Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

t

Светиот апостол Андроник

Еден од Седумдесеттемина. Роднина на Светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и Света Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија. Со Света Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест. Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).

Тропар
Светлината од исток стигна, до Панонските краишта преку тебе, о свети апостоле Андрониче, разобличувајќи ја лагата од овој свет, заедно со ревносната Јунија, ја растеравте маглата на незнаењето, приведувајќи кон Христа мноштво покајници, двојни венци добивте о апостоли и маченици Христови, молете го Спасителот на родот човечки, да ги помилува нашите души.

Светиот маченик Солохон

Родум Мисирец и римски војник под војводата Кампан, во времето на царот Максимијан. Кога дојде царска наредба сите војници да им принесат жртви на идолите, Солохон се изјасни како христијанин. Истото тоа го направија и неговите двајца другари: Памфамир и Памфалон. Војводата нареди и ги биеја и ги мачеа со страшни маки, под коишто Памфамир и Памфалон издивнаа. Солохон остана и натаму жив и го ставија на нови маки. Така војводата нареди со меч да му ги отворат вилиците и да му истурат во устата од идолската жртва. Маченикот со заби го скрши железото и не го прими во себе идоложртвеното. Најпосле низ двете уши му прободија писарско перо и така го оставија да умре. Христијаните го зедоа маченикот и го однесоа во домот на една вдовица, каде што малку закрепна од храната, па продолжи да ги советува верните да бидат истрајни во верата и во маките за неа. Потоа Му вознесе благодарност на Бога, го заврши својот земен живот и се престави кај Господ во Небесното Царство, во 298 година.

Тропар
Како војник на царот земен, младоста сила ти подари, Солохоне голем војниче, но Христос те повика на служба света победоносна, о поборниче на вистинската вера, со твоите сотрудници Памфамир и Памфалон згазнавте на лагата змиска, маченички венец примајќи, Царство Небесно наследивте, и сега молете се за нашите души од небесните дворови.

Свети Стефан, патријарх Цариградски

Син на царот Василиј Македонец и брат на царот Лав Мудриот. На патријаршискиот престол дојде после Фотиј и со Црквата Божја управуваше од 889 до 893 година. Мирно се упокои и се престави кај Господ, Когошто многу Го љубеше.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие…

Според календарот на МПЦ, утре се празнуваат:…

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат…

Соборот на Руските новомаченици и исповедници се…

Денеска се празнува Преподобен Григориј Декаполит

Роден е во Декапол Исавриски, од Сергиј…

Денес се сеќаваме на Светите маченици Гуриј,…

Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани.…

Денеска е Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Денеска е Свети…