лоши АДС-Б податоци“, односно систем за контрола на летање што се користи за прикажување на движењата на летот во воздушниот простор и за пренос на податоци за позицијата на авионите. На Русија постојано ѝ се префрла дека намерно ги попречува ГПС сигналите во регионот. Авионот во последните 74 минути лет над Каспиското море бил само под ограничена контрола на пилотот.
Инцидентот се истражува
Во Казахстан е формирана владина комисија која ќе го истражува инцидентот. Нејзините членови добиле задача да се упатат на местото на несреќата и да се погрижат семејствата на загинатите и повредените да ја добијат потребната помош. Казахстанската влада соопшти дека ќе соработува со Азербејџан во истрагата за падот на авионот, која меѓу другото се однесува и на наводите за „прекршување на безбедносните прописи“ во воздушниот сообраќај. Спасувачките тимови ноќеска ја пронашле црната кутија во која се бележат податоците за летот. Азербејџанската државна новинска агенција Азертак објави дека висока делегација е испратена во Актау за да ги истражи причините за несреќата на лице место. Претставници на производителот на авиони Ембраер за новинската агенција АП изјавија дека компанијата е подготвена да ги поддржи сите релевантни органи во истрагата. Азербејџан ерлајнс објави дека ќе ги прекине летовите меѓу Баку и Грозни и меѓу Баку и Махачкала, главниот град на руската република Дагестан, додека не се затвори истрагата за несреќата.
Уништени се носот и средниот дел
Бидејќи авионот се урна во близина на аеродромот Актау на Каспиското Море, имаше бројни видеа од несреќата кои беа споделувани на социјалните мрежи и на кои се гледа како патничкиот авион стрмно се спушта удолу пред да удри во земјата и да се претвори во огнена топка. Според фотографиите, задниот дел е помалку оштетен и според наводите во медиумите, преживеаните патници биле извлечени токму од овој дел. Предниот и средниот дел пак се уништени. На некои снимки се гледа авион чијшто среден дел е откорнат од крилата и остатокот од авионот, а на други се гледа како преживеани извлекуваат други патници од урнатините. Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, кој ја ужива поддршката од Кремљ, изрази сочувство. Состојбата на некои од лицата кои се хоспитализирани е исклучително сериозна, рече Кадиров. Тој и останатите се молат за нивно брзо закрепнување. Рускиот претседател Владимир Путин му изразил сочувство на претседателот на Азербејџан Алијев, соопштија од кабинетот на претседателот во Москва.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Казахстан: 29 преживеани и многу отворени прашања
По уривањето на патнички авион во Казахстан…
СДСМ: ДКСК да ја повлече скандалозната одлука…
СДСМ бара повлекување на скандалозна одлуката на…
Нови студентски блокади во Носи Сад: Дел…
Студентите од Нови Сад денеска организираат протест…
Во тек е апсење на Ненад Нешиќ,…
Акцијата за апсење на министерот за безбедност…
Кина ја гради најголемата хидроцентрала во светот…
Кина ја одобри изградбата на најголемата хидроцентрала…